Дома Blog Страница 10606

Фудбалерот во Бразил го убиле бидејќи спиел со туѓа жена

Бразилскиот фудбалер Даниел Кореа пред 10-тина дена беше најден мртов, и тоа искасапен по целото тело и со пресечени гениталии. Многумина се чудеа кој се решил да го убие овој 24-годишен играч на Сао Пауло, и тоа на така брутален начин.

Причината за убиството сега е јасна. Кореа спиел со туѓа жена, а на негова несреќа, тоа го дознал и мажот кој бил изневерен. Едсон Бритес (38) е бизнисменот кој го убил Кореа откако дознал дека фудбалерот спие со неговата жена. Самиот Бритес признал дека го извршил убиството, и тоа во „момент на лудило“. Бизнисменот вели дека фудбалерот сакал да ја силува неговата жена и дека тоа е причината поради која го убил.

Сепак, фотографиите кои се појавија покажуваат дека Кореа не сакал да ја силува мажената жена туку дека имал љубовна врска со неа. Фудбалерот се фалел и на своите другари, а на една од фотографиите кои им ги испратил напишал „Овде може и да спијам. Има неколку жени кои се по собите во целата куќа. Јас сум со мајката на девојката која слави роденден, а и таткото е во куќата“.

За несреќа на Кореа, неговата афера многу брзо била откриена, а изневерениот сопруг во својата ќука го убил фудбалерот, а подоцна го фрлил покрај еден напуштен пат. Се покажало дека пораките и фотографиите со кои Кореа се фали за своите љубовни потфати дека се и последните што ги испратил.

 

Ливерпул со овации пречекан во Белград (Фото)

Петкратниот европски првак Ливерпул пристигна во Белград. Иако сите знаат дека кога се гостува во главниот град на Србија, атмосферата е пеколна, овојпат фудбалерите на англискиот гигант имаа сосема поинакво искуство. Неколку стотина фанови на Ливерпул беа на аеродромот „Никола Тесла“ за да ги пречекаат своите омилени играчи.

Очекувано, во центарот на вниманието беа најголемите ѕвезди, Мохамед Салах, Роберто Фирмино, Садио Мане, како и тренерот Јирген Клоп.

На аеродромот играчите на Ливерпул имаа одличен пречек, но сигурно ни малку нема да биле слично утревечер на стадионот „Рајко Митиќ“, кога повеќе од 60.000 навивачи на Црвена ѕвезда ќе очекуваат домаќините да направат изненадување против големиот ривал.

 

Надал оди на операција и го пропушта завршниот Мастерс

Рафаел Надал неодамна ја загуби челната позиција на АТП-листата, а сега најави дека ќе го пропушти и завршниот Мастерс турнир кој се игра во Лондон. Шпанецот не се појави на Мастерсот во Париз, но постоеше надеж дека можеби ќе игра во Лондон. Сепак, повредата на мускулот на стомакот е посилна од желбата и Надал се откажа.

„Направив сè што можев за да се подготвам за крајот на сезоната. Навистина сакав да играм во Париз и Лондон, но, за жал, повредата на мускулот на стомакот ме спречи. Имам повреда и на зглобот, поради која ќе морам да одам и на операција. Веќе кога не можам да играм во Лондон, времето ќе го искористам да одам на операција на зглобот“, објасни Надал.

Последниот Мастерс во Лондон започнува на 11-ти ноември.

Челзи ќе плати над 100 милиони фунти за играч кој едвај има одиграно неколку меча

Англискиот премиерлигаш Челзи е подготвен да плати неверојатна сума од 105 милиони фунти за тинејџер од Португалија. Бенфика во своите редови го има 18-годишниот Жоао Феликс. Тоа е играч од средниот ред, за кого се верува дека му претстои блескава кариера.

Феликс има голем талент, а во петте средби кои ги има зад себе во сениорскиот фудбал во Португалија, успеа да даде и два гола. Посебно за памтење му е погодокот во дербито против Спортинг Лисабон. Статистиката вели дека погодува на секои 76 минути игра. Освен петте дуели во првенството, Феликс дебитираше и во Лигата на шампионите, каде што досега има запишано 38 минути.

Челзи веднаш го препозна талентот на играчот кој доби понуда да го продолжи договорот со Бенфика. Според проценките, вредноста на овој млад 18-годишен играч може да достигне и до 105 милиони фунти, сума која би ја платил гигантот од „Стемфорд бриџ“.

 

 

Пике за малку се спаси од „седум години несреќа“ (Видео)

Барселона денеска пристигна во Милано, каде што утре, на „Џузепе Меаца“ ќе го игра мечот од четвртото коло во Лигата на шампиони против Интер. При самото пристугнување пред хотелот во Милано, дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике, имаше мала непријатност.

Излегувајќи од автобусот, Пике гледаше во мобилниот и слушаше музика, па не успеа да го види ретровизорот од автобусот. Неколку луѓе кои беа пред автобусот се обидоа да му сугерираат на Пике да внимава, но тој не ги слушна и со главата се удри во ретровизорот.

За среќа, Пике немаше никаква повреда, а и огледалото остана нескршено, па ѕвездата на Барселона се спаси од „седум години несреќа“, како што е верувањето за скршено огледало.

 

 

Милер ќе се разведува затоа што жена му го критикуваше тренерот Ковач!?

„Требаа 70 минути за да сфати дека треба да го внесе во игра“, е коментарот на Лиза Милер за време на саботниот меч на Баерн Минхен против Фрајбург. Со овој коментар на социјалната мрежа „Инстаграм“, Лиза всушност го критикуваше тренерот Нико Ковач за одлуката да му даде само 20 минути за игра на нејзиниот сопруг, Томас.

Токму тој коментар предизвика лавина реакции. Најпрво, на Лиза ѝ беше кажано веднаш да се извини, а таа го направи тоа. По тоа извинување, следи неверојатно „чистење“ на профилот на „Инстаграм“ на Лиза Милер. Таа ги има избришано сите фотографии кои ги имаше со својот маж, а единствено нешто што покажува дека е негова жена е презимето.

Оваа двојка е во брак од 2009 година. По реакцијата на Лиза за тоа што нејзиниот маж доцна влегол во игра на дуелот против Фрајбург, Томас најпрво застана во одбрана на својата жена и искоментира: „Што да правам кога едноставно ме сака“. Сепа,к Томас најверојатно многу брзо го сменил мислењето за тоа што требало да направи и овојпат клубот го стави пред својата жена. Мора да се знае дека главен во Баерн и тој што одлучува за тимот е тренерот Нико Ковач.

Дефинитивно, Нико Ковач успеа да ги скара Томас Милер и неговата жена, но останува да се види дали е тоа толку сериозно штом Лиза ги избришала сите фотографии со нејзиниот маж.

 

 

Карембе: Не ја пеев Марсељезата, не играв со гордост за Франција

Архипелагот Нова Каледонија, кој се наоѓа во Тихиот океан, на 16.000 километри од Париз, во неделата имаше избори за самостојност и отцепување од Франција, а еден од промоторите на независноста беше фудбалерот Кристијан Карембе. Сепак, малку повеќе луѓе гласаа против самостојност.

Поранешниот член на француската репрезентација, кој во 1998 година стана светски првак со „триколорите“ и европски клупски првак со Реал Мадрид, сега открива дека, всушност, никогаш не ја сакал Франција.

„Со гордост играв за Франција, но не ми беше лесно, тоа е земја која уби многу мои роднини и пријатели. Не можам да заборавам што се случуваше во моето детство, и јас можев да бидам убиен. Во Франција има слобода и демократија, но во Нова Каледонија не можете слободно да шетате по улица, таму ве тераат да ја научите химната, географијата и историјата на Франција. Тоа го нема ниту во Франција за деца на претшколска возраст“, вели Карембе, кој како малолетен ја напуштил родната земја и се преселил во Франција, па оттаму ги бранеше правата на народот Канако.

Нова Каледонија е членка на ФИФА од 2004 и една од 17-те колонии признаени од Обединетите нации, но останува под владение на француската влада.

„Франција немаше да биде толку убава без Нова Каледонија“, порача претседателот Емануел Макрон по изборите.

Кавани пред враќањето на „Сан Паоло“: Ќе има многу емоции

Голгетерот на ПСЖ, Единсон Кавани, утре повторно ќе заигра на „Сан Паоло“, но како противник на „неговиот“ Наполи. Уругваецот три години ги бранеше боите на „наполитанците“, постигнувајќи над 100 погодоци, а утре за првпат ќе се врати во Неапол по пет години откако го облече дресот на „светците“.

„Тоа ќе биде натпревар со многу емоции, барем за мене. Поминав три фантастични сезони во дресот на Наполи, со многу убави спомени си заминав оттаму. И двете екипи ќе сакаат да освојат три бода, потребни ни се и нам, но и ним, што значи дека ќе биде борба до последен здив, со многу интензитет. Многу е тешко да се победи Наполи пред полниот „Сан Паоло“, но не е невозможно, јас верувам во позитивен исход“, истакна Кавани.

Натпреварот Наполи – ПСЖ е закажан за утре, во терминот од 21 часот.

Егону: Девојката ми помогна да го преболам поразот од Србија

Паола Егону, која само со 19 години е една од најдобрите одбојкарки на светот, откри дека има девојка, но побара да ѝ биде почитувана приватноста и не го кажа името на нејзината партнерка. Таткото и мајката на Паола се од Нигерија, но таа е родена во Италија, наскоро ќе наполни 20 години и игра за репрезентацијата на родната земја.

Италијанките во Јокохама загубија од Србија во финалето на Светското првенство, иако водеа со 2:1 во сетови. Тој пораз тешко ѝ паднал на Егону, а поддршка добила од својата девојка, за која се шпекулира дека исто така е врвна спортистка.

„Многу ми беше тешко по финалето, постојано плачев, но девојката по телефон ми кажа некои зборови на утеха и совети, со што ми олесни да преболам“, рече Егону.

Покрај тоа што се бори со предрасудите околу хомосексуалноста, Егону исто така се бори и против расизмот и ја промовира мултиетничноста во репрезентацијата на Италија. Таа да кажеше дека има момче, немаше да се крене толкава прашина, а вака таа е главна во италијанските медиуми, и тоа не само спортски.

Квинси Промес е најлошиот напаѓач во шпанската лига

Квинси Промес од Севилја може слободно да се нарече најнекорисниот напаѓач во шпанскиот шампионат, а и статистиката оди во прилог на оваа констатација. Овој 26-годишен холандски напаѓач сезонава не само што нема гол, туку уште нема шутнато во рамките на головите на ривалите.

Промес сезонава играше на осум меча во Ла Лига (против Реал Сосиедад, Уеска, Селта, Еибар, Реал Мадрид, Леванте, Хетафе и Бетис), викендов ги одигра сите 90 минути, но уште нема упатено прецизен шут кој би бил закана за голманите. Тој е единствениот напаѓач во Шпанија сезонава кој играл на осум меча, а уште нема шут.

Промес, сепак, има дадено еден погодок сезонава, против Акхисар во Лигата на Европа, и тоа му е единствен гол во дресот на Севилја, каде што дојде од Спартак Москва. Севилја во четврток гостува кај Акхисар и тоа е прилика за Промес повторно да даде гол против турскиот тим.