Одбор на судии: Игор Стојчевски оправдано додели црвен картон, головите на Работнички се регуларни (Видео)

Одборот на судии јавно ја објави анализата на судењето во 29-тото коло од Првата лига, поткрепено и со видеа од спорните моменти. Игор Стојчевски, судијата на мечот Гостивар – Работнички, оправдано му додели црвен картон на Ли Ервин за груб старт над Матеј Ангелов, а исто така и головите на Работнички (вториот) се регуларни.

Натпревар КФГ ГОСТИВАР АД – ФК РАБОТНИЧКИ АД

9-та мин.

При еден пробив од левата страна во казнениот простор на домашната екипа, играчот од гостинската екипа ја центрира топката до негов соиграч, топката го удира домашниот играч во рака, која е спуштена надолу и во природна положба (без да го зголемува волуменот на телото) и не го менува правецот.

Исправна одлука на главниот судија, кој е одлично поставен, да дозволи играта да продолжи бидејќи нема елементи за казнен удар за гостинската екипа.

76-та мин.

Играчот од домашната екипа со број 33 преостро стартува на нога од позади над гостинскиот играч, а во истиот момент играчот со број 9 од домашната екипа со лизгачки старт и висок интензитет со отворен ѓон, грубо стартува во пределот над глуждот на гостинскиот играч и со тоа ја загрозува неговата безбедност.

Исправна одлука на главниот судија, кој има одлична прегледност и е многу добро поставен, без размислување оправдано да му додели директен црвен картон на играчот со број 9 од домашната екипа за груба игра, а на играчот со број 33 од домашната екипа жолт картон за преостар старт.

84-та мин.

Играч на гостинската екипа која е во напад е проигран од свој соиграч на десната страна од теренот за игра, во зоната пред првиот асистент судија. Во моментот на додавање на топката од својот соиграч, напаѓачот се наоѓа во дозволена позиција (нема офсајд-позиција бидејќи пред себе има двајца одбранбени играчи). Во продолжение на акцијата, по нафрлување на топката во казнениот простор гостинската екипа постигнува гол за 1:2.

Исправна одлука на асистентот судија, кој е одлично поставен во линија со претпоследниот одбранбен играч, да дозволи играта да продолжи, со што голот е регуларен.

Контролор на овој натпревар беше Никола Караколев од Штип и ја оцени судиската четворка со висока оценка 8,5.

Натпревар ФК ВАРДАР АД – ФК БЕСА 1976 АД

45-та мин.

Напаѓач од домашната екипа кој е во продор со топка на десната страна во казнениот простор на гостинската екипа непрописно е спречен со прекршок (сопнување) од страна на одбранбен играч.

Исправна одлука на главниот судија, кој е многу добро поставен и кој има добра прегледност, да досуди казнен удар за домашната екипа.

Контролор на овој натпревар беше Сашо Лазаревски од Куманово и судиската четворка беше оценета со 8,4.

Натпревар ФК СИЛЕКС АД – ФК СТРУГА-ТРИМ-ЛУМ АД

9-та мин.

Напаѓач од гостинската екипа во казнениот простор на домашната екипа се обидува да упати удар кон притивничкиот гол. Одбранбен играч прво ја блокира топката, а подоцна поради инерција на ногата на напаѓачот доаѓа до минимален контакт со ногата на одбранбениот играч.

Исправна одлука на главниот судија, кој е многу добро поставен и кој има добра прегледност, да дозволи играта да продолжи со удар од агол бидејќи нема елементи за казнен удар.

90+2 мин.

Играч од домашната екипа исфрустриран од досуден прекршок за противничката екипа поради туркање на противникот силно шутира топка кон противникот кој се наоѓа долу на теренот, во прекин на игра.

Исправна одлука на главниот судија да му додели директен црвен картон на домашниот играч со број 17 поради крајно неспортски однос – насилничко однесување.

Контролор на овој натпревар беше Љубе Ристевски од Демир Хисар и ја оцени судиската четворка со 8.4.

- Оглас -

Најнови вести