Дома Blog Страница 10544

Менхенгладбах не го дава второто место во Бундеслига

Борусија Менхенгладбах го декласираше тимот на Хановер со 4-1. Домаќините го забележаа осмиот овосезонски триумф во Бундеслигата, и така го задржаа второто место на табелата.

Вуд во првата минута од средбата го шокираше Гладбах, но веќе шест минути подоцна Торган Азар израми на 1-1. Во 44-минута домашната екипа направи пресврт преку Ланг, а за конечни 4-1 во второто полувреме погодија Стиндл и Закариа.

Со седум порази по 12 средби, Хановер останува при дното на табелата, со девет освоени бода се наоѓаат на 16-тото место на талебата.

 

Кореа во последна минута го спаси Лацио од пораз

Милан и Лацио ремизираа при конечни 1-1 на „Олимпико“, во дербито од 13. коло во Серија А. „Лацијалите“ во последната минута од судиското надополнување избегнаа пораз, откако Хоакин Кореа израмни на 1-1.

Избраниците на Џенаро Гатузо стигнаа до предност преку Франк Кеси во 78-та минута, но не издржаа во финишот на средбата.

По овој меч, Лацио останува на четвртото место со 23 бода, Милан има еден бод помалку и е на петтото место во Серија А.

Во 20:30 часот се игра градското дерби во Џенова, помеѓу тимот на Горан Пандев и Сампдорија.

https://www.dailymotion.com/video/x6xt107

Нојер: Да го слушавме Ковач, ќе победевме со 5-0

Баерн Минхен вчера ја имаше победата во свои раце против Фортуна Дизелдорф. Два гола предност при резултат од 3-1, а потоа Доди Лукебакио стапи на сцена, и во судиското надополнување украде бод за својата екипа. Непосредно по мечот, се дигна бунт во соблекувалната, барајќи ја вината за ремито кај Нико Ковач, но има и такви кои го поддржуваат хрватскиот стратег. Еден од нив е Мануел Нојер.

„Головите ги примивме при наши грешки. Во противничката екипа имаше брз напаѓач, кој можеше да направи проблеми на нашите стопери, и тоа се случи. Не можам да кажам дека имавме проблеми само во одбраната, истото се случуваше и во нападот. Грешките се однесуваат на целата екипа, не на поединци. Да го слушавме тренерот и да се поправевме во сегменти кои Ковач ни ги сугерираше, ќе победевме со 5-0“, истакна Нојер.

Како што известуваат германските медиуми, Нико Ковач има уште една шанса да си ја сочува работата на клупата на Баерн, а тоа ќе биде мечот во вторник во рамките од Лигата на шампиони, кога „баварците“ ја пречекуваат Бенфика.

Хадерсфилд се буди, игра по австралиски ноти (Видео)

Хадерсфилд славеше на гостувањето кај Вулверхемптон со 2:0, со двата гола на Арон Муј. Австралиецот немаше дадено гол сезонава, а денеска двапати ја тресеше мрежата, од кои вториот пат со убав гол од слободен удар:

За „териерите“, ова е втора победа сезона, втора во последните три кола, а прва на гости. Ситуацијата на дното на табелата во Премиерлигата е таква што со овие три бода, Хадерсфилд прескокна дури шест екипи и последното место му го препушти на Фулам.

Инаку, поминаа 344 дена откако играч на Хадерсфилд постигнал два гола на еден меч. И тогаш двоен стрелец беше Муј, а жртва беше Вотфорд.

 

Ница во борба за местата кои водат во Европа

Ница со 2-0 го совлада тимот на Лил во претпоследниот меч од 14. коло во францускиот шампионат. Домаќините доминираа во секој сегмент од мечот, па без поголеми проблеми стигнаа до четвртиот триумф во низа на последните пет средби.

Валентин Сипријан во 25-тата минута му донесе предност на Ница по одличното проигрување од Балотели. Младиот Сен-Максиман во 79-тата минута го постави конечниот резултат.

Со овој триумф, Ница се искачи на шестото место на табелата, со 23 освоени бода влегоа во конкуренција за местата кои водат во европските натпреварувања. Формата на Лил полека паѓа, веќе три меча се без победа, но и по ова коло ќе останат на четвртата позиција со 26 бода.

Од 21 часот, Марсеј гостува кај Амиен, а со тој меч ќе се комплетира 14. коло.

МЗТ доби речиси загубен меч против Куманово

МЗТ Скопје Аеродром се спаси од домашен пораз против Куманово, и со многу маки дојде до победата од 76:70 во последниот меч од 8. коло во кошаркарската прва лига. Блокотехна и Работнички имаат по еден пораз, а зад нив се МЗТ и Гостивар со по два порази.

Вечерва во „Јане Сандански“, македонскиот вицепрвак се спаси од нова бламажа, слична на онаа од пред неколку дена во АБА 2 лигата кога од словенечка Рогашка прими дури 64 поени за едно полувреме. Сега МЗТ одигра не толку ефикасно, туку со серија поени од слободни фрлања направи пресврт.

На 7,47 минути до крајот, кумановци водеа со 67-57, но следуваше серија на МЗТ од 11-1 за изедначување. Сите 11 поени беа од линијата за слободни фрлања. Клучна беше тројката на Дарко Соколов на 1,36 минути до крајот за 72-70, што беше прво водство на МЗТ во второто полувреме. Потоа Медфорд и Иванов ја искористија збунетоста кај противникот и ја потврдија победата.

„Металците“ на овој меч без без суспендираниот Андрија Бојиќ. Тоа не се почувствува кај скоковите. Проблем за Куманово беа 18-те загубени топки и прераното славење на победата во дербито.

Првакот на Јужна Америка ќе се знае на 8 декември

Веќе ништо не е сигурно кога се во прашање запалените Аргентинци, но планот е реваншот помеѓу Ривер плејт и Бока јуниорс да се игра на 8 декември на стадионот „Монументал“, со присуство на публика. Ова е предлогот на КОНМЕБОЛ, федерцијата која одлучи вечерва да нема фудбал бидејќи гостинскиот тим има играчи кои беа повредени во вчерашниот напад од страна на навивачите на Ривер.

Осми декември е на само десет дена пред полуфиналето на Светското клупско првенство во Абу Даби, но тоа е компромисот кој веројатно ќе мора да се прифати од двете страни. Следниот викенд не е можно да се игра, бидејќи во Буенос Аирес ќе бидат забранети секакви јавни собири поради политичкиот состанок на Г-20 и присуството на светската политичка елита.

Претседателите на Ривер и Бока ќе имаат состанок во вторник, но сите индиции се дека ќе им биде предложено реваншот од Копа Либертадорес да биде за две недели од денеска. Тимовите добија дополнително време за подготовка. Од Ривер веруваа дека ќе се игра денеска, гостите бараа службена победа, па затоа предлогот за 8 декември е своевиден компромис.

Шпанската лига има нов лидер

Екипата на Севилја е нов лидер на табелата во шпанската Ла Лига. Севилја со голот на Андре Силва, славеше со 1:0 против Валјадолид и дојде до котата од 26 бода, еден повеќе од Барселона.

Севилја има 10 бода на последните четири меча. Со 26 бода во 13 кола, Севилја е најлошиот лидер на Примера во 21 век, а тоа говори за изедначеноста во Шпанија.

На Валјадолид му беа поништени два гола, но тоа не ја омаловажува победата на домашните. Асистент на голот беше Пабло Сарабија, кој има 18 голови и асистенции, повеќе од било кој друг шпански фудбалер во топ лигите. Португалецот Силва има осум гола сезонава, и се покажува како вистинско засилување за тимот од Андалузија.

 

Ривер – Бока ќе се игра, ама не вечерва !!!

Ривер плејт и Бока јуниорс ќе го играат својот реванш меч од финалето на Копа Либертадорес, но тоа нема да се случи вечерва како што беше планирано. Ваква одлука донесе фудбалската федерација на КОНМЕБОЛ, а потврдата дојде од претседателот Алехандро Домингес.

Според КОНМЕБОЛ, не се создадени сите услови на нормално одвивање на натпреварот помеѓу аргентинските и градски ривали од Буенос Аирес. Клучна е повредата на окото на фудбалерот на Бока, Пабло Перес, на кого лекарите му забранија да настапи. Од Бока беа категорични дека нема да играат без капитенот.

„Со договор со клубовите, ќе најдеме нов термин за одигрување на натпреварот“ – рече Домингес.

Проблемот е што деновиве во главниот град на Аргентина ќе биде состанокот на Г20 групата и забранети ќе бидат сите собири на отворено, па можеби за титулата клупски првак на Јужна Америка, ќе треба да се почека до декември.

Бока не сака да игра, Ривер ги отвори вратите на стадионот

На четири часа пред презакажаниот термин за одигрување на реваншот од финалето на Копа Либертадорес, двата клуба се во различен став околу тоа дали треба да се игра, а конечниот збор ќе го имаат фудбалската федерација на Јужна Америка и ФИФА.

Од Бока јуниорс се категорични дека нема да се појават на терен и официјално побараа да не се игра, туку да добијат службена победа, додека од Ривер сметаат дека се исполнети сите услови и веќе ги отворија вратите на „Монументал“ и нивни навивачи може да влегуваат на трибините.

Гостинскиот клуб има повредени играчи, жртви на вчерашниот напад на клупскиот автобус, во прв ред капитенот Пабло Перес, и не сакаат да играат без него. Перес не може да игра бидејќи има повреда на окото, здобиена од стакло.

Неофицијално, одлуката дали вечерва ќе се игра, ќе се донесе за половина час.