Јувентус вечерва гостува кај Емполи во меч од 36-тото коло, но резултатот од овој дуел ќе биде во втор план. Старата дама денеска е во исчекување на одлуката на Апелациониот суд, кој треба да одлучи дали најтрофејниот италијански клуб ќе добие казна и ќе има одзенање бодови или ќе се спаси од санкција.
Во февруари годинава Јувентус беше казнет со одземање 15 бода поради финансиски малверзации, но по жалбата на Старата дама, судот наложи случајот да започне од почеток, и тоа пред Федералниот суд на правдата и со нови судии.
Италијанскиот суд потенцираше дека има причини поради кои делумно ја уважил жалбата на Јувентус и ја укинал претходната казна со која на клубот му беа одземени 15 бода, но медиумите од судски извори дознаваат дека второстепената одлука ќе гласи казна за Јувентус и одземање девет или 12 бодови.
Медиумите пишуваат дека Судот ги прифатил новите докази кои ги доставила Фудбалската федерација на Италија, додека Јувентус не вложил жалба во делот на новата тужба, каде што се бара одземање бодови, па речиси сигурно клубот ќе биде казнет.
Јувентус во 35 кола има освоено 69 бода и моментално е на второто место на табелата, а со евентуална победа вечерва кај Емполи ќе стигне до 72 бода и сигурно би имал место во Лигата на шампионите за следната сезона.
Сепак, доколку биде казнет со девет или повеќе бодови, Јувентус ќе падне на табелата, и тоа сигурно зад Милан, кој моментно е на петтото место со 64 бода. Со реално очекуваната казна на Јувентус, Росонерите ќе се искачат на посакуваното четврто место, кое носи пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.