Стадионот во Лил е подготвен за финалето на Дејвис купот

Процесот на поставување земјен терен за тенис на стадионот „Пјер Мoрој“ во Лил е готов и од петок репрезентациите на Франција и Хрватска може да го почнат финалето на Дејвис купот.

Трансформацијата на теренот не е лесна, но трае релативно брзо. Во Лил се навикнати за вакви потфати, бидејќи од 2014 година наваму, по петти пат ќе се игра тенис на овој стадион, а во 2015 таму се играше и завршница од Европското првенство во кошарка.

За потребите на тенискиот меч, на фудбалскиот терен се спуштаат дел од монтажните трибини, се ставаат 150 тони земја, и веќе од денеска, ќе може да се тренира за да се стабилизира подлогата, пред Французите и Хрватите да стапнат на терен.

Во француската јавност мислењата околу избраната подлога се различни. Франција на свој терен има загубени дури четири финалиња на земја во Дејвис купот, последен пат во 2014. Лани на тврда подлога ја освоија „салатарата“. Но, Хрватска е доста послаба на земја отколку на тврда подлога, а Чилиќ и Ќориќ нема да имаат доволно време да се прилагодат бидејќи играа на тврда подлога.

- Оглас -

Најнови вести