Ортега ги цени битолчани: Еурофарм Работник е опасен тим со цврста одбрана

Карлос Ортега одлично го познава македонскиот ракомет, а како тренер на Хановер денеска од 19.30 часот за противник ќе го има битолски Еурофарм Работник, во првиот меч за двете екипи во Б групата од ЕХФ купот.

„Тие се опасен тим. Ги анализиравме и увидвоме дека играат многу цврсто во одбраната. Никако не смееме да ги потцениме, бидејќи ќе биде многу опасно за нас“, вели Ортега.

Хановер е фаворит, игра солидна сезона во најсилната ракометна лига на светот, во Бундеслигата, но и битолчани си имаат свои сметки во дебитанскиот настап во фаза по групи во еврокуповите.

Хендикеп за нашиот претставник е што нема да играат пикерот Фарук Мемиќ и левиот бек Дејан Пецаковски, но охрабрување е што се подготвени за настап засилувањата Владислав Остроушко, Мирко Радовиќ и Невен Стјепановиќ.

Во Б групата со Хановер и Еурофарм Работник се и екипите на Нексе и на Татабања.

- Оглас -

Најнови вести