Легендарниот италијански фудбалер Џенаро Гатузо е нов тренер на сплитскиот Хајдук. За Билите од Сплит настапува и македонскиот репрезентативец Александар Трајковски, па веројатно голема чест ќе биде да се тренира и да се настапува под палката на легенда како што е Гатузо.
Ваквиот потег на раководството на Хајдук може да значи само едно, а тоа е дека екипата од Сплит повторно ќе има шампионски амбиции и следната сезона, иако оваа сезона и покрај големите засилувања, не успеа да го детронизира Динамо Загреб.
Гатузо како тренер ги водеше Сион, Палермо, ОФИ Крит, Пиза, младинците и првата екипа на Милан, Наполи, Фиорентина, Валенсија и Марсеј, додека како фудбалер настапуваше за Перуџа, Глазгов ренџерс, Салернитана, Милан и Сион. За репрезентацијата на Италија одигра 73 натпревари.