Најмоќните фудбалски менаџери заработуваат огромни суми

Зад секоја фудбалска ѕвезда стои по некој суперагент, тоа се луѓе задолжени да извлечат најдобар можен договор за своите клиенти, а потоа добиваат процент од парите од договорот на играчот со клубот и заработуваат суми од кои боли глава.

Петтото место го држи израелскиот бизнисмен Пини Захави, човекот кој го донесе Роман Абрамович во Челзи. Захави, кој има 75 години, менаџерската работа ја врши од 1979 година. Тој ги помогна трансферите на Рио Фердинанд од Вест хем во Лидс, а потоа од Лидс во Манчестер јунајтед. Тој заработи најмногу од трансферите на играчи на Челзи. Негов клиент од лани е и Роберт Левандовски, а Захави беше вклучен и во мегатрансферот на Нејмар од Барса во ПСЖ.

Иранецот Киа Џорабчијан не е лиценциран фудбалски агент, но тој ги советува играчите и клубовите во врска со договорите. Како навивач на Арсенал и пријателството со газдата на клубот, тој е вклучен во сите трансфери на овој клуб. Киа е човекот кој ги „советуваше“ премините на Карлос Тевес и Оскар во Кина, трансферите на Давид Луиз, а се збогати и од потписот на Кутињо за Барселона.

Мино Рајола е 51-годишниот менаџер на ѕвезди како Златан Ибрахимовиќ, Пол Погба, Хенрих Мхитарјан, Марко Верати, Џанлуиџи Донарума, Марио Балотели и Павел Недвед. Од трансферот на Погба во Манчестер јунајтед, Рајола заработи 23 милиони фунти. Рајола живее во Монте Карло, ја купи куќата на Ал Капоне во Мајами, а за него лоши зборови кажа сер Алекс Фергусон.

Џонатан Барнет можеби не е толку познат за пошироката јавност, тој порано не ни работеше со фудбалери, туку со играчи на крикет, а сега негови клиенти се Герет Бејл (некогашен најскап играч на светот), Лук Шоу (има огромна плата како за бек), Џеси Лингард и Џордан Пикфорд.

Првото место го држи Португалецот Жорж Мендеш. Тој е најмоќниот агент на светот, а репутацијата ја стекна благодарение на соработката со сонародниците Кристијано Роналдо и тренерот Жозе Мурињо. Компанијата на Мендеш од проценти од договорите на фудбалерите има годишна заработка од 78 милиони фунти. Негови клиенти, покрај Роналдо, се и Давид де Хеа, Хамес Родригес и Диего Коста.

Најпрофитабилна година му била 2014, кога имаше четири од седумте најголеми трансфери, меѓу кои и оној на Анхел ди Марија од Реал Мадрид во Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести