Одложен стартот на кошаркарското првенство

Новата натпреварувачка сезона 2020/21 во Првата кошаркарска лига наместо на 3 октомври, ќе почне седум дена подоцна, односно на 10 октомври. Ова е предлогот на Здружението на прволигашите на заедничкиот состанок со раководството на Федерацијата, а одлуката треба формално да биде потврдена од Управниот одбор на КФМ.

Двете страни заклучија дека е потребно одложување на стартот на новата сезона за седум дена, со оглед дека и во домашната кошарка се појавија случаи на ковид-19. Цел тим на Работнички е во карантин до сабота, а во првото коло центарци имаат дерби со МЗТ Скопје Аеродром.

Клубовите не ја прифатија идејата на Федерацијата за играње во „меури“, ќе се игра стандардно, дома и на гости, а во следниот период ќе се финализира протоколот за тренинзи и за натпревари, кој треба да биде поднесен и одобрен од Комисијата за заштита од заразни болести. Ставот на поголемиот дел од клубовите е дека ако во некој тим има повеќе од тројца заразени, ќе следува прекин на првенството и карантин за сите кошаркари.

Скопското дерби ќе се игра на 14 октомври, со што на Работнички ќе му се даде можност да има повеќе време за враќање во тренажен процес по двете недели минати надвор од паркетите.

 

 

- Оглас -

Најнови вести