Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, и денеска ја продолжи „турнејата“ по хотелите во кои се сместени македонските екипи кои се подготвуваат во Анталија и околината.
Вчера Омерагиќ имаше средби со претставници на Тиквеш, Вардар, Струга, Шкендија и Силекс, а денеска ги посети и битолчани. Екипата на Пелистер требаше да игра пријателски меч со сараевски Железничар, но дуелот беше одложен поради невреме (обилни врнежи дожд). Пелистерци објавија дека утре во 12 часот ќе играат со Борац Бања Лука.
„Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ го посети подготвителниот камп на ФК Пелистер во Анталија, каде што клубот ги реализира зимските подготовки. За време на посетата беше остварена средба со раководството, стручниот штаб и фудбалерите, при што беа разменети мислења за тековните подготовки и амбициите на клубот“, објавија од таборот на Зелено-белите.

