Милан остана со само седум победи по 17 одиграни дуели во Серија А и Росонерите едноставно се многу далеку од трката за титулата. Гигантот од Милано одигра 1:1 на „Сан Сиро“ против Рома, во меч на кој имаа предност, а потоа и една спорна ситуација по која многу револтирано реагираа.
При резултат 1:1 холандскиот интернационалец Рејндерс беше во ситуација да го загрози голот на гостите, кога врз него стартуваше Писили. Фудбалерот на Милан падна и почна да сигнализира дека има пенал. Арбитарот воопшто не сакаше да проверува повторена снимка, бидејќи беше уверен дека стартот е исправен и дека нема елементи за пенал за Росонерите.
Еден од оние кои најжестоко реагираа беше тренерот на Милан, Пауло Фонсека кој поради своите реакции заработи и црвен картон.
Интересно е дека пред мечот со Рома, италијанските медиуми најавија смена на Фонсека доколку Милан не победи. Овој црвен картон кој го доби тренерот на Милан може симболично да значи и негов крај во тимот од „Сан Сиро“.