Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, на предновогодишна средба со новинарите даде свој коментар за нападите на Игор Ангеловски врз него и Федерацијата околу изборот на нов селектор.

„Имавме убава презентација на новиот селектор со убава порака за обединување. Човечки, културно и спортски е да се даде поддршка за избраниот. Кога бирате има 10 опции, а бирате една. Ангеловски некои свои лични амбиции ги стави пред репрезентацијата. Би сакал да каже кои се личните интереси кои ги имаме. Јас немам такви, работам про-боно. Крајно некоректно беше веднаш да реагира, можеше да почека. Му посакувам добро здравје, да поработи на тренерските способности бидејќи неговите последни ангажмани траеја пократко од рокот на јогуртот во супермаркет. Јас му се јавив лично двапати, да му укажам дека е еден од кандидатите. Од таа причина му кажав дека размислуваме меѓу него и Седлоски. Се одлучивме за новата енергија. Буквално ќе кажам, по таков напад мора да се каже и другата страна. Ни одговори дека би работел пак во Федерацијата и кажа дека ќе ја поддржи нашата одлука, и тоа јавно“, рече Омерагиќ.

