Дома Blog Страница 10573

Лоша вест: Пандев нема да игра против Гибралтар

Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев нема да игра на последниот меч од групната фаза во Лигата на нации, против Гибралтар во Скопје. Тоа стана јасно, откако Пандев доби жолт картон на гостувањето кај Лихтенштајн, а со тоа му се акумулираа парен број на јавни опомени, што значи и автоматски суспензија од еден меч.

Пандев се подготвуваше токму на дуелот против Гибралтар да го одигра јубилејниот 100 натпревар во националниот дрес, но сега тоа ќе мора да го одложи за следен дуел.

 

Македонија доминира, но не може да му даде гол на Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација е многу подобар тим на теренот во Вадуз, но по првиот дел, резултатот на гостувањето кај Лихтенштајн е 0:0. Нашите репрезентативци во текот на сите 45 минути ја имаа теренската ицицијатива, создадоа неколку шанси, но засега не се израдуваа на погодок.

Илија Несторовски во 12 минута и Ферхан Хасани во 18 минута ги имаа најдобрите шанси за гол, но беа непрецизни. Лихтенштајн со згуснат ред во одбраната не дозволуваат да има многу простор за Македонија и тоа засега им го носи посакуваниот резултат на домаќините.

Статистиката покажува дека Македонија има повеќе од 70 отсто посед на топката, речиси три пати повеќе додавања, изведе шест корнери додека ривалот не изведе ниту еден, но џабе се овие бројки, кога на семафорот по првиот дел е 0:0

 

Пангос со Барса „ги поздрави“ поранешните соиграчи

Барселона на гости го совлада Жалгирис со 88:85, и тоа по продолжение од пет минути, откако каталонците испуштија победа уште во регуларниот дел. „Зелената шума“ се извлече на чудесен начин во последната четвртина, но немаше сили во екстра петте минути.

Кевин Пангос во претходните две сезони носејќи го дресот на Жалгирис, се истакна како еден од најдобрите плејмејкери во Европа, а сега како член на Барса со 10 поени и пет асистенции придонесе за пораз на литванскиот клуб.

За Жалгирис заврши низата од три победи по ред против Барселона, а тимот на тренерот Парунас Јасикевичиус остана и без домашна победа сезонава во Евролигата.

Анадолу Ефес го надигра Панатинаикос со 78:62 во првиот денешен меч.

Перасовиќ е нов тренер на Басконија

Хрватскиот стручњак Велимир Перасовиќ се враќа на клупата на Басконија, клубот во чија сала ќе се игра фајнал-форот на Евролигата.

После синоќешниот пораз од Будуќност кога примија рекордни 21 тројки, баскијците решија да му врачат отказ на Педро Мартинес. Експресно беше најдена замена, а тоа е популарниот Перас.

Прв меч за Перасовиќ како тренер на Басконија сеознава ќе му биде оној в недела против Гран Канарија. Тој утре ќе пристигне во Виторија и ќе го има запознавањето со новиот тим.

Хрватот е добро познат во Виторија, тој дел од играчката кариера мина во овој клуб кој порано се викаше и Тау Керамика, а беше и тренер во два мандати, последен пат во сезоната 2015/2016, кога настапија на фајнал-форот во Берлин.

Легендарниот стадион во Мексико, во очајна состојба

На „Ацтека“ се одигра мечот Италија – Германија 4:3 од полуфиналето на СП 1970 година, дуел кој е прогласен за натпревар на векот, Пеле истата 1970 таму во финалето даде гол и му помогна на Бразил да стане светски првак, во 1986 година Марадона на Аргентина ѝ ја донесе последната светска титула, но стадионот во Мексико сити во моментов е во лоша состојба.

Во 2026 година, СП ќе се игра во САД, Мексико и Канада, па на „Ацтека“ ќе му биде вратена славата, но во оваа 2018 година, изгледа очајно.

Поради многуте дождови и концертите, теренот е во многу лоша состојба, па меч од НФЛ лигата во американски фудбал закажан за 19 ноември беше откажан. Според фотографиите од пред некој ден, може да се заклучи дека теренот е како ораница.

Проблеми се и лошата видливост од одредени делови на трибините поеради намалувањето на капацитетот на 86.000 седишта, како и малкуте паркинг места.

Само еден човек може да има ќар од повредата на Начо

Хесус Валјехо може да добие шанса за заигра за Реал Мадрид после репрезентативната пауза, бидејќи целосно ќе закрепне од повредата. Реал има пробем со повредите на дефанзивците, во прв ред Начо и Варан, па Валјехо би можел да биде алтернатива на некои мечеви, бидејќи календарот е згуснат и мора некогаш да одмори и Рамос.

На Реал му претстојат осум меча за 29 дена и секој играч плус е добра вест за тренерот Сантијаго Солари.

Начо нема да игра до крајот на 2018 година, па Валјехо би можел да дебитира сезонава. Ова му е шанса да се наметне и да покаже дека заслужува да го носи белиот дрес. Во спротивно, местото ќе му биде земено од Хави Санчес кој веќе дебитираше и беше прекомандуван од вториот тим.

 

Македонија со пет офанзивци ќе атакува во Вадуз

Селекторот Игор Ангеловски има доверба во голманот Столе Димитриевски, и чуварот на мрежата на Рајо Валјекано ќе биде во почетниот состав на гостувањето во Вадуз. Одбраната ќе ја сочинуваат Ристевски, Муслиу и Бејтулаи, во средниот ред се Николов, Барди, Хасани и Пандев, а во нападот ќе тргнат Трајковски, Тричковски, Несторовски.

Оваа формација на хартија е 3-4-3, но веројатно ќе има одредени корекции и треба да се види кои ќе бидат напред, а кои зад нив во втората борбена линија. Како и да е, Македонија влегува без калкулации, ќе се напаѓа од прва минута со сите сили.

 

„Магија“ на Салах за победа на Египет во 90 минута (Видео)

Египет на свој терен со 3:2 го победи Тунис, во меч од 5. коло во квалификациите за Купот на Африканските нации. Резултатот беше 2:2 кога Салах со еден блескав потег успеа да го матира гостинскиот голман и да донесе триумф од 3:2.

Мечот беше со многу пресврти. Гостите водеа со 1:0, потоа Египет поведе со 2:1, но Тунис израмни и на 2:2. На крајот сепак Салах пресуди со погодокот во 90 минута.

Со оваа победа Египет стигна до 12 бодови, колку што има и Тунис и двете селекции обезбедија пласман на завршницата на Купот на Африканските нации.

Потег за почит: Играчите на Рома донираа 150.000 евра за лекување на фан на Ливерпул

Шон Кокс е 53-годишен навивач на Ливерпул кој беше жртва во нападот на хулиганите на Рома во Ливерпул, пред полуфиналето од Лигата на шампиони кое се играше во април. Кокс кој е татко на три деца, беше нападнат непосредно пред „Енфилд Роуд“.

По нападот, Кокс заврши во болница со потрес на мозокот. Челниците на Рома тогаш го посетија во болница и му порачаа дека ќе му дадат финансиска помош додека трае лекувањето. Жената на повредениот Кокс, Мартина, вели дека нејзиниот маж ќе мора да има лекарска помош до крајот на животот. Шон моментно се лечи во Националниот центар за рехабилитација во Даблин.

Играчите на Рома собраа и донираа 100.000 евра, додека претседателот на клубот Џим Палота ќе додаде уште 50.000 евра.

„Тоа што му се случи на Шон Кокс не смее да му се случи на ниту еден навивач. Нашите мисли се со Шон и со Мартина и нивното семејство. Се надеваме дека ќе се опорави“, рече првиот човек на Рома, Палота.

Во Англија е во тек голема акција за помош на Кокс, а целта е да се соберат два милиони евра. Голем број на фудбалери, тренери и фудбалски работници донираа. Меѓу нив е и Јирген Клоп, кој даде 5.000 евра.

Ќе има пренос од Лихтенштајн – Македонија

Специјализираниот спортски канал „Спорт клуб 3“ ќе врши директен пренос од дуелот Лихтенштајн – Македонија во Вадуз. Тоа значи дека сите оние кои го имаат овој канал на своите кабелски телевизии, ќе можат да го проследат мечот во живо.

Ова е дуел кој за Македонија може да значи обезбедување на првото место во групата од Лигата на нации, а со тоа и чекор напред кон остварување на сонот да се пласираме на завршницата на Европското првенство во 2020 година.

Дуелот во Вадуз започнува во 20:45 часот, а Македонија треба да има поддршка од неколку стотина иселеници кои најавија дека ќе бидат на стадионот во Вадуз.