Обвинителството и жртвата на Дани Алвес ќе поднесат жалба, не се задоволни со пресудата

Поранешниот бразилски репрезентативец и еден од најтрофејните фудбалери во историјата, Дани Алвес, почна да ја одлежува затворската казна од четири и пол години за силување откако беше осуден во февруари.

Пресудата ќе биде обжалена од државниот обвинител и жртвата на Дани. Казната за 40-годишниот Бразилец е минимална за ова дело за кое е обвинет, а судијата ја донесе пресудата врз основа на олеснителната околност дека Дани на девојката ѝ платил отштета од 150.000 евра.

Минималната пресуда за делото на Алвес е четири години, а максималната 20 години. Адвокатот на жртвата уште не ја формализирал жалбата, но државата тврди дека 150 илјади евра не одговараат за обвиненијата и како такви не треба да се сметаат за олеснителна околност и намалување на вината. Исто така, Алвес не ја прифати пресудата, цело време тврди дека е невин и нема покажано жалење, што исто така не може да се смета за компензација, смета обвинителството.

Од друга страна, одбраната на Алвес настојува тој да биде ослободен со гаранција дека нема да бега до крајот на процесот по жалбите. Фудбалерот е зад решетки од крајот на јануари 2023 година.

Ако судот процени дека жртвата е финансиски добро обесштетена, пресудата на Алвес може да биде намалена само на две години, од кои една година веќе е помината, па тој би бил ослободен на почетокот на 2025 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести