Дома Blog Страница 105

Коефициенти помеѓу 1.90 и 2.15 во Квотите на денот во Sport Life (Фото)

Пет натпревари од топ-5 лигите се дел од понудата со Квотите на денот во Sport Life. Вкупната квота на петте предлози е 29.5, додека поединечно квотите се движат помеѓу 1.90 и 2.15.

Понудената квота од 1.95 за мечот помеѓу Париз и Монако ќе биде добитна само ако гостите постигнат еден или два гола во второто полувреме.

На бундеслигашкиот дуел помеѓу Аугсбург и Хофенхајм се очекуваат голови во двете мрежи, но и во двете полувремиња, а ако тоа се исполни, тогаш квотата од 1.90 ќе биде добитна.

Рома е фаворит против Пиза, но квотата од 2.15 ќе биде добитна само ако „римската волчица“ постигне најмалку еден гол, но и ако има повеќе голови во второто полувреме.

Очекувањата се дека мечот помеѓу Вест хем и Вулверхемптон нема да заврши нерешено, а за да биде добитна квотата од 1.95 потребно е и да нема повеќе од еден гол во првото полувреме.

Квотата од 1.90 за дуелот на Реал Мадрид и Жирона ќе биде добитна само ако „кралевите“ постигнат помеѓу еден и три гола во двете полувремиња.

Милан и Јувентус во трка по потписот на Роберт Левандовски

Договорот на Роберт Левандовски со Барселона истекува налето, а според најавите од Каталонија, раководството на клубот нема намера да го продолжи и ќе бара нов фудбалер за позицијата напаѓач.

Тоа е знак за Милан и Јувентус да тргнат по потписот на полскиот репрезентативец, кој може да го добијат бесплатно. Предност му се дава на Милан, но од трката не треба да се исклучи ниту „старата дама“.

Иако Левандовски неколку пати најавуваше дека нема намера да си замине од Барселона, па доколку не му биде продолжен договорот ќе се пензионира и со семејството ќе остане да живее во главниот град на Каталонија.

Полскиот интернационалец оваа сезона има ефект од 17 гола на 39 натпревари за Барселона, а од пристигнувањето во редовите на „каталонците“ во 2022 година постигна 118 гола.

Левандовски во кариерата има постигнато преку 700 гола.

Ливерпул ќе плати 100 милиони евра за фудбалер кој треба да го замени Мо Салах

Ерата на Мохамед Салах во Ливерпул ќе заврши налето, како што најави и самиот фудбалер, а раководството на „црвените“ веќе се во потрага по неговата замена.

Прв кандидат е младиот Јан Диоманде од Лајпциг, но за него ќе мора да платат околу 100 милиони евра, иако неговата вредност во моментов е 75 милиони евра. Сепак, Ливерпул нема веднаш да испрати понуда, туку ќе се чека новиот тренер да даде дозвола.

Се погласни се шпекулациите дека Арне Слот налето ќе си замине, а на неговото место ќе дојде Чаби Алонсо.

Токму Шпанецот е тој кој треба да даде зелено светло за трансферот на 19-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата коска.

Леброн ги водеше Лејкерси до победа над Голден стејт, Њујорк го доби дербито со Бостон (Видео)

Лос Анџелес Лејкерс како гости го совладаа Голден стејт со резултат 119:103, а прво име на натпреварот беше Леброн Џејмс.

Џејмс забележа 26 поени, 11 асистенции и осум скока, предводејќи ги Лејкерси до четврта последователна гостинска победа против Вориорс. Џејмс (41), чија иднина по 23 години во лигата и понатаму е неизвесна, шутираше 11 од 17 од игра, со три погодени тројки.

Љубителите на кошарката останаа без дуелот на долгогодишните ривали, бидејќи Стеф Кари го пропушти натпреварот. По враќањето на теренот по 27 пропуштени натпревари поради повреда на десното колено, Вориорс не сакаа да ризикуваат Кари да игра две вечери по ред.

Во вториот најинтересен натпревар на вечерта, Њујорк славеше над Бостон со 112:106 и останаа во трка за второто место во Источната конференција.

Одличниот Џош Харт постигна 15 од своите вкупно 26 поени во последната четвртина, вклучувајќи две клучни тројки во последните 42 секунди од мечот. Џалејн Брансон додаде 25 поени и 10 асистенции.

Со оваа победа, Никс (52-28) им се доближија на Селтикс (54-26) на само две победи разлика, а двете екипи до крајот на регуларниот дел имаат уште по два натпревари.

Резултати:
Торонто – Мајами 128:114
Вашингтон – Чикаго 108:119
Бруклин – Индијана 94:123
Њујорк – Бостон 112:106
Хјустон – Филаделфија 113:102
Голден Стејт – ЛА Лејкерс 103:119

Ненад Димитријевиќ блесна против поранешниот клуб, Реал го победи Фенербахче

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ продолжува да импресионира на европската сцена, одигрувајќи клучна улога во новата победа на Баерн Минхен над Олимпија Милано (94-84) на гостински терен во Евролига.

Плејмејкерот, кој во минатото го носеше дресот на миланскиот тим, овојпат блесна токму против поранешниот клуб, каде не доби вистинска шанса под водство на Еторе Месина. Со одличен настап и индекс од 21, Димитријевиќ беше најкорисниот играч на натпреварот.

Македонецот мечот го заврши со 15 поени, надополнети со четири скока и четири асистенции, потврдувајќи ја својата лидерска улога во тимот. Најефикасен кај Баерн беше Андреас Обст со 19 поени, додека кај Олимпија Милано се истакнаа Шавон Шилдс со 14 и Брендон Брукс со 13 поени.

По оваа победа, Баерн има скор од 17-20 во Евролигата, а во следното коло го очекува тешко гостување кај Барселона.

Реал Мадрид одигра зрело и сигурно во дербито на 37-то коло, совладувајќи го Фенербахче на гостински терен со 69-74, официјално обезбедувајќи место во плеј-офот.

Најзаслужен за триумфот беше Факундо Кампацо со 15 поени, додека кај Фенербахче се истакна Брендон Бостон, кој беше најефикасен на мечот. Со оваа победа, Реал стигна до 23-ти триумф сезонава и го задржа третото место, додека Фенербахче е веднаш зад него со идентичен скор.

Во другите натпревари, Панатинаикос доживеа тежок пораз на гостувањето кај Валенсија (102-84), со што си ја искомпликува борбата за директен пласман во плеј-офот. Домаќините доминираа во сите четвртини, а најрасположен беше Жан Монтеро со 22 поени.

Лидерот Олимпијакос славеше на гостувањето кај Хапоел Тел Авив со 85-89 и го задржа врвот на табелата пред последното коло.

Најубедлив настап имаше Париз, кој го декласира Макаби Тел Авив со 113-80. Робисон со 25 и Ерера со 16 поени беа предводници на францускиот тим, додека кај гостите Вокер постигна 16 поени.

Кристал Палас ја декласира Фиорентина, убедлив триумф и на Шахтјор

Во првите четвртфинални пресметки од Конференциска лига, Кристал Палас сигурно ја оправда фаворитската улога и убедливо ја совлада Фиорентина со 3-0 на домашен терен.

Лондончани го отворија резултатот преку Жан-Филип Матета во 24-тата минута, а само седум минути подоцна Тајрик Мичел зголеми на 2-0, носејќи мирна предност на паузата. Во продолжението, Фиорентина се обиде да се врати во игра, но без конкретна завршница, па казната стигна во судиското продолжение кога Исмаила Сар ги постави конечните 3-0.

Убедлив беше и Мајнц, кој на домашен терен го надигра Стразбур со 2-0. Головите за бундеслигашот ги постигнаа Каишу Сано и Штефан Пош, обезбедувајќи солидна залиха пред реваншот.

Најубедлив впечаток остави Шахтјор Доњецк, кој со експлозивен финиш го скрши отпорот на АЗ Алкмар и славеше со 3-0 во мечот одигран во Краков. Украинскиот тим ја реши дилемата со три гола во десетминутен налет, а херој беше Алисон со два погодоци, додека еднаш прецизен беше Педрињо.

Со вакви резултати, дел од екипите веќе имаат сериозна предност, но реваншите сепак оставаат простор за пресврти и нова неизвесност во битката за полуфинале.

Фрајбург на прагот на историја во Лига Европа, Порто не обезбеди предност против Нотингем Форест

Вечерва се одиграа трите први четвртфинални натпревари од Лига Европа, а во центарот на вниманието се најде Фрајбург, кој испишува историја со своите настапи.

Германскиот тим, кој никогаш досега не бил сериозен фактор во завршниците на европските натпреварувања, сега е на чекор до полуфинале. Пред својата публика, Фрајбург одигра фантастичен натпревар и убедливо ја совлада Селта Виго со 3-0.

Резултатот го отвори капитенот Винченцо Грифо уште во десеттата минута со мајсторски погодок. Предноста ја зголеми дефанзивецот Јан-Никлас Бесте во 32-та минута, а конечните 3-0 ги постави Матијас Гинтер по корнер, 14 минути пред крајот.

Одличен резултат пред реваншот обезбеди и Астон Вила, која како гостин ја совлада Болоња со 1-3. Англискиот тим поведе пред паузата преку Езри Конса, кој ја искористи грешката на голманот Федерико Равалија.

Во второто полувреме, Оли Воткинс зголеми на 0-2, додека Џонатан Роу внесе надеж за Болоња со погодок во 90-тата минута. Сепак, Воткинс повторно погоди во судиското продолжение и стави точка на натпреварот.

Најнеизвесно останува на дуелот меѓу Порто и Нотингем Форест, кој заврши 1-1. Двата гола паднаа во првите 13 минути, Вилијам Гомес донесе водство за Порто, а само две минути подоцна следеше комичен автогол на Мартин Фернандес, кој несмасно ја испрати топката во сопствената мрежа.

Со ваков исход, Шумарите задоволни се враќаат од Португалија, додека реваншите ветуваат нова драма во борбата за полуфинале.

Дефанзивец на Порто си даде неверојатен автогол (Видео)

Порто и Нотингaм Форест го заврши првото полувреме со резултат 1-1, а натпреварот го обележа неверојатен автогол.

Гонсало Гомес го доведе Порто во водство во единаесеттата минута, но само три минути подоцна следеше шок за домаќините. Дефанзивецот Мартин Фернандес од голема далечина ја врати топката кон својот голман Диого Коста, кој не беше подготвен, и топката заврши во мрежата.

Флорентино Перес ќе понуди 200 милиони евра за Мајкл Олисе?

Крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Мајкл Олисе, се наметнува како едно од најжешките имиња во пресрет на летниот преоден рок. Францускиот репрезентативец, кој блеска во дресот на баварскиот гигант оваа сезона, веќе е на радарот на европските великани, а најконкретен интерес покажува Реал Мадрид.

Клучен момент за зголемениот интерес беше неговиот впечатлив настап на „Сантијаго Бернабеу“, каде што Олисе одигра значајна улога во победата на Баерн од 1-2 во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите. Тој асистираше за вториот погодок на Хари Кејн, со што дополнително го сврте вниманието кон себе.

Претседателот на Кралевите, Флорентино Перес, е импресиониран од формата на Французинот и подготвува офанзива за негов ангажман. Се споменува понуда во вредност до 200 милиони евра, заедно со бонуси, иако задачата да се убеди Баерн да го продаде ќе биде исклучително тешка.

Од Минхен испраќаат јасна порака, дека Олисе не е на продажба. Напротив, челниците на баварскиот клуб имаат намера да му понудат нов, подобрен договор.
Интерес за офанзивецот покажува и Ливерпул, кој наводно подготвува понуда повисока од 170 милиони евра.

Под водство на тренерот Венсан Компани, Мајкл Олисе се профилираше како еден од највлијателните играчи во тимот. Во тековната сезона има ефект од 16 голови и 24 асистенции во сите натпреварувања, што јасно ја потврдува неговата класа и објаснува зошто е цел на најголемите клубови во Европа.

Скандал: Кристијано Роналдо обвинет за „местење натпревари“ во Саудиска Арабија?

Фудбалската сцена во Саудиска Арабија ја тресе скандал по контроверзниот натпревар меѓу Ал-Ахли и Ал-Фејха, во кој домаќинот беше лишен од два пенали и покрај прегледот на ситуациите преку ВАР системот. Ремито 1-1 сериозно го загрози настојувањето на Ал-Ахли во трката за титулата, а кризата е дополнително заострена со остри обвиненија кон судијата, но и кон Кристијано Роналдо, кого британските медиуми сега го поврзуваат со наводно „местење натпревари“.

Кризата избувна во 29-тото коло на Саудиска професионална лига, кога Ал-Ахли ремизираше 1-1 со Ал-Фејха и остана на 66 бодови, оддалечувајќи се од водечкиот двоец. На домаќините не им беа досудени два пенали, од кои еден во последните моменти на мечот, и покрај тоа што судијата ја користеше ВАР-снимката за проверка.

Напаѓачот на Ал-Ахли, Иван Тони, по натпреварот изјави дека судијата отворено го фаворизирал ривалот во борбата за титулата.


„Судијата ни рече да ја заборавиме лигата и да се фокусираме на азиската Лига на шампиони. Дали е тоа нормално? Никогаш во животот не сум доживеал вакво нешто“, изјави Тони.

Тој тврди дека натпреварот им е „украден“ и дека судиските критериуми кои важеле цела сезона одеднаш исчезнале во клучниот дуел. Тој побара Судиската комисија на Саудиската фудбалска федерација да ја прегледа комуникацијата за да ги потврди неговите тврдења. Неговиот став го потврди и Матијас Јајсл, тренер на Ал-Ахли, кој рече дека судијата навистина ги поттикнувал играчите да се откажат од борбата за титулата.

Целиот случај доби нова димензија кога британскиот весник „Дејли Мејл“ објави дека Кристијано Роналдо се наоѓа во центарот на обвиненијата за манипулација и измама со цел обезбедување титула за Ал-Наср.

Според весникот, контроверзиите околу натпреварот на Ал-Ахли и изјавите на Иван Тони поттикнале сериозни сомнежи дека Роналдо и неговите соиграчи можеби „местеле“ натпревари за да ја освојат титулата во Саудиска Арабија. Ал-Наср моментно е лидер на табелата со 70 бода, два повеќе од Ал-Хилал и четири повеќе од Ал-Ахли, пред саботниот дуел со Ал-Ахдуд.