Шампионот на Фарски Острови, екипата на КИ Клаксвик, е најпријатното изненадување во европските квалификации летово. Тимот кој воопшто нема ни статус на професионален клуб, обезбеди место во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.
Откако изненадувачки прво го елиминира унгарски Ференцварош (славеше на гости со 3:0), КИ Клаксвик вчера даде три гола и на гости кај Хакен, па успеа да го елиминира норвешкиот првак по подобро изведување на пенали.
Со овој успех, КИ Клаксвик дури и да биде елиминиран во следното коло, ќе продолжи во плејофот за Лигата на Европа, а ако и од таму биде елиминиран, ќе се пласира во групната фаза од Конференциската лига, што значи дека ќе има европска есен.
Шампионот на Фарски Острови е клуб од место во кое живеат само 5.000 луѓе, а има стадион само со 530 столчиња. Во екипата има играчи кои освен фудбалот, имаат и други работни обврски.
Јоанес Калсо Даниелсен и Рене Шаки Јоенсен се важни фудбалери во играта на КИ Клаксвик, а интересно е дека тие се тандем и надвор од фудбалскиот терен. Двајцата работат како електричари и работат во локалната електроенергетска компанија ЕЛ-ИН.
Електричарите покажуваат дека со многу труд, желба и залагање, може да се направи чудо и во фудбалот. Бајката на КИ Клаксвик продолжува со настап во третото квалификациско коло од Лигата на шампиони, а овие двајца електричари ќе мора да бараат да добијат и слободни денови кога ќе имаат европски фудбалски обврски бранејќи ја честа на фудбалот во Фарски Острови.