Откриено кој ќе ја освои Златната топка за 2019 година

На 2 декември и официјално ќе се знае името на добитникот на Златната топка, која традиционално на крајот од годината ја доделува „Франс Фудбал“. Оваа награда го има приматот на најпрестижната индивидуална награда во фудбалот.

Иако има речиси една недела до официјалното прогласување на добитникот на Златната топка, каталонскиот весник „Мундо депортиво“ открива дека Лионел Меси ќе биде освојувач на наградата. Гласањето е завршено, а синоќа имало состанок на организаторите, па се верува дека веќе бил известен и победникот.

Доколку Меси биде прогласен за најдобар, за Аргентинецот тоа ќе биде рекордна шеста Златна топка. Капитенот на Барселона моментно е корекордер со Кристијано Роналдо со по пет вакви признанија. Токму и Роналдо е еден од конкурентите за оваа година, но најавите се дека Португалецот одбил да дојде на доделувањето на наградата, што е само уште една потврда дека Меси ќе биде избран за најдобар.

Покрај Меси и Роналдо, во конкуренција е и Вирџил ван Дајк, кој со Ливерпул стана европски првак. Дали најавите од Шпанија се вистинити или не, ќе се дознае на гала-свеченоста во Париз следниот понеделник.

- Оглас -

Најнови вести