Доколку денеска се обложите дека репрезентацијата на Македонија ќе стане европски шампион во фудбал во 2020 година, ќе добиете 2.000 пати поголема сума од уплатеното.
Букмејкерите на некои обложувалници во Велика Британија ги одредија квотите за европската титула, иако уште не се знае кои 24 селекции ќе играат на шампионатот закажан за 12 јуни до 12 јули.
Малку кој верува дека Македонија може да биде европски првак, за нас огромен успех би бил и самото учество на првенството, но теоретски можно е да бидеме европски прваци, па затоа има и коефициент од 2.000 за титула на избраниците на Игор Ангеловски.
Прва фаворит за титулата е Франција, пред Англија, Шпанија, Белгија, Германија и Холандија. Обложувалниците најмали шанси им даваат на тимовите од групата Д во Лигата на нации, што е реално и според рејтингот. За Косово, кој е наш ривал во полуфиналето, квотата за европска титула е 1.500, а на Македонија и Белорусија им се даваат исти шанси, и квотата е 2.000. Грузија е аутсајдер во мартовскиот бараж во Лига Д. Коефициентот за титула на Грузија е дури 5.000.