Дома Blog Страница 10638

Ливерпул бара помош од Партизан за дуелот во Белград против Црвена ѕвезда

Ливерпул без проблеми славеше со 4-0 против Црвена ѕвезда во третото коло од Лигата на шампиони, а за помалку од две недели го очекува реванш во Белград. Српскиот првак на својот стадион одигра 0-0 против Наполи, а сега ќе се обиде да го изненади и англискиот гигант. Токму затоа Јирген Клоп, тренерот на Ливерпул, не сака да остави ништо на случајноста.

Затоа, менаџерот на англискиот тим побара помош од најголемиот ривал на Црвена ѕвезда, Партизан. Клоп сака неговиот тим да одработи тренинг на денот на одигрување на мечот, на шести ноември, па побара од Партизан да им го отстапи тренинг-центарт во Земун.

„Црно-белите“ веднаш го прифатија ова барање на Ливерпул, па Англичаните ќе бидат на тренинг-центарот на Партизан на шести ноември од 10 до 12 часот. Дуелот против Црвена ѕвезда се игра истиот ден, во 21 часот, на стадионот „Рајко Митиќ“.

 

Гатузо го најде проблемот: Милан се плаши од секого

Некогашниот европски првак Милан сега е во ситуација да игра во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лигата на Европа, па макар и да губи на свој терен од просечни екипи. Синоќа, триумфално од „Сан Сиро“ си замина Бетис. Шпанскиот тим не е ни меѓу 10-те најдобри во својата земја, но и покрај тоа, беше доволно добар да го победи Милан на гости.

Тренерот на „росонерите“, Џенаро Гатузо, вели дека не се плаши ако добие отказ, но сака да го насочи тимот да победува.

„Не мислам да си ја спасам работата, туку како да го променам размислувањето на играчите. Сакам да го сменам текот на сезоната и да ставиме во поголема брзина. Само сакам да ги решам проблемите во тимот, доколку добијам шанса од челниците на клубот. Моментно е ужасно. Милан делува уплашено во секој момент. Мора да го смениме тоа“, рече Гатузо по поразот од Бетис.

И покрај синоќешниот неуспех, Милан има шанса да ја помине групната фаза од Лигата на Европа.

Двојна победа за Николов – На „Тумба“ ниту ПАОК, ниту провокација се виде

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов остана на клупата за резерви на МОЛ Види на дуелот со ПАОК во Солун, иако е стандарден првотимец на унгарскиот првак, а одлуката е многу чудна.

Како што ексклузивно објавивме во текот на вчерашниот ден, Николов бил предупреден од делегатот на мечот да не реагира на евентуални провокации на навивачите на ПАОК, а за „мир во куќа“ тренерот на МОл Види, Марко Николиќ, одлучи Бобан да не биде стартер.

Еден од најдобрите играчи на унгарскиот шампион мудро, смирено и на вистински начин му возвратил на делегатот со одговор „дека УЕФА треба да реагира“, а на крајот испадна и двоен победник.

Навивачите на ПАОК мораа пред да почне мечот да го тргнат стандардниот транспарент со политичка порака „Македонија е една и единствена и е тука“, а и со наведнати глави ја напуштија „Тумба“ по поразот од 0-2.

Колку за потсетување, неодамна на овој стадион во Солун гостуваше Челзи, а еве вака изгледаше трибината кога играше англискиот гигант.

За разлика од тој меч на Челзи, синоќа на гостувањето на унгарскиот тим во чии редови игра Николов оградата на трибината која е резервирана за провокативниот транспарент остана празна.

Патем, Николов како сатисфакција доби шанса да игра од 79-тата минута и заедно со соиграчите се радуваше на првата победа на МОЛ Види во фазата по групи во Лигата на Европа.

Ова е прва победа на МОЛ Види во европските купови по пауза од шест години.

За Арсенал двојно повеќе од победникот во ЛЕ, Вардар заработи 3,15 милиони евра

Вардар заработи 3,15 милиони евра од историското учество во Лигата на Европа, прво за македонски клуб, во ланското издание на второто по ранг клупско натпреварување на Стариот Континент.

УЕФА го објави комплетниот список, а најтрофејниот македонски клуб доби 2,6 милиони евра за пласманот во фазата по групи, потоа уште 120 илјади евра за освоениот бод против Розенборг и уште 425 илјади евра од маркетинг, продажба на влезници…

Интересно е што најмногу доби Арсенал, 37,78 милиони евра, што е повеќе од двојно од заработката на победникот во ЛЕ – Атлетико Мадрид. Популарните „јорганџии“ заработија малку повеќе од 16 милиони евра, а во полуфиналето го елиминираа токму Арсенал.

Сепак, Англичаните најдобро го одработија маркетингот и убедливо и најмногу заработија од сите клубови, учесници во ланското издание на Лигата на Европа.

Лазаров: Ова беше еден од најслабите наши мечеви во последните 10 години

Македонија победнички тргна во квалификациите за Европското ракометно првенство во 2020 година откако синоќа во Битола ја победивме Турција со 31:27. И покрај триумфот, капитенот на нашата селекција, Кирил Лазаров, не беше задоволен од начинот на игра. Тој вели дека ова е еден од најслабите мечеви на националниот тим во последната декада.

„Мислам дека ова е еден од нашите најслаби мечеви во последните 10 години. Ноншалантна игра, некоординирана, без респект, без почит еден кон друг, без почит кон битолската публика која дојде во огромен број. Сакам да им се извинам бидејќи и покрај победата, заслужија да гледаат подобра и поатрактивна игра. Им благодарам за поддршката, покажаа дека Битола е ракометен град. Нам ни останува многу да работиме. Мислам дека треба да ставиме прст на чело и да се замислиме. Апел до сите во репрезентацијата дека ова повеќе не треба да се случи“, рече Лазаров по синоќешниот дуел.

И селекторот Раул Гонзалес не е задоволен и најави подобра игра на следниот дуел против Грција.

„Треба да играме подобро. Не сум задоволен како одигравме 35 минути. Имавме и седум-осум разлика. На мечот против Грција мора да покажеме подобра игра“, рече Гонзалес.

Леброн блесна со „трипл-дабл“, конечно радост и во „Стејплс центарот“ (Видео)

Леброн Џејмс одигра одличен меч и беше најзаслужен за победата на Лос Анџелес лејкерс против Денвер од 121:114. Ова беше прв триумф на Лејкерс на домашен терен сезонава, а воедно и прв пораз на Денвер, кој отвори со четири победи во низа.

Џејмс мечот го заврши со „трипл-дабл“ со 28 поени и по 11 скока и асистенции. Ова е прво вакво остварување за него во новиот клуб, а вкупно 74-то во кариерата. За прв пат сезонава во првиот ред на трибините во „Стејплс центарот“ беше и Коби Брајант, кој, секако, беше дополнителна мотивација за домашните кошаркари да победат.

Денвер водеше во поголемиот дел од мечот, а на шест минути до крајот, гостите имаа осум поени предност. Сепак, домаќините не се предадоа и со серија од 15:2 на крајот успеаја да донесат радост за фановите во арената. Лејкерс по стартните 0:3, сега триумфираат по втор пат за три дена. Кај гостите најефикасен беше Никола Јокиќ со 24 поени, а Џемал Мари додаде 22.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Детроит – Кливленд 110:103, Орландо – Портланд 114:128, Оклахома – Бостон 95:101.

 

Челзи има нов херој, Севилја броеше до шест, Марсеј киксна и против Лацио

Челзи лесно обезбеди нови три бода со убедливиот триумф од 3-1 над БАТЕ Борисов. „Сините“ имаат нов херој во тимот, младиот Рубен Лофтус-Чик постигна хет-трик, прв во својата кариера во дресот на Челзи. Англичанецот постигна два во првото полувреме (втора и осма минута), а победата ја осигури со третиот гол во 54-тата минута.

Севилја го растури турскиот состав на Акисар Беледије со 6-0. Андалужаните имаа сигурна предност од два гола уште во првите 10 минути, третиот во првото полувреме беше автогол на гостите, пред Муриел, Промес и Меркадо да ја запечатат големата победа во вториот дел.

Вилјареал, исто како и Севилја, забележа голема победа, но застана на пет гола против Рапид. Форнаи и Екамби ѝ обезбедија водство од 2-0 на „жолтата подморница“ по 30 минути игра, гостите си дадоа автогол пред крајот на полувремето, а Раба и Морено во вториот дел ја заверија големата победа од 5-0.

Лацио од гостувањето во Франција кај Марсеј се враќа со сигурна победа од 3-1. Валас донесе предност за лацијалите во 10-тата минута, Каиседо во 59-тата зголеми на 2-0, Паје во 86-та ги врати надежите на домаќините, но Марушиќ ја реши средбата во последната минута од регуларните 90.

МОЛ Види славеше во Солун против ПАОК со 2-0, нашиот репрезентативец Бобан Николов ги одигра последните 10 минути на средбата на стадионот „Тумба“. Гостите трите бода ги осигурија уште во првото полувреме, со головите на Хушти во 12-тата минута и Стопира во 45-тата минута.

Резултати Европа Лига 3. коло:

Бешикташ – Генк 2-4

Челзи – БАТЕ Борисов 3-1

Ајнтрахт Франкфурт – Аполон 2-0

Јаблонец – Астана 1-1

Марсеј – Лацио 1-3

ПАОК – МОЛ Види 0-2

Глазгов Ренџерс – Спартак Москва 0-0

Рен – Динамо Киев 1-2

Сарпсборг – Малме 1-1

Севилја – Акисар 6-0

Стандард Лиеж – Краснодар 2-1

Вилјареал – Рапид Виена 5-0

Навивачи со карти останаа пред салата во Битола

Одреден број луѓе останаа без можност да ја проследат во живо победата на Македонија над Турција во салата “Боро Чурлевски” во Битола, и покрај тоа што имале влезници за споменатиот натпревар. Во знак на извинување, РФМ одлучи дека ќе им бидат вратени финансиите на оние кои не влегоа во салата, а обврската за тоа ќе ја преземе ракометниот клуб Пелистер.

„Почитувани пријатели на ракометот, Ракометната федерација на Македонија ги отстапи влезниците во целост на РК Пелистер за квалификацискиот натпревар помеѓу Македонија – Турција кој се одржа во спортската сала “Боро Чурлевски”. Ракометната федерација на Македонија упатува извинување до сите кои имаа обезбедено влезници, а немаа можност да присуствуваат на натпреварот и тие т финансиски ќе им бидат надоместени од страна на РК Пелистер. Со почит, Ракометна федерација на Македонија“, стои во соопштението на РФМ.

Истанбулското дерби за „пиварите“, драмата за „манекените“

Домашните тимови победија во петте вечерашни мечеви од Евролигата, најинтересно беше на турското дерби и дуелот во Милано.

Мало изненадување се случи во Истанбул, каде што Фенер против Анадолу Ефес првата четвртина ја доби со 26-12, но загуби на крај. Третиот квартал му припадна на Ефес со 28-13, па финишот одлучуваше. Во второто полувреме, тимот на тренерот Обрадовиќ не беше на потребното ниво и го претрпе првиот пораз сезонава. Домашните погодија 13 тројки од 23 обиди.

„Покажавме карактер во второто полувреме. Во првиот дел, физички бевме надиграни, не бевме агресивни, не скокавме. Уште од првиот напад во второто полувреме заигравме како што треба и не им дозволувавме лесни поени. Не е мала работа да се победи Фенербахче по 15 поени негатива на полувреме. Ова е наша втора победа над нив за три недели, покажуваме дека сме добар тим“, рече тренерот Ергин Атаман.

Најдраматично беше во Милано, каде што двете екипи имаа шанса за победа и се менуваа во водство. Мајк Џејмс со три погодени слободни фрлања на три секунди до крајот беше јунак на „манекените“ и го остави Химки на дното, заедно со Будуќност, кој беше само спаринг партнер на гостувањето кај европскиот првак во Мадрид. Химки го имаше последниот напад, Швед утна, а потоа и Моња не поентираше по офанзивниот скок.

РЕЗУЛТАТИ: Анадолу Ефес – Фенербахче 89:83, Баерн Минхен – Басконија 77:71, Армани Милано – Химки 81:80, Олимпијакос – Макаби 88:80, Реал Мадрид – Будуќност 89:55.

Марсијал одби нов договор од Манчестер јунајтед

Крилниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Aнтони Марсијал, ја одби првата понуда за нов договор од раководството. Како што најавува британскиот медиум „Скај спортс“, управата и натаму ќе се обиде да го осигура потписот на брзоногиот Французин, бидејќи постоечкиот му истекува следното лето.

Во таборот на Јунајтед се одлучни да го задржат дваесет и двегодишниот офанзивец, иако главно не се сосема задоволни од она што го покажува на теренот. Марсијал за момент ги освои симпатиите со двата погодоци против Челзи изминатиот викенд, па му даваат нова шанса да го покаже својот вистински потенцијал.

Проблемот за одбивање на првата понуда е финансиски, Марсијал сака да заработува двојно од неговата моментална плата и така да стане еден од најплатените играчи во клубот. Во текот на летото, неговиот агент во неколку наврати истакна дека Французинот е подготвен да го напушти „Олд Трафорд“ бидејќи е незадоволен со неговата минутажа, меѓутоа не се најде клуб кој ќе ја плати неговата цена.