Њујорк никс конечно ги израдува своите навивачи во „Медисон Сквер гарден“ откако со 130:118 го победија Сан Антонио. Со овој триумф Њујорк ја прекина неверојатната губитничка серија на свој терен, која траеше дури 18 меча. Никси беа само на еден меч од израмнување на неславниот НБА-рекорд на Далас од сезоната 1993/94, кога Маверикс загубија 19 дуели по ред на свој терен.
Њујорк имаше само четири победи во 28 меча сезонава пред своите навивачи, но против Сан Антонио одигра еден од подобрите натпревари сезонава. Домаќините ги добија сите четири четвртини за прва победа во „Медисон Сквер гарден“ по први декември 2018 година.
Дотсон со 27 поени беше најефикасен кај домашниот тим, а по 19 поени дадоа Смит, Кнокс и Мудиај. Сан Антонио, кој се бори за место во плејофот на Западот не очекуваше дека ќе загуби од најслабиот тим на Истокот.
Резултати: Њујорк – Сан Антонио 130:118, Денвер – ЛА клиперс 123:96, Торонто – Мајами 98:113.