Дома Blog Страница 10674

Чориќ пак му зема мерка на Федерер, утре во финале со Ѓоковиќ

Борна Чориќ повторно одигра извонреден меч против Роџер Федерер, овојпат за финале во Пекинг и славеше со 6:4, 6:4.

Хрватскиот тенисер почна одлично, веднаш на стартот од мечот направи брејк и ја задржа предноста до крајот за 1:0. По ист терк почна и вториот сет и повторно Чориќ имаше решение за првиот сервис на Федерер, поведе со 2:0 и ја задржа предноста без загубен сервис на мечот.

Хрватот го порази најтрофејниот тенисер и во Хале во јуни и веќе станува незгоден ривал за Федерер.

Утре во финалето на турнирот во Пекинг Чориќ ќе игра со Новак Ѓоковиќ.

Челси летоска барал 150 милиони за Еден Азар

Реал Мадрид не сакал да плати повеќе од 100 милиони евра за Еден Азар, и затоа не се реализираше неговиот трансфер од Челси во европскиот првак. Мадридскиот клуб понудил 100 милиони евра, сума која ја доби од Јувентус за Кристијано Роналдо, но Челси за својот најдобар играч барал дури 150 милиони.

Азар и сега истакнува дека животна желба му е да игра во Реал, но би бил задоволен и ако остане во Лондон каде е главна ѕвезда и има одлична плата.

Раководството на Реал сметаше дека сезонава ќе дојде до „експлозија“ на Марко Асенсио, а купија и двајца млади Бразилци (Винисиус кој ретко добива шанса во првиот тим и Родриго кој уште е малолетен), па не им се трошеа премногу пари за Азар, на кого договорот со Челси му истекува во 2020 година.

Сега повторно е актуелен преминот на Азар во Реал, но не е реално дека до таков трансфер може да дојде во јануари. Во летниот период, повторно Азар може да падне во втор план, бидејќи Реал е подготвен да плати повеќе од 100 милиони само за Нејмар.

Љуљ го има потегот на колото во Евролигата (Видео)

Тројката која Серхио Љуљ ја погоди во последната секунда од третата четвртина на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Дарушафака, беше избрана за потег на колото во Евролигата.

Љуљ ја пропушти речиси целата претходна сезона во Евролигата, но сега уште од стартот покажа зошто е најинтересниот играч за гледање. Во финишот на првата четвртина погоди тројка од девет метри, а потегот на колото му беше тројка со една рака од речиси половина терен.

Негов специјалитет се „мандарините“, како што ги нарекуваат кошевите од далеку со звукот на сирената.

Ова се десетте најдобри потези за првото евролигашко коло:

 

Ова се 11-те најдобри фудбалери кои неодамна станаа тренери

Голем е бројот на одлични фудбалери кои по завршувањето на кариерата се одлучуваат да станат тренери, а во моментов работат доста тренери и селектори кои до пред некое време беа успешни на зелениот терен.

Патрик Виеира е тренер на Ница, а од активното играње фудбал се повлече во 2011 во дресот на Манчестер сити. Џенаро Гатузо го води Милан, а пред четири години ги закачи копачките како играч на швајцарски Сион.

Тјери Анри е нов тренер на Монако, клубот во минатото се прослави и како играч. Њујорк Ред булс беше последниот тим во играчката кариера на Французинот. Тој со играње заврши на 37 години. Беше капитен на Ливерпул, се пензионираше во 2015 година, а сега е тренер на шкотски Ренџерс. Погодувате, станува збор за Стивен Џерард, кој како тренер дојде и во Скопје на дуел со Шкупи.

Рајан Гигс во 2014 година имаше 41 година кога реши да стави крај на неговото играње за Манчестер јунајтед. Велшанецот работи како селектор на репрезентацијата на родната земја. Во 2012 година им кажа „чао“ на Милан и на играњето фудбал. Филипо Инѕаги во моментов е тренер на Болоња.

Кариерата како играч ја финишираше во 2013, во ПСВ Ајндховен, а сега е тренер на тој клуб. Тоа е Марк Ван Бомел. Откако одигра две сезони за Аталанта, во 2015 година ја заврши играчката кариера. Лионел Скалони сега е селектор на Аргентина.

Листата од Топ 11 фудбалери кои во последните години станаа тренери, ја завршуваме со Марсело Гаљардо, Сержо Конесисао и Габриел Хајнце.

На Гаљардо, последен клуб му беше Насионал, а се повлече во 2011. Сега го води аргентинскиот гигант Ривер Плата. На Консеисао, најдобрите години му беа во Италија, но последен клуб му беше ПАОК во 2010 година. Сега го води Порто. Хајнце во 2014 година како играч на Њуел Олд бојс ја заврши играчката, а една година подоцна почна тренерска кариера. Некогашниот лев бек е тренер на Велез Сарсфилд.

Порака од Џенова: Пјонтек вреди 60 милиони евра

Откако се појавија гласини дека Наполи ќе се обиде да го ангажира Кжиштоф Пјонтек, од Џенова се јавија со одговор дека кој ќе сака да го купи полскиот напаѓач, ќе треба да плати обештетување од 60 милиони евра.

Полските играчи во редовите на Наполи, Милик и Зјелински, се посредниците во контактите на клубот од Неапол со разиграниот Пјонтек. Сега тие тројца се заедно во репрезентацијата и можеби Милик и Зјелински ќе го убедуваат да им се придружи.

Главна пречка за трансферот е цената. Апетитите на Џенова пораснаа, бараат дури 60 милиони, додека во Наполи сметаат дека реалната вредност е 25 милиони, и засега не би платиле повеќе.

Ќе го „откажеме“ Лихтенштајн уште во првото полувреме

Дуелот на Македонија и Лихтенштајн треба да биде уште еден чекор кон првото место во групата од Лигата на нации, и тој меч треба да биде незаобиколен „декор“ на секое ливче кое денеска ќе се уплати во SPORT LIFE. Патриотски и навивачки е да се типува победа на Македонија, а има и разни комбинации кои може да се додадат покрај задолжителниот „кец“. Ви даваме уште четири предлози за денеска.

Македонија – Лихтенштајн (20.45 часот)

Пред една година, на 9 октомври, истиот овој противник од Струмица си замина поразен со 4:0, па и сега во Скопје би требало да има слично, или исто сценарио. На 25-годишнината од првиот меч, Пандев и другарите ќе сакаат да ги задоволат вкусовите на Панчев и генерацијата која во 1993 ја победи Словенија. Лихтенштајн го совлада Гибралтар, но нема што да бара на вечерашното гостување кај Македонија која во последните две години, има само три порази, од кои два од Шпанија и еден од Италија.

Предлог тип: 1-1 & 2-4 (2.45)

 

Холандија – Германија (20.45 часот)

„Лалињата“ цели 18 години не победиле дома против „панцерите“. Гостите се фаворити, но во последно време и не играат толку добро. Променливите резултати на Баерн, чии играчи се костур во националниот тим, се одразија и врз „Елф“. Сепак, ова е прилика да излезат од кризата, иако нема да им биде лесно, бидејќи Холандија со новиот селектор Куман, игра солидно и нема лесно да се предаде.

Предлог тип: Т2 2+& ГГ (2.70)

 

Ирска – Данска (20.45 часот)

Ова е еден од најтешките мечеви за прогнозирање. Ирците тргнаа лошо во Лигата на нации, загубија убедливо од Велс, а тој ист Велс, три дена подоцна загуби од Данска. Не треба да се заборави дека лани, Данска во баражот за СП, ја растури Ирска во Даблин со 5:1, па и психологијата ќе игра улога.

Предлог тип: Х (2.95)

 

Бугарија – Кипар (20.45 часот)

Нашиот источен сосед, има низа од три победи по ред, од кои две во Лигата на нации, додека Кипар со победата над Словенија, прекина серија од осум меча (седум порази) без радост. Кипар е многу лош гостин, а при последното гостување во Софија пред шест години, загуби со 0:1.

Предлог тип: Т1 2+ (1.83)

 

Норвешка – Словенија (18.00 часот)

После многу лошата слика која ја оставија во квалификациите за СП во Русија, Словенците го сменија селекторот, но ниту со Кавчич не бележат подобри резултати. Норвежаните би требало да го искористат домашниот терен. Словенија нема ниту еден нерешен резултат во 2018 година.

Предлог тип: 1&3+ (3.05)

 

Лихтенштајн е како создаден за Македонија да се радува

Македонија едноставно не можеше да посака подобар ривал за да го прослави јубилејот 25 години од првиот одигран меч. Лихтенштајн е селекцијата против која Македонија има создадено позитивна историја.

Досега имаме одиграно седум натпревари против Лихтенштајн, а сме се радувале на шест победи, додека само еден натпревар завршил нерешено. Противникот никогаш не триумфирал. Против ниту еден друг тим немаме подобар биланс. Дури и гол разликата е неверојатно позитивна за „црвено-жолтите“, а тоа е најмногу благодарение на историската победа од 11:1.

Триумфот кој засекогаш ќе го памтиме против Лихтенштајн е на дуелот кој се одигра на 9 ноември 1996 година. Во квалификациите за пласман на СП 1998 година, на гостински терен Македонија се радуваше на највисоката победа во 25-годишната историја. Победата од 11:1 останува рекордна за Македонија, но и една од најголемите во европските квалификации. Стрелци на тој меч беа: Дејви Главевски во 8мин., 12′, 60′, Ѓорѓи Христов 23′, Митко Стојковски 30′, 43′, Тони Мицевски 45′, 49′, Саша Ќириќ 53′, 87′ и Ванчо Мицевски во 90 минута од средбата.

Сега на Македонија не и треба толку убедлив триумф. Најважно е да се освојат трите бода и да се продолжи победничката низа во Лигата на нации. По два одиграни меча, Македонија е лидер со шест бода. Нови три бода ќе значи чекор поблиску на нашата кон обидот да се стигне на Европското првенство во 2020 година.

Безбедносните камери го снимија инцидентот на Арда Туран (Видео)

На 10 октомври, турскиот фудбалер Арда Туран, беше учесник во тепачка пред една дискотека во Турција, а на виделина излегоа и снимки од тој настан. Туран најверојатно под дејство на алхокол, во раните утрински часови го нападна пејачот Беркај Шахин, откако претходно и се додворуваше на сопругата на пејачот.

Откако се свести што направил, екс фудбалерот на Барселона и Атлетико Мадрид, во болница му се извини на Беркај и со пиштол во рака, од жената на пејачот бараше да го убие.

Беркај заврши со скршен нос како последица од ударот со глава на Туран. Сопругата на играчот на Башакшехир е трудна и наскоро треба да се породи, па тој јавно и се извини и на својата жена Аслихан.

 

https://www.youtube.com/watch?v=jH-ge9iYwDE

Ѓоковиќ по кратка постапка го скроти Зверев

Новак Ѓоковиќ е првиот финалист на Мастерсот во Шангај, откако во полуфиналето на убедлив начин, за само еден час игра го порази Александер Зверев со 6-2, 6-1. Во финалето, Новак ќе се сретне со Роџер Федерер или Борна Ќориќ.

Германецот со руско потекло, лани во финалето во Рим го победи Ѓоковиќ, но малку падна во формата, на големите турнири нема позабележителни резултати, а денеска налета на расположениот Србин, па немаше шанса.

Ѓоковиќ има серија од 17 победи по ред, ја брка четвртата титула во Шангај, ова му е 103-то финале во кариерата (има 31 титули), и од наредниот понеделник, ќе се искачи на втората позиција на АТП листата.

Барса сака да го задржи Меси најмалку до 2022 година

Раководството на шпанскиот првак Барселона, планира да го продолжи договорот на Лионел Меси кој важи до 2021 година, на најмалку уште една година. Во таборот на каталонците веруваат дека големината на Меси уште долго време ќе им биде од корист, а дури постои можност новиот договор да трае до 2023 година, доколку двете страни се согласат.

Шпанскиот медиум „Мундо депортиво“, најавува дека за овој договор ќе се преговара по завршувањето на оваа сезона. Меси во 2017 година потпиша нова соработка со која се обврза да остане на „Камп ноу“ до 2021 година, но во неговата клаузула стои дека може да ја напушти Барса една година порано и тоа без обештетување, само доколку замине во клуб кој не е елитен, како што направија Чави и Иниеста.

Сепак, желбата на управата е Меси да ја заврши професионалната кариера токму во Барселона, иако Аргентинецот во неколку наврати посочи дека сака да ја заврши кариерата во дресот на неговиот омилен клуб, Њуелс олд бојс од Аргентина.