Од Групата „Ц“ може да се очекува две селекции да одат многу далеку на Мундијалот

Петкратниот светски првак Бразил е предводник на групата Ц и речиси нема дилема дека Кариоките ќе бидат на првото место на крајот од групната фаза. Покрај Бразил, тука се и селекциите на Мароко, Шкотска и аутсајдерот Хаити.

Бразил од 2002 година чека да се израдува на светска титула. Главен адут на Кариоките ќе им биде селекторот Карло Анчелоти. Италијанскиот стратег, кој е „магнет“ за успеси и освојување пехари, пред една година беше назначен за предводник на селекцијата, и тоа со една цел, да го освојат трофејот на СП 2026.

Нејмар е главната ѕвезда во тимот, но сигурно резултатите нема да зависат многу од неговата игра. Тоа што Нејмар е во составот може да преставува и ризик затоа што може да предизвика и раздор во екипата и нарушување на атмосферата.

Бразил е силен на секоја позиција. Тука се голманот Алисон, потоа во одбраната ги имаат Маркињос, Алек Сандро, Данило, Габриел… Во средниот ред главниот товар треба да падне на Каземиро, Бруно Гимараиш, Фабињо и Лукас Пакета. Нападот е најсилниот адут на Бразил, каде што ги има Винисиус јуниор, Рафиња, Нејмар, Матеус Куња, Ендрик…

Мароко е репрезентацијата која испиша историска страница пред четири години на Мундијалот во Катар. Тоа е првата африканска репрезентација која успеа да стигне до полуфиналето. Мароко има одлична екипа и сега е главниот адут на Црниот континент. Капитенот Хакими е предводник на теренот, а најголем дел од играчите настапуваат во европски екипи.

Шкотска чекаше цели 28 години за повторно да биде дел од завршницата на СП. Во претходните шест настапи на Мундијалите, Шкотска секогаш настапите ги завршувала во групната фаза. Во 23 меча низ историјата на СП, Шкотска има само четири победи, седум нерешени и дури 12 порази со гол-разлика од 25 дадени и 41 примен гол.

Искусниот Крег Гордон е на голманската позиција, а капитенот Енди Робертсон од Ливерпул е лидер во одбраната, каде што уште се и Грант Ханли, Киран Тирни. Скот Мектоминеј и Џон Мекгини треба да бидат главни во офанзивниот дел, да се обидат да донесат радост и првпат да ја поминат групната фаза.

За Хаити најголем успех е што ќе биде дел од завршницата на СП и што ќе има можниост на најголемата сцена да одигра три меча. Вистинско чудо би било Хаити да успее да освои макар еден бод.

Комплетната подуда од Sport Life за мечевите од Светско првенство може да ја најдете ТУКА.

 

- Оглас -

Најнови вести