Германскиот тенисер Петер Гојовчик има многу среќа во Мексико и веќе доби два големи подароци на АТП-турнирот во Акапулко.
Тој е првиот четвртфиналист на еден од најубавите тениски турнири на светот, а воопшто и не требаше да игра.
Гојовчик загуби во последната квалификациска фаза за настап на главниот турнир, и тоа убедливо од Јапонецот Нишиока, но се протна на главната сцена како „лаки лузер“.
Пото во првото коло го победи Американецот Накашима, а денеска доби нов голем подарок.
Зверев дивееше по мечот во двојки што го играше со Марсело Мело и наместо да се поздрави со судијата, со рекетот неколку пати силно мавна по столицата на која седеше главниот судија и за малку ќе го удреше по нозете. Потоа го навредуваше и му порача дека е „е.ен идиот“.
АТП донесе одлука да го исфрли третиот светски рекет од турнирот во Акапулко, па Гојовчик без игра се пласира во четвртфиналето.
Сега и ќе одмори подолго и ќе ја чека разврската од дуелот меѓу Нори и Иснер за да го дознае ривалот во четвртфиналната фаза на турнирот што се игра во монденското место во Мексико.