Дома Blog Страница 10557

Кој ќе биде најдобар стрелец во 2018: Меси или Роналдо?

Речиси по една деценија ривалство во шпанската Примера дивисион, сезонава Кристијано Роналдо и Лионел Меси не се директни противници на теренот. Сепак, двајцата фудбалери кои ги одбележаа последните години во светскиот фудбал, повторно имаат дуел. Се работи за тоа кој ќе биде најдобар стрелец во Европа во 2018 година.

Кога ќе се погледне листата на играчи со најмногу голови во топ 5 лигите, јасно е дека повторно ривалството е меѓу овие двајца. Меси досега постигнал 44 погодоци во 47 натпревари и е лидер во оваа категорија. Роналдо е веднаш зад Меси и досега има 43 голови. Ако Меси сите погодоци ги има дадено за Барселона, Роналдо во летниот преоден рок направи трансфер и од Реал Мадрид се пресели во Јувентус. Португалецот во 44 средби има дадено 43 погодоци.

Зад овие двајца е Роберт Левандовски од Баерн Минхенсо 39 погодоци, па потоа се Мохамед Салах од Ливерпул со 36 голови, колку што има и Луис Суарес од Барселона, додека по 35 погодоци во 2018 година досега постигнале Хари Кејн од Тотенхем и Антоан Гриезман од Атлетико Мадрид.

Меси го држи светскиот рекорд откако во 2012 година даде дури 91 погодок. Најдобрата година за Роналдо е 2013, кога постигна 69 погодоци.

 

Бентнер ја повлече жалбата и ќе оди во затвор

Некогашниот голгетер на Арсенал, Никлас Бентнер реши да ги одлежи 50-те дена во затвор. Бентнер на суд доби затворска казна поради претепување на еден таксист во центарот на Копенхаген. Таксистот заврши со скршена вилица и поради тоа го тужеше фудбалерот.

Бентнер, кој важеше за еден од најталентираните фудбалери, играше за Арсенал и Јувентус, а сега е дел од тимот на Розенборг. Поради лошата физичка подготвеност тој дури не беше повикан ниту во составот на данската репрезентација.

По добиената казна, голгетерот првично најави дека ќе се жали, но подоцна реши дека тоа нема многу да му помогне, па реши да ги одлежи тие 50 дена во затвор. Покрај затворска казна, тој ќе плати и парична казна од 179 фунти.

 

Во Бундеслигата веќе нема да има мечеви во понеделниците

Клубовите од германската Бундеслига едногласно решија дека нема веќе да се играат мечеви во понеделниците, соопштија од Федерацијата. Во договор за телевизиските права, во Бундеслигата во една сезона треба да се играат пет натпревари во понеделниците.

Сепак, со новиот договор за ТВ-правата, кој ќе влезе во сила од сезоната 2021/22, натпреварите кои се закажани за во понеделник, ќе се префрлаат и ќе се играат во недела.

Возбудувањата во германското првенство ќе продолжат во петок, со дуелот Баер Леверкузен – Штутгарт, а во сабота се играат поголемиот дел од дуелите. Баерн Минхен игра со Фортуна Дизелдорф, а лидерот Борусија Дортмунд гостува кај Мајнц.

 

„Македонското“ дерби во Унгарија ветува голови

Унгарскиот првак МОЛ Види ја има фаворитската улога во дуелот против Ујпешт во заостанатиот меч од шестото коло во домашното првенство. Ова ќе биде дуел и на двајца македонски интернационалци. Во редовите на шампионот е Бобан Николов, додека во дефанзивниот ред на Ујпешт е Кире Ристовски.

Во досегашните 13 дуели, двата тима имаат по 22 бодови и идентични шест победи, четири ремија и три порази. Кога се работи за меѓусебни дуели на овие две екипи, МОЛ Види е доминантен и на последните седум меча има пет победи и две нерешени. Во овие седум натпревари секогаш имало најмалу три голови, а еднаш било дури и 7+.

Ујпешт последен пат победил во февруари 2016 година.

 

Муниjаин е првиот фудбалер во Шпанија кој нема откупна клаузула

Офанзивецот на Атлетик Билбао, Икер Муниjаин, потпиша нов, петгодишен договор со клубот. Муниjаин стана првиот фудбалер во историјата на шпанскиот фудбал кој нема откупна клаузула во договорот, онаа која му стоеше во претходниот е комплетно тргната, со заемна согласност.

Шпанецот со баскиско потекло е производ на академијата на Билбао, а за сениорскиот тим дебитираше во 2009 година. Викендов, поточно во недела, на „Сан Мамеш“, во мечот против Хетафе, Мунијаин ќе го запише 360-тиот официјален настап за шпанскиот прволигаш.

„Металците“ ќе ја уриваат словенечката тврдина

Гостувањето кај Рогашка од 19 часот, за екипата на МЗТ Скопје Аеродром е добар тест во втората АБА лига бидејќи словенечкиот тим е непоразен на свој терен. Рогашка има скор 3-5 и секогаш победуваше дома, а секогаш губеше на гости. МЗТ е на 6-2, на претходното гостување во Словенија на драматичен начин испушти победа, па сега има поправен.

„Рогашка игра одлично дома. Применуваат повеќе варијанти на комбинирана одбрана и тоа ги прави незгодни противници. Ние секако одиме на победа, свесни дека нè чека тешка борба, но се надевам дека ќе влеземе со правилен пристап и тоа ќе ни ја донесе драгоцената победа“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

Сличен рецепт за триумф има и капитенот Дамјан Стојановски.

„Знаеме дека Рогашка е незгодна, особено дома, но сакаме да продолжиме со добрите игри во АБА 2. Ќе мора да дадеме максимум ако сакаме да ја продолжиме победничката низа“, вели Стојановски.

 

Маркес под нож во декември

Староновиот шампион на МотоГП, Марк Маркес, во четвртиот ден од декември ќе оди под нож. На шпанскиот мотоциклист ќе му биде извршена операција на рамото, повреда со која се здоби за време на прославата на новата светска титула по трката за ГН на Јапонија, а ја обнови за време на последната овосезонска трка која се одржа во Валенсија.

Повредата настана откако неговиот коледа од Хонда, Скот Рединг, со малку повеќе еуфорија почна да слави заедно со Маркес, по што рамото се дислоцира.

„Рамото едноставно се измести, за среќа не дојде до поголема штета. Прво не почувствував болка, нормално поради адреналинот, но ќе морам да бидам повнимателен во иднина“, истакна Маркес по таа случка.

За негова несреќа, Маркес излета од патеката на последната овосезона трка која се одржа во Валенсија и ја обнови повредата, па зафатот сега е неизбежен.

https://www.dailymotion.com/video/x6vusha#tab_embed

 

https://www.dailymotion.com/video/x6vushb#tab_embed

Стадионот во Лил е подготвен за финалето на Дејвис купот

Процесот на поставување земјен терен за тенис на стадионот „Пјер Мoрој“ во Лил е готов и од петок репрезентациите на Франција и Хрватска може да го почнат финалето на Дејвис купот.

Трансформацијата на теренот не е лесна, но трае релативно брзо. Во Лил се навикнати за вакви потфати, бидејќи од 2014 година наваму, по петти пат ќе се игра тенис на овој стадион, а во 2015 таму се играше и завршница од Европското првенство во кошарка.

За потребите на тенискиот меч, на фудбалскиот терен се спуштаат дел од монтажните трибини, се ставаат 150 тони земја, и веќе од денеска, ќе може да се тренира за да се стабилизира подлогата, пред Французите и Хрватите да стапнат на терен.

Во француската јавност мислењата околу избраната подлога се различни. Франција на свој терен има загубени дури четири финалиња на земја во Дејвис купот, последен пат во 2014. Лани на тврда подлога ја освоија „салатарата“. Но, Хрватска е доста послаба на земја отколку на тврда подлога, а Чилиќ и Ќориќ нема да имаат доволно време да се прилагодат бидејќи играа на тврда подлога.

Златно момче – Петмина конкурираат, еден може да го наследи Мбапе

Како секоја година од 2003 наваму, па така и оваа, „Тутоспорт“ ќе ја додели наградата Златно момче, наменета за фудбалери под 21 година. За 16-тата награда по ред, во потесниот круг се најдоа петмина млади играчи кои импресионираа со своите игри во текот на 2018 година, но само еден од нив може да го наследи Килијан Мбапе, добитникот на наградата од лани.

Како што најавува италијанскиот весник, ќе се бие битка меѓу двајца Холанѓани, Џастин Клајверт од Рома и Матајс де Лихт од Ајакс. Тоа се двајцата тинејџери кои засега се сметаат за фаворити, додека петорката ја комплетираат, Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, Патрик Кутроне од Милан, како и бразилската аквицизија на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор.

„Тутоспорт“ ќе ја додели наградата на 17-ти декември, а право на глас имаат сите светски фудбалски новинари, додека фудбалските фанови, исто така, можат да гласаат преку веб-страницата на италијанскиот весник.

 

Не е страшно: Нејмар и Мбапе ќе бидат подготени за Ливерпул

Во таборот на ПСЖ пристигнаа добри вести, повредите на Нејмар и Мбапе не се сериозни. По првите лекарски прегледи, од медицинскиот тим на Бразил излегоа информации дека Нејмар имал болки во препоните, а мечот против Камерун го напуштил со цел да не дојде до поголем проблем.

Ќе му бидат потребни неколку дена за да ја надмине повредата, а се претпоставува дека ќе биде подготвен за дуелот со Ливерпул во Лигата на шампионите закажан за 28-ми ноември. Бразилецот се огласи преку социјалните мрежи дека повредата не е сериозна, а слична е ситуацијата и со Мбапе.

Французинот се здоби со болки во рамото на пријателската пресметка против Уругвај, но селекторот Дидие Дешамп ги смири страстите откако потврди дека се работи само за обичен удар.

„Килијан почувствува болки во рамото по неговиот пад, но не се работи за посериозна повреда. Мислам дека не се работи за кинење на мусклул или лигамент, ќе потврдат дополнителните прегледи“, истакна Дешамп.

Дуелот против „црвените“, кој ќе се игра на „Паркот на принцовите“, може да биде одлучувачки за двете екипи во борбата за пласман во нокаут-фазата од ЛШ. Во групата Ц, Ливерпул и Наполи имаат по шест бода, пет има ПСЖ, додека Црвена ѕвезда е на четвртото место со четири бода.