Европската ракометна федерација соопшти дека дуелот од првото коло во групата Ц меѓу Србија и Холандија што требаше да се игра вечерва е одложен и ќе се игра утре. Причина за поместување на терминот е позитивен тест на корона-вирусот кај една ракометарка од репрезентацијата на Србија.
Тестирањата на сите ракометарки биле направени по доаѓањето во Данска, а еден тест се покажал како позитивен. По протоколите на ЕХФ, ракометарката е изолирана во карантин, а останатите членови на српската репрезентација треба денеска да останат во своите соби.
Рано денеска е направено и второ тестирање, а доколку нема други позитивни случаи, дуелот ќе се игра утревечер.
Европското првенство започна вчера, а во првиот ден постигнати се следните резултати: Норвешка – Полска 35:22, Шведска – Чешка 27:23, Русија – Шпанија 31:22 и Романија – Германија 19:22.
Денеска ќе се одиграат три меча на ЕП: Франција – Црна Гора, Унгарија – Хрватска и Данска – Словенија.