Клуб од место со 5.000 жители и стадион со 530 столчиња ќе игра најмалку во групите на ЛК (Видео+Фото)

Продолжува европската бајка на шампионот на Фарски Острови, КИ Клаксвик. Ако сите мислеа дека победата против Ференцварош на гости е случајна и изненадувачка, тогаш елиминацијата на Хакен од Шведска е првокласна сензација.

Клубот кој има 20 шампионски титули, 6 куп трофеи и 2 супер купа, доаѓа од место само со 5.062 жители. Сепак, и со ваков мал број жители, Клаксвик е втор најголем град на Фарски Острови, кои се автономна територија на Кралството Данска и не се членка на Обединетите нации.

Целиот архипелаг има околу 54.000 жители според проценките, но сега за првпат во историјата ќе има и клуб во групната фаза на едно европско клупско натпреварување. КИ Клаксвик веќе е во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, каде што за противник ќе го има шампионот на Норвешка, Молде. Сепак, и да бидат елиминирани, ќе продолжат во плејофот од Лигата на Европа, а доколку и од таму бидат елиминирани, тогаш директно влегуваат во групната фаза на Конференциската лига.

Стадионот на кој КИ Клаксвик ги игра натпреварите од домашното првенство собира околу 2.500 гледачи, но има само 530 столчиња.

Клубот на социјалната мрежа „Твитер“ објави статус: „Солзи, солзи радосници. Каков тим, каков клуб, каков град, каква приказна, неверојатна поддршка. Ова е нереално.“ И навистина е нереално и е за солзи радосници. КИ Клаксвик веројатно е најмалиот клуб кој обезбедува пласман во групната фаза на европските натпреварува. Сепак, клубот кој е формиран во 1904 година докажа дека е голем на теренот.

- Оглас -

Најнови вести