Дома Blog Страница 10545

Емполи и Аталанта го обелија образот

Емполи ја совлада Аталанта со 3:2 во најинтересниот од трите меча во италијанското првенство кои се играа попладнево од 15 часот. Со новите три бода, Емполи побегна од зоната на испаѓање и тоа е доказ колку им е значајна победата, а тие испишаа и историја, бидејќи првпат добија меч на кој имале два гола негатива.

Аталанта водеше со 2-0, Емполи утна пенал во првото полувреме при 0-1 и се чинеше дека трите бода ќе заминат во Бергамо, но домашните „воскреснаа“ и со голот на Матијас Силвестре во 92 минута, дојдоа до голем пресврт.

Наполи се чуваше за Лигата на шампионите и киксираше дома, одигра само 0:0 против „фенерџијата“ Киево, а со најнепопуларниот резултат заврши и средбата помеѓу Болоња и Фиорентина. Сега лидерот Јувентус има осум бода предност во однос на вториот Наполи кој погоди две стативи против Киево и немаше среќа.

До крајот на денот, во Италија се играат две дербија: Лацио – Милан и Џенова – Сампдорија.

Велкоски со клучен гол за Сараево

Крсте Велкоски со еден погодок, придонесе за победата на Сараево над Звијезда 09 од 3:1. Сите голови беа постогнати во првото полувреме, а македонскиот репрезентативец погоди во 27 минута за водство од 2-1, пресекувајќи го залетаниот противник кој пред тоа израмни на 1-1.

Велкоски е во одлична форма, на шест меча во Премиерлигата на Босна и Херцеговина, има постогнато сецум гола, што во просек е повеќе од еден гол по меч. Тој на терен мина 73 минути, кога беше заменет од Халиловиќ.

Со оваа победа, Сараево е на прво место на табелата со 40 бода, пет повеќе од второпласираниот Зрињски.

Арсенал никогаш не води на полувреме, но често победува на крај

Арсенал како гостин го совлада Борнмут со 2:1, благодарение на голот на Пјер Емерик Обамејанг во 67 минута, и се завцрсти на петтата позиција на табелата во Премиерлигата. Лондонските „топчии“ заедно со Кардиф се единствени тимови во лигата кои никогаш не воделе после првите 45 минути, но Арсенал по 13 кола има 27 бода, еден помалку од четвртиот Челзи.

Обамејанг во Премиерлигата има постигнато 16 гола, од кои 14 се во мечеви кои се играле во недела. Арсенал после само шест меча, дојде до бројка од четири гостински победи, а во целата претходна сезона на 19 гостувања имаа четири триумфи.

Борнмут има низа од три порази по ред и полека го губи чекорот со водечките кои се тркаат за место кое носи излез на европска сцена, а во следното коло игра со Манчестер сити, против кого има ужасна традиција. Од 2015/2016 кога влезе во Премиерлигата, Борнмут е најнесреќен тим, со седум автоголови, од кои еден и попладнево за водство на „топчиите“ од 1-0.

Фернандо Алонсо: Секогаш ќе бидам фан на Формула 1

Двократниот светски првак во Формула 1, шпанскиот пилот Фернандо Алонсо, ја заврши кариерата во овој спорт. Тој е шести во историјата по број на победи (32), возеше за некогаш моќниот тим на Рено, па Мекларен и Ферари, ја прослави Шпанија во овој спорт.

„Овие испраќања малку ме засрамуваат. Поповлечен сум отколку што мислат, сакам ова да помине што побрзо, ако може да останам невидлив до понеделник. Им благодарам на сите со кои што соработував, секогаш ќе бидам фан на Формула 1“ – изјави Алонсо кој 17 години беше дел од ова натпреварување.

Болидот кој го возеше Алонсо во Абу Даби, беше во боите на неговата Астурија и шпанското знаме.

Шампионот сезоната ја заврши на шампионски начин

Луис Хамилтон е победник на Ф1 трката во Абу Даби на патеката Јас Марина, и на убедлив начин ја заврши сезоната во која ја освои петтата титула. Хамилтон прв влезе во боксот да ги смени гумите, и успеа да ги зачува до крајот, без тоа да му ја загрози победата. За него тоа е 11-та победа сезонава. Втор низ целта мина Себастијан Фетел, а трети е Макс Верстапен.

Самиот старт не донесе возбуда, но само неколку стотини метри подоцна Нико Хулкенберг се удри во Грожан, се изврте и за среќа остана неповреден.

„Извадете ме оттука, има пожар“ – беше првата реакција на Хулкенберг кој се најде во превртен и запален болид, а потоа најде време и да се пошегува: „Добар сум, само висам како крава“.

Трката во Абу Даби беше последна за Кими Раиконен како член на Ферари. Неговиот болид имаше механички проблем, па тој не ја заврши трката и со тоа си го загрози третото место во генералниот пласман. Но, ривалите кои се на четврто и петто место, не успеаја да го надминат, па Кими од подиум си замина од италијанскиот тим.

Имаше и слаб дожд, кој не им направи проблеми на пилотите, па немаа потреба да менуваат гуми за возење по влажна патека.

Бока нема да игра без својот капитен?

Фудбалерот на Бока јуниорс, Пабло Перес, кој се здоби со повреда на левото око при вчерашниот напад на автобусот од страна на фановите на Ривер плејт, ќе оди на очен лекар за да слушне и второ мислење дали ќе има можност да настапи на дуелот од финалето на Копа Либертадорес закажан за 21 часот. Доколку и овој лекар му забрани да игра, тогаш од Бока најавуваат дека нема да играат, дури и по цена да добијат закана дека таков потег би значел нивен службен пораз.

Во Буенос Аирес се преземени невидени мерки за безбедност, со цел да не се повторат вчерашните случувања кои фрлија темна дамка и врз Аргентина како држава. Навивачи на Ривер почнаа да се собираат во близина на стадионот „Монументал“, засега никој не може да каже со сигурност дали ќе се игра вечерва, но повторно ќе биде напнат ден и работите ќе се менуваат од час во час, од минута во минута.

Неофицијално, во игра е и опцијата натпреварот да се игра во 21 часот, но без присуство на публика.

Чилиќ на Хрватите им ја донесе втората титула во Дејвис купот (Видео)

Хрватска е нов шампион во Дејвис купот, откако поведе со 3:1, по триумфот на Марин Чилиќ над Лукас Пуил. Чилиќ ја оправда фаворитската улога и триумфираше со 7-6, 6-3, 6-3 за радост на Хрватите присутни на стадионот во Лил. До крајот на финалето треба да се игра уште еден сингл меч, но дуелот на Цонга или Ербер против Чориќ ќе биде ревијален и ништо нема да одлучува.

За Хрватска ова е втора титула во Дејвис купот и стана десеттата земја која го освоила ова натпреварување повеќе од еднаш. Победникот беше одлучен по двата сингл меча по петокот, кога Хрватска поведе со 2-0 и се знаеше дека е готово. Од 1939 година наваму, никој не успеал да слави во Дејвис купот после негатива од 0-2 во едно финале.

Погледнете ја радоста на победниците:

https://twitter.com/i/status/1066700739920171009

Ефектен гол на Лерма во погрешна мрежа (Видео)

Џеферсон Лерма е трагичар на Борнмут по првото полувреме, а популарните „цреши“ сепак успеаја да ја анулираат предноста на Арсенал, откако Колумбиецот во редовите на домаќините си постигна ефектен автогол.

Лерма се обиде со лизгачки старт во 30. минута да ја избие топката, но ефектот беше лош за Борнмут и проектилот на Колумбиецот заврши во мрежата на Асмир Беговиќ.

Сепак во последните моменти од првото полувреме Кинг погоди за да го избрише лошиот потег на Лерма и да израмни на 1:1.

https://www.dailymotion.com/video/x6xsngx

Нема шега со шампионот – Шкендија најде чаре за непобедливата Победа

Шкендија не се шегува, шампионот фати опасен залет во првенството и со нова победа се зацврсти на врвот на табелата со 37 бодови. Денеска на „Кукуш“ во Турново тетовци ја сопреа лошата серија од порази во меѓусебните дуели со Победа и со 2:0 ги совладаа прилепчани.

Егзон Бејтулаи скокна највисоко во 74. минута и ја затресе мрежата на противникот, а Изаир Емини со деветтиот гол сезонава во 87. минута само ја потврди седмата победа по ред во првенството.

Од битката за титулата не се откажува Вардар, а со триумф од 1:0 во Кратово против Силекс конечно е прекината низата од три меча без победа. Дарко Мицевски од пенал во 10. минута го одлучи победникот. Скопјани издржаа со играч помалку во последните 20-на минути, откако беше исклучен Лира Де Соуза.

По паузата за настапите на репрезентациите во Лигата на Нации се разигра Работнички. Романтичарите го добија и второто скопско дерби по ред и по триумфот против Вардар, сега ја победија и Македонија Ѓ.П. со 5:1.

Многу потешко и со гол во третата минута од судиското продолжение три бода освои уште една скопска екипа, Шкупи. На „Чаир“ Типуриќ донесе голема радост на дуелот против Беласица со гол во 93. минута.

Во Тетово во последниот меч од 16. коло Ренова и Академија Пандев ремизираа 1:1.

Табела: Шкендија 37, Вардар 31, Академија Пандев 26, Работнички 23, Ренова 20, Шкупи 19, Победа, Македонија Ѓ.П. и Беласица по 17, Силекс 14.

 

Парма и Сасуоло решија се за едно полувреме

Жервињо игра одлично, откако се врати во Европа, повторно постигна гол за Парма, по него во 25. минута прв гол сезонава запиша и Бруно Алвеш, доволно за нова победа.

Бубакар беше прецизен за Сасуоло во 36. минута од пенал, за надеж за Сасуоло, но потоа цели 54 минути мрежите мируваа.

Парма се обидуваше да ја запечати победата од 2:1 со контранапади во вториот дел, а Матри ја промаши најголемата шанса за гостите во самиот финиш на мечот од 13. коло во Серија А.

Парма е феномен и иако има негативна гол-разлика од 14:16 сепак со 20 бодови е во топ-6 во Калчото, односно се наоѓа на позиција која гарантира настап во Европа Лигата.

Сасуоло го претрпе четвртиот пораз во Серија А, но не е далеку од Парма и со 19 бодови се наоѓа на осмата позиција.