Падна договор – ПСЖ за 75 милиони евра го купува холандскиот „бисер“

ПСЖ на половина од тековната сезона го договори првото засилување за следното лето. Во редовите на „светците“ доаѓа младиот Френки де Јонг од Ајакс, за кого ќе бидат исплатени неверојатни 75 милиони евра.

Холандскиот таблоид „Телеграф“ истакна информации дека претставници на ПСЖ вчера биле во Амстердам да преговараат околу евентуалниот ангажман на талентираниот играч за врска и дека е постигнат устен договор за преселба на Де Јонг во Париз налето.

Спортскиот директор на Ајакс, Марк Овермарс, ги потврди преговорите, но, притоа истакна дека и уште два гиганти чекаат своја шанса да излезат со понуда за идната ѕвезда на холандскиот фудбал. Познато е дека Барселона и Манчестер сити беа екипите кои најмногу го посакуваа Де Јонг, но францускиот првак буквално им го украде пред нос.

Ова е знак дека Адријан Рабио сигурно ќе го напушти ПСЖ по крајот на оваа сезона, па како слободен играч ќе бара нова средина.

Со овој ангажман вреден 75 милиони евра, Френки де Јонг ќе стане вториот најскап Холанѓанец во историјата. Пред него е Вирџил ван Дајк, кој за 85 милиони евра минатата сезона се пресели во Ливерпул од редовите на Саутхемптон. За Ајакс, ова ќе значи и најголема продажба на еден играч во клупската историја. Тој рекорд досега го држеше Давинсон Санчес, кој во 2017 година потпиша за Тотенхем во трансфер вреден 40 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести