Дома Blog Страница 10574

Иснер немоќен, Зверев обезбеди полуфинале

Александар Зверев со 2-0 (7-6, 6-3) го победи Џон Иснер и обезбеди место во полуфиналето на финалниот турнир на АТП. Германскиот тенисер со овој триумф обезбеди пресметка против Роџер Федерер за пласман во финалето.

Со изедначени сили, првиот сет се играше до 6-6, без грешка на двајцата тенисери, па тајбрејкот Зверев го освои со 7-5. Зверев имаше за нијанса полесна задача во вториот сет, а одлучи брејкот кој го направи за 5-3.

Во 21 часот ќе се одигра дуелот помеѓу Ѓоковиќ и Чилиќ. Србинот веќе го обезбеди своето учество во полуфиналето, па по овој меч ќе се пресмета со Кевин Андерсон за влез во големото финале во Лондон.

Скратен списокот на ракометарки пред првиот собир

Селекторот на женската ракометна репрезентација, Симе Симовски, го скрати списокот на ракометарки пред стартот на подготовките за квалификациите за СП 2019. Од поширокиот список, останаа 21 ракометарки на кои Симовски ќе смета за дуелите против Исланд, Турција и Азербејџан.

Македонија ќе биде домаќин на натпреварите од квалификациската група кои ќе се играат од 30-ти ноември, до 2-ри декември, а средбите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“.

Првиот собир на репрезентативките е закажан за 19-ти ноември.

Пјаниќ го исплаши Јувентус

Миралем Пјаниќ нема да биде во составот на БиХ за пријателскиот меч против Шпанија откако вчера се здоби со повреда во ремито без голови против Австрија во Лигата на нациите.

Босанецот има проблеми со задниот дел на бутниот мускул, па тој ќе се врати во центарот на Јуве во Торино, каде што ќе мора да ги изврши медицинските прегледи и да се потврди колку е сериозна повредата, а најверојатно се работи за истегнување на мускулот.

Засега е непознато дали Алегри ќе ризикува со него за дуелот со СПАЛ во следното коло од Серија А бидејќи италијанскиот стратег нема премногу опции за средниот ред откако Емре Џан и натаму не е во погон поради проблеми со тироидната жлезда.

 

Рондо оди на операција, му следува пауза од три до пет недели

На плејмејкерот на ЛА лејкерс, Рeџон Рондо, денес ќе му биде извршена операција на дланката на десната рака, откако се повреди во дуелот против Портланд. Се претпоставува дека ќе му бидат потребни три до пет недели за целосно да закрепне, а во следниот период „езерџиите“ ќе бидат само со еден организатор на игра, Лонзо Бол.

Триесет и двегодишниот кошаркар веќе втор пат сезонава ќе мора да отсуствува од НБА-терените одреден период, откако претходно отслужуваше суспензија од три натпревари, поради физичката пресметка со Крис Пол за време на мечот против Хјустон.

Минимален пораз на Македонија во пријателската средба против Србија

Македонската фудбалска селекција до 21 години со минимални 1-0 загуби од Србија на пријателската средба која се одигра во Подгорица. Во мечот во кој имаше повеќе црвени картони (три) отколку голови, се одлучи во 54-тата минута.

Во 35-тата минута судијата додели по еден црвен картон за двете репрезентации, а во последните минути нашиот национален тим остана со уште еден играч помалку на теренот, што дополнително им ја олесни работата на Србите, имајќи предвид дека претходно ја остварија предноста.

Следен предизвик за македонската репрезентација ќе биде Црна Гора, натпревар кој ќе се одигра на 19-ти ноември.

Англија има проблем, Германците им ги купуваат фудбалските таленти

Англиските клубови имаат премногу странци, проблемот веќе e и една од главните теми за кои се говори во спортските кругови на Островот, а сега уште еден талент е пред заминување.

Дени Лоудер е еден од најголемите таленти во Англија, а за него се заинтересирани Борусија Менхегладбах, Херта и Волфсбург.

Германците им даваат шанса на своите фудбалски надежи, додека ние сè уште не знаеме што да правиме со нив. Во елитните англиски клубови тешко добиваат шанса да играат, па Германците тоа сè повеќе го користат, пишуваат медиумите во Англија.

Џејдон Санчо со одличните игри за Борусија Дортмунд го сврте вниманието на фудбалската јавност, а ние се сеќаваме на талентираното момче во англиската репрезентација за играчи до 19 години што ни беше гостин во квалификациите за настап на ЕП. Санчо беше само дел од плејадата талентирани фудбалери на младите англиски селекции што тешко добиваат шанса во англиските клубови, па одлучија да заминат.

Тој и Нeлсон веќе се членови на германски клубови, агенти на три клуба од Бундеслигата веќе го следат Лoудер, а Англичаните стравуваат декла егзодусот на таленти во правец кон Германија ќе продолжи.

Ловрен продолжува со провокациите кон Рамос (фото)

По видеото кое го објави Дејан Ловрен по вчерашниот триумф над Шпанија од 3-2, дефанзивецот и денес продолжи со провокациите кон капитенот на „црвената фурија“. Тој објави фотографија на „Инстаграм“ како при воздушен дуел со лакот го удира Рамос, како што претходно кажа и во самото видео дека го сторил тоа.

Сега ги почасти фановите на „коцкестите“ со нова провокација кон дефанзивецот на Реал Мадрид и Шпанија.

ПРОГНОЗИРАЈ: Хрватска ќе им ги помати сметките и на Англичаните

Англија и Хрватска во обид да се поправат по она досадно реми без голови кое го одиграа во Риека пред еден месец. Повторно ќе има реприза од мундијалското полуфинале, овојпат ќе се игра на „Вембли“, со надеж дека голови нема да недостасуваат.

По триумфот против Шпанија од 3-2 остварен во последните моменти од средбата, „коцкестите“ сега се во мисија да ги поматат сметките и на Англичаните. Победа за која било од двете репрезентации ќе значи и освојување на првото место во групата 4 од Сегментот А, додека при евентуално реми, Шпанија ќе ја задржи лидерската позиција со шест бода.

Вкупно девет пати Англија и Хрватска ги одмериле силите. „Гордиот Албион“ се радувал на четири средби, Хрватите имаат една победа помалку, а два меча завршиле без победник.

Покрај ова дерби од Сегментот А во Лигата на нациите, има уште неколку возбудливи дуели кои се вметнати во петтото коло од Спортска прогноза. Играјте и прогнозирајте на понудените 12 дуели за овој викенд.

По успешната прогноза ќе ви се прикажат вашите типувања. Сите прогнози за тековното коло, вклучувајќи ја и вашата, можете да ги погледнете тука.

Заврши авантурата на Ентони во Хјустон

Хјустон рокитс и Кармело Ентони ја раскинаа соработката само по 10 одиграни натпревари на ветеранот за франшизата од Тексас. Тренерот Д‘Aнтони повеќе не смета на неговите услуги, а доколку Ентони сака да заигра за нова екипа, ќе мора да чека до 15-ти декември за да биде трејдуван или, пак, да се откаже од платата од 2,4 милиони долари и да го раскине договорот.

Според правилата на НБА, играч кој пристигнал во еден тим како слободен агент не може да биде сменет со друг кошаркар пред споменатиот датум.

„По долги разговори и детално разгледување на сите опции пред конечната одлука, разјаснивме дека е најдобро да ја прекинеме соработката со Ентони и да побараме друго решение. Ентони ја прифати секоја улога во тимот дадена од неговиот тренер и на почетокот добро му одеше, но, вклопувањето во тимот не помина како што се очекуваше, па токму затоа најдобра опција беше да се прекине соработката“, истакна генералниот менаџер на „ракетите“, Дерил Мори.

Триесет и четиригодишниот крилен играч го напушти тимот уште минатиот петок, откако му беше соопштено дека не е во плановите на Мајк Д‘Антони. Летово пристигна како слободен агент, потпишувајќи ветерански договор од 2,4 милиони долари по една сезона помината во дресот на Оклахома.

Георгиј ќе биде првиот Грузиец во Барселона

Офанзивниот играч за врска на Гент, Георгиј Чакветадзе, е на добар пат да стане првиот Грузиец што ќе биде член на фудбалскиот клуб Барселона.

Скаути кои работат за Каталонците, вчера го следеа настапот на 19-годишниот талент на дуелот меѓу Андора и Грузија.

Чакветадзе одигра одлично и го постигна единствениот гол за Грузија, иако немаше многу причини за радост по ремито 1-1 со аутсајдерот Андора.

Чакветадзе игра одлично и за Гент сезонава и на 14 натпревари постигна 4 голови, со две асистенции, иако не е класичен напаѓач, а Барселона го следи секој негов чекор веќе подолго време.

Грузија е можен ривал на Македонија во Сегментот Д во Лигата на нациите. Во одредена варијанта, и тоа многу реална, можно е овие две селекции да играат и финале за пат на ЕП 2020 година, па Чакветаѕе би им бил опасен ривал на нашите репрезентативци, ако дојде до меч за пласман на континенталниот шампионат за две години.