Откриено како се местат натпревари, има и снимки како се апсат организаторите

Во Шпанија вчера се спроведе масовно апсење на луѓе кои биле вмешани во местење на натпревари. Во истрагата биле уапсени и неколку фудбалери меѓу кои најзвучно име беше некогашниот играч на Реал Мадрид, Раул Браво.

Во притвор завршија и Борха Фернандес (38) од Валјадолид, Карлос Аранда (38) кој има играно за повеќе прволигашки и второлигашки екипи, потоа Самуел Саиц (28) од Лидс кој бил на позајмица во Хетафе, како и Ињиго Лопес (36) од Депортиво, кој играл за Уеска.

Во сомнежите за серијата наместени мечеви, најмногу уплати имало на мечеви на Уеска, па затоа е уапсен и нивниот претседател Аугустин Ласаос, како и шефот на лекарите на тимот Хуан Карлос Галинда.

Прашањето кои многумина си го поставуваат е како всушност се местат мечевите? Тоа е објаснето во шпанскиот весник „Марка“. Криминалците кои го организираат местењето, стапуваат во контакт најчесто со голманите, стоперите или капитените на една од екипите. Посредници на договорот најчесто се играчи кои се пред пензија или веќе се пензионирани, но сепак многу добро ја знаат ситуацијата во соблекувалната на екипата.

Договорените пари за местенката се исплаќаат на два дела. Првиот дел е пред мечот, а вториот дел е по завршување на средбата, кога ќе се постигне посакуваниот резултат. Кога ќе бидат сигурни дека е направен договор, криминалците уплаќаат голема сума на пари во повеќе различни обложувалници. Во местењето најчесто учествуваа клубови кои се борат за опстанок или за излез во европските купови.

Како превенција од наместени мечеви се користи специјална технологија која предупредува кој меч може да биде сомнителен. Оценките се од 0 до 5. кога активноста кај обложувачите ќе ја надмине бројката 2, се пали алармот. Таков бил и случајот на мечот Уеска – Химнастик Тарагона, каде оценката за активност била меѓу 4 и 5.

- Оглас -

Најнови вести