Од Атланта објаснија зошто го препуштиле Дончиќ на Далас

Лука Дончиќ блеска во дресот на Далас. Како дебитант, во досега одиграните 55 меча, словенечкиот тинејџер има просек од 20,7 поени, 7,2 скока и 5,6 асистенции по меч, со 43 отсто просек на реализација од поле. Со ваквите бројки, Дончиќ е прв фаворит за освојување на наградата „дебитант на годината во НБА-лигата“.

Далас има мали шанси да влезе во плејофот, но и покрај тоа, се задоволни бидејќи сезонава добија вистинско засилување. Интересно е што пред почетокот на драфтот, Дончиќ требало да замине во Атланта. „Јастребите“ ја имале позицијата да бираат трет пик на драфтот, а Лука веќе имал одработено неколку тренинзи со тој тим.

Сепак, само на еден час пред почеток на драфтот се случил пресвртот, а генералниот менаџер на Атланта, Тревис Шленк, објаснува што е целата поента и зошто „јастребите“ се откажале од Дончиќ.

„Ова не го знаат многу луѓе. Ние требаше да го имаме третиот пик на драфтот и ќе го одберевме Лука. Се договаравме со неговиот агент, а тој имаше одработено неколку тренинзи со нашиот тим. Сепак, на еден час пред почеток на драфтот, добивме повик од Далас, од каде што побараа да им го отстапиме третиот пик, а ние да бираме петти на драфтот. Веднаш им реков дека за тоа да се случи, ќе треба да ни дадат и еден лотариски пик за следната сезона. Тогаш почнаа преговорите. За нас оваа трампа имаше смисла бидејќи нашите анилитичари пресметаа дека Далас за оваа сезона може да го добијат осмиот пик на драфтот, односно дека тие ќе бидат меѓу деветте најслабопласирани клубови во лигата“, објасни  генералниот менаџер на Атланта, Тревис Шленк.

Оваа одлука на Атланта тешко дека е правилна и исплатлива, па дури и да имаат можност на следниот драфт да го бираат осмиот пик.

- Оглас -

Најнови вести