Дома Blog Страница 10605

Ако се наместат коцките – Осум екипи имаат шанса за осминафинале само по 4 кола во ЛШ

Борусија Дортмунд, Атлетико Мадрид, Барселона, Интер, Ајакс, Баерн, Манчестер сити и Јувентус имаат шанса по денешните и утрешни натпревари во Лигата на шампионите да бидат осминафиналисти.

Иако се игра четвртото коло во првата фаза, овие 8 состави, ако се поклопат коцките, можат безгрижно да ги одиграат последните две кола во своите групи.

Еве го комплетното сценарио:

Група А

Монако (1 бод) – Бриж (1 бод) играат денеска од 18.55 часот

Атлетико Мадрид (6) – Борусија Дортмунд (9) играат денеска од 21 часот 

Борусија Дортмунд има максимален учинок по три кола и со победа во Мадрид, или и со пораз, ако ремизираат Монако и Бриж, сигурно оди во осминафинале.

Атлетико Мадрид треба да ги победи „милионерите“ од Дортмунд и Монако и Бриж да одиграат нерешено за да си обезбеди за себе, како и за Борусија, место меѓу 16-те најдобри во ЛШ.

 

Група Б

Интер (6) – Барселона (9) играат денеска од 21 часот

Тотенхем (1) – ПСВ Ајндховен (1) играат денеска од 21 часот

Во оваа група може да се случи комплетно исто сценарио како и во групата А. Интер да ја победи Барселона, а Тотенхем и ПСВ да ремизираат за сигурен пласман на италијанскиот и шпанскиот претставник во нокаут-фазата.

 

Група Е

Бенфика (3) – Ајакс (7) играат утре од 21 часот

АЕК (0) – Баерн Минхен (7) играат утре од 21 часот

Ако Ајакс ја победи Бенфика и Баерн слави во Атина, тогаш нема дилеми, понатаму одат холандскиот и германскиот гигант.

 

Група Ф

Манчестер сити (6) – Шахтар (2) играат утре од 21 часот

Лион (5) – Хофенхајм (2) играат утре од 21 часот

Ако Сити го победи украинскиот првак, а Лион биде подобар од Хофенхајм, Англичаните ќе бидат недостижни за Шахтар и за германскиот претставник и ќе се промовираат во осминафиналисти во ЛШ по ова коло.

 

Група Х

Валенсија (2) – Јанг бојс (1) играат утре од 18.55 часот

Јувентус (9) – Манчестер јунајтед (4) играат утре од 21 часот 

„Старата дама“ од Торино ќе биде полуфиналист и со реми против Манчестер јунајтед, а победа ѝ гарантира и прво место во групата, без разлика на исходот од мечот на „Месталја“.

 

 

 

 

Магична победа на Орландо, Торонто и Голден стејт први до 10 (Видео)

Орландо меџик стигна само до четвртата победа во 10 меча, и тоа на многу возбудлив начин. Еван Фурние ги постигна последните поени на средбата заедно со звукот на сирената, за голема радост на домаќините на дуелот против Кливленд. Резултатот беше 100:100, а Орландо го имаше последниот напад.

На семафорот стоеше дека остануваат само 1,8 секунди до крајот кога Фурние ја доби топката, со финта се ослободи од противникот и шутираше за победа. Со тие поени, херојот на „магичните“ стигна до 15, а повеќе од него во победничкиот тим даде само Арон Гордон.

 

Актуелниот НБА првак Голден стејт и екипата на Торонто се првите два клуба кои стигнаа до двоцифрен број победи. Триото Стеф Кари, Кевин Дурант и Клеј Томпсон повторно беше незадржливо на теренот. Томпсон заврши со 27 поени, Дурант даде 22, а Кари заврши со 19 поени, за осума победа по ред на Голден стејт, а вкупно 10-та во 11 натпревари сезонава.

Ако за Голден стејт беше и очекувано да има ваков старт, тогаш Торонто дефинитивно е најпријатното изненадување. „Рептилите“ стигнаа до 10-тата победа во 11-тиот дуел, откако со 124:11 беа подобри од Јута џез. Кајл Ловри со 17 поени, 11 скока и 7 асистенции беше предводник на победничкиот тим. Интересно е што уште тројца играчи кај Торонто завршија со по 17 постигнати поени.

Најнеизвесниот меч се одигра во Њујорк, каде што домаќините дури по две продолженија загубија од Чикаго со 115:116. Во останатите меча одиграни ноќеска: Детроит – Мајами 115:120 (продолжение), Индијана – Хјустон 94:98, Оклахома – Њу Орлеанс 122:116, Денвер – Бостон 115:107, ЛА клиперс – Минесота 120:109.

 

 

Имаат славни презимиња и носат бодови – Шиндлер и Иглесијас најзаслужни за победите на Хадерсфилд и Еспањол

Стоперот на Хадерсфилд, Кристофер Шиндлер, е најзаслужен за првата победа на својот тим во новата сезона во Премиер лигата, а еден гол на Борха Иглесијас беше доволен за триумф на Еспањол против Атлетик Билбао.

Териерс славеа со автоголот на Тимоти Фосу Менсах против Фулам откако Шиндлер биеше со глава кон голот на гостите. Фосу Менсах несмасно реагираше и го закова својот тим на дното на табелата само со пет бодови. Толку има и Кардиф по 11 кола, а Хадерсфилд со првата победа им побегна за еден бод.

Во Ла Лига, Иглесијас со прецизен удар во 41-вата минута му донесе нова победа на Еспањол, вечерва со 1-0 против Атлетик Билбао. И се погрижи за интересен изглед на табелата во Шпанија, каде што по 11 рунди, каталонскиот тандем е на првите две позиции.

Барселона е лидер со 24 бодови, пред Еспањол со 21 бод.

На Монако му фали главната карактеристика на Тјери Анри

Тјери Анри беше еден од најексплозивните играчи во својата ера, брз, динамичен, расен стрелец и дриблер, а пред дуелот на неговиот Монако против Бриж во Лигата на шампионите бара повеќе енергичност од неговите играчи.

Утре Анри ќе дебитира како тренер на Монако пред домашната публика во европските купови, а клубот од Кнежевството мора да го победи Бриж ако сака да се надева на пласман во нокаут-фазата.

„Се надевам дека ќе бидеме поенергични против Бриж и дека со победа ќе успееме да ја промениме динамиката. Бодовите се важни, а победата ќе ни донесе повеќе самодоверба“, вели легендата на клупата на Монако.

Анри успеа со Монако да освои еден бод во Бриж, со реми 1-1, а утре ќе ѝ се претстави на публиката на „Луј Втори“ во своето деби како тренер на клубот.

Мечот ќе се игра од 18.55 часот.

 

 

На Ѓоковиќ му падна групата „Киртен“, Федерер замина кај „Хјуит“

Најдоброрангираниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе ја предводи групата „Гуга Киртен“, во која се и Александр Зверев, Марин Чилиќ и Џон Иснер на завршниот тениски турнир, АТП Мастерсот во Лондон.

Во втората група, именувана како „Лејтон Хјуит“, топ носител е Роже Федерер во конкуренција на Кеј Нишикори, Кевин Андерсон и Доминик Тим.

Турнирот ќе се игра во „ Арената О2“ во Лондон од 11-ти до 18-ти ноември, а двајцата најдобри од двете групи ќе се вкрстат во полуфиналето.

На турнирот ќе ги нема Рафаел Надал и Хуан Мартин дел Потро поради повреди.

Овелар си го оствари сонот, му даде гол на вечниот ривал, па замина на училиште

Суперкласико на Парагвај меѓу Серо Портењо и Олимпија заврши нерешено 2-2, а мечот на вечните ривали го одбележа 14-годишниот Фернандо Овелар.

Момчето кое сè уште оди во училиште доби шанса да игра за Серо и си го оствари големиот сон. Беше стрелец на првиот гол за својот тим и стана најмладиот стрелец во историјата на фудбалот во Парагвај.

Интересно е што стрелецот на последниот погодок на мечот, Нестор Камачо, има 31 година и е речиси двојно постар од јунакот на дербито.

Ова беше и прв меч за Овелар во сениорска конкуренција, а со него на 14 години деби и гол има и Феди Аду, момче кое беше голем талент на американскиот фудбал.

Убедливо најмлад фудбалер што играл за сениорски тим во домашно првенство е Маурисио Балдивиесо, кој дебитираше во боливискиот шампионат само на 12 години.

На Гатузо пак му кројат капа – Венгер ќе биде новиот тренер на Милан

Арсен Венгер е во преговори со сопствениците на Милан за да го преземе кормилото на клубот од почетокот на 2019 година, а Џенаро Гатузо повторно е во незавидна позиција.

Иако некако успеа да го стабилизира тимот и има три победи по ред, во тек се преговори меѓу претставниците на Фондацијата Елиот и Венгер за промени во стручниот штаб.

Гатузо и претходно беше на работ на отказ, но успеа да опстане, а сега повторно му кројат капа, како што се тврди од сигурни извори.

Венгер беше еден од најдолговечните тренери, го предводеше Арсенал цели 22 години, од 1996 до 2018 година.

Андреацоли нанижа 11 меча без победа и доби отказ во Емполи

Аурелит Андреацоли доби отказ во Емполи, клубот кој нанижа долга серија од 11 натпревари без победа. По катастрофата против Наполи од 1-5, раководството на клубот од Реџо Емилија му врачи отказ на тренерот.

Емполи последен пат забележа победа во август, против Калјари, и тоа е единствениот триумф во 11 кола во Серија А.

Сè уште не е објавено кој ќе го замени Андреацоли на клупата на Емполи.

И буквално гори Буенос Аирес пред Суперкласико (Фото)

Жешка е атмосферата во Буенос Аирес пред двомечот меѓу Бока јуниорс и Ривер плате, а и буквално гори во главниот град на Аргентина.

Навивачите на двете екипи не мируваат, а ситуацијата ескалираше со палење куќи на двете страни. Полицијата има многу работа да ги смири страстите пред историското финале во Копа Либертадорес.

За првпат во историјата на јужноамерканската верзија на Лигата на шампионите за титула ќе играат најголемите ривали од Аргентина, а дуелите ќе се играат на 10-ти и на 24-ти ноември.

Популарното Суперкласико го рангираат како најголемо светско дерби, а честопати има и сериозни инциденти на дуелите меѓу Бока и Ривер.

Гибралтар сонува нов подвиг – Рибас подготви поширок список за Ерменија и Македонија

Гибралтар го тресе фудбалска грозница по историските победи против Ерменија и Лихтенштајн, први во официјални мечеви, а сега почнува подготовки за последните два меча во четвртата група од Сегментот Д.

Селекторот Хулио Рибас објави поширок список од 27-мина фудбалери за двата последни мечеви со Ерменија дома, на 16-ти ноември, и против Македонија во Скопје, три дена подоцна.

Голмани: Кајл Голдвин, Мет Кафер, Дејл Колинг.

Одбрана: Џозеф Чиполина, Рој Чиполина, Луј Енисли, Ерин Барнет, Итан Брито, Жан Карлос Гарсија, Итан Џоли, Ајмен Мјуели, Џејс Оливеиро, Џојс Оливеро, Џек Сарџент.

Среден ред: Скот Балантин, Ентони Бардон, Ендрју Ернандес, Ентони Ернандес, Мајкл Негрит, Алајн Понс, Кевањ Роба, Грем Ториља, Лијам Вокер.

Напад: Тјај Де Бар, Ли Касјаро, Џејми Кумбис, Адам Пристли, Рис Стич.