Дома Blog Страница 10824

Рујевица ќе биде празна, Саутгејт ја користи Барселона за подготовка

Герет Саутгејт ја искористи Барселона за да ги подготви англиските репрезентативци пред мечот со Хрватска на празната Рујевица.

Хрватска е казнета и ќе игра во Риека без присуство на публика против Англичаните, во петок, на меч од Лигата на Нации.

Саутгејт им прикажувал снимка од мечот меѓу Барселона и Лас Палмас, што исто така се играше без присуство на гледачи на „Камп Ноу“, како пример за тоа како изгледа да се игра на празен стадион.

Саутгејт им сугерирал на своите избраници да внимаваат и што говорат на терен, бидејќи на празната Рујевица се ќе се слуша многу појасно.

Со стручниот штаб Саутгејт и англиските репрезентативци го гледале и мечот од Лигата на шампионите меѓу Лион и Шахтар, што неодамна се одигра без публика.

Лихтенштајн во Скопје и без најискусниот репрезентативец

Играчот со најмногу настапи за Лихтенштајн, Мартин Бухел се повреди на последниот тренинг пред патот за Скопје и веројатно нема да игра против Македонија.

Неизвесен е Винсен Флац исто како и Бухел играч од средината на теренот, па со претходните три отсутни репрезентативци јасно е дека Лихтенштајн ќе биде осетно ослабен против нас на 13. октомври.

Пред да се повредат Бухел и Флац, познато беше и дека Денис Салановиќ од Тун, Иван Квинтанс и Симон Кун кои играат во екипи од Лихтенштајн нема да настапат во Скопје.

Мартин Бухел со 72 меча за Лихтенштајн е репрезентативец со најмногу настапи за нашиот следен противник во Лигата на Нации.

 

Арда Туран во тепачка за жена, му го скрши носот на познат пејач, па молел да го убијат

Арда Туран се најде во центарот на скандал во Турција, откако бил главен виновник за инцидент кој се случил во една дискотека во Истанбул. Некогашниот фудбалер на Барселона, кој има и 100 настапи за турската репрезентација бил пијан и решил да брка туѓи жени.

Туран ја пикирал Сопругата на познатиот турски пејач Беркај Шахин. Откако музичарот ја видел оваа ситуација, се вмешал и ја испратил жена му да излезе надвор од дискотеката. Во тој момент, Туран го нападнал пејачот и со бокс му го скршил носот. Веднаш потоа, откако видел што направил, Туран земал пиштол и заедно со парот заминал во болница. Додека оделе кон болницата, Туран со пиштолот во рака постојано повторувал кон Шахин „Многу ми е жал. Земи го пиштолот и убиј ме. Не знаев дека ти е жена. Јас сум идиот…“

По инцидентот пејачот во четири часот наутро бил однесен во болница, каде го оперирале. Подоцна, жената на Шахин ја објасни целата ситуација.

„Арда ми пријде, ми ја допре раката и ми кажа: „Многу си убава. Ќе ми недостасуваше ако не беше омажена“. Јас тогаш го прашав што му е што се однесува така. Тогаш Беркај најверојатно го слушнал разговорот и ми рече да одам дома, за да може тие двајца да разговараат како мажи. Баркај тогаш се сврте кон Арда, а овој веднаш го удри во главата“, објаснува Ада, жената поради која Туран решил да се тепа.

Тоа што е најлошо во целата ситуација е тоа што Арда има сопруга која е во осмиот месец од бременоста. Таа седела дома, додека нејзиниот маж се тепал во дискотеката за туѓа жена.

„Ја познавам неговата жена. Знам дека е трудна“, потенцираше убавата Ада.

 

Ја шутна топката, струја снема цело село (Видео)

Веројатно никогаш немаше да слушнеме за екипите од норвешката трета лига, доколку не се случеше еден бизарен инцидент. На мечот меѓу Селбак и Вестфосен немаше многу возбудувања. Гостите водеа со 5:0 и се чекаше само крајот на дуелот за да може Вестфосен да се израдува на три бода.

Сепак, наместо мирна завршница, се случи необичен инцидент. Еден од домашните играчи со цел да ја исфрли топката што е можно подалеку од својот гол, шутираше високо во воздух. Топката заврши во жиците на еден електричен столб што предизвика дефект во напојувањето. За само неколку секунди цело место остана без струја.

Мечот на кратко беше прекинат, но потоа продолжи, а резултатот остана 5:0 во корист на гостите. Местото во кое се играше средбата неколку часа остана без струја, додека не беше поправен дефектот.

Македонија за пласман на ЕП2020 ќе добие премија од дополнителни 1,5 милиони евра

Дебитантското издание на новотo натпреварување под „капата“ на УЕФА, Лигата на нации не ги исполнува првичните очекувања. Добар дел од силните репрезентации решија на дуелите од ова натпреварување да не играат со најдобри состави. Еден од најдрастичните примери е тоа што Кристијано Роналдо откажа да биде дел од португалската репрезентација.

УЕФА воопшто не е задоволна што ѕвездите го бојкотираат натпреварувањето, па затоа реши со нов финансиски мотив да се обиде да ги врати и да покаже дека овие дуели не се нималку исти како пријателските. Европската куќа на фудбалот реши да го зголеми наградниот фонд и за дури 50 отсто.

Зголемување ќе има за секоја фаза од натпреварувањето, а победникот во Д сегментот, каде што е и Македонија, вкупниот бонус што УЕФА ќе го даде е зголемен за 1,5 милиони евра. Најголеми се бонусите за селекциите кои се во сегментот А, каде вкупниот бонус од УЕФА за победникот ќе биде 10,5 милиони евра.

За разлика од Лигата на нации, на пријателските дуели, УЕФА не дели никакви бонуси, па сите селекции треба да ја увидат разликата и да сфатат дека ова е натпреварување од кое може добро и да се заработи.

Македонија моментно е прва во својата група со шест бода од два меча, а репрезентативците моментно се на подготовки за дуелот против Лихтенштајн кој на 13 октомври ќе се игра на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Федерер со победничко враќање

Светскиот рекет број 2, Роџер Федерер, со победа го започна турнирот од серијата Мастерс во Шангај. Швајцарскиот тенисер со 6:4, 4:6 и 6:4 го победи Даниел Медведев од Русија, во второто коло.

Медведев се наоѓаше во одлична форма, откако минатата недела триумфираше на турнирот во Токио, но сепак не можеше да се справи со искусниот Федерер, кој за прв пат се најде на еден турнир по завршување на САД Опен.

По оваа победа над Медведев, Роџер се пласираше во осминафиналето на турнирот, каде за противник ќе го има Роберто Баутиста Агуст. Шпанецот си обезбеди меч против Федерер, откако со 3:6, 6:4, 6:1 го победи квалификантот Макензи Мекдоналд од САД.

 

Не бил само Нејмар со таа мака да бега од „сенката“ на Меси и Суарез

Еден од оние играчи кои блеснаа сезонава дефинитивно е Пако Алкасeр. Тоа е играчот кој направи трансфер во Борусија Дортмунд и сега е прв стрелец во Бундес лигата. Да биде уште поневеројатно, Алкасер ниту еден меч не го започна како стартер, туку влегува како резерва и се покажува како клучен играч на тимот кој е лидер во Германија.

За вкупно 81 минута поминати на трените во Германија, Пако има дадено шест погодоци, односно во просек погодува на секои 14 минути. Напаѓачот покажа дека има сјајни реализаторски способности, нешто што не можеше да дојде до израз за време на неговиот престој во Барселона. Алкасер уште е играч на Барселона, кој игра кај „милионерите“ како позајмен фудбалер. Самиот напаѓач откри зошто решил да си замине од шпанскиот првак.

„Во текот на летото донесов одлука да заминам во некој друг клуб каде што конечно ќе може да играм. Изборот беше на Борусија Дортмунд. Не ми остана ништо друго освен да си заминам. Морав да избегам од тимот каде што се Меси, Суарез и Кутињо. Тоа се играчи со светска класа и кои пред мене имаат предност во Барселона. Ми беше многу тешко да се надевам дека ќе играм покрај нив на теренот“, открива Алкасер.

Шпанецот додава дека во Борусија бил одлично пречекан и дека тоа е неговиот најдобар потег во кариерата.

„Од првиот ден во Борусија одлично сум прифатен и навистина мислам дека направив најдобар можен потег. Не го познавам јазикот, но сите соиграчи ми помагаат, за било што и да ми затреба“, вели Шпанецот, кој освен шесте гола во Бундес лигата, еднаш погоди и во Лигата на шампионите на дуелот против Монако.

 

Голот на Марсијал против Њукасл го чинеше Манчестер осум милиони евра

Манчестер јунајтед на спектакуларен начин успеа да направи пресврт и да стигне до победа против Њукасл, во последното одиграно коло од Премиер лигата. „Црвените ѓаволи“ губеа со 0:2 по само 10 минути игра и така беше се до 70 минута. Во последните 20 минути од средбата, Манчестер направи целосен пресврт и стигна до триумф од 3:2.

Најпрво Хуан Мата погоди за 1:1, потоа Ентони Марсијал израмни на 2:2, а Алекс Санчез со голот во 90 минута погоди за 3:2 и голема радост на навивачите на „Олд Трафорд“. Победата значеше и останување на Мурињо на клупата на најтрофејниот англиски клуб. Интересно е што победата, односно голот на Марсијал донесе и една лоша вест за Манчестер.

Англискиот гигант ќе треба да исплати осум милиони евра на Монако, клубот од каде што пристигна Марсијал. За Французинот беа платени 50 милиони евра, но трансферот може да достигне и фантастични 80 милиони евра, доколку се исполнат сите бонуси.

Токму еден таков бонус е постигнувањето на 25 погодок на Марсијал во Премиер лигата. Во клаузулата стои дека Манчестер ќе треба да исплати осум милиони евра, ако Французинот стигне од доаѓањето на „Олд Трафорд“ во 2015 година, па се до крајот на оваа сезона, стигне до 25 погодоци во првенството. Токму погодокот против Њукасл беше тој 25 погодок на кој најмногу се израдуваа во Монако.

Вардар е на 144-тото место на сите времиња, тронот е за Реал Мадрид

Најтрофејниот македонски клуб Вардар е на 144-тото место на вечната листа на УЕФА во елитното натпреварување. Од 1955 година започна натпреварувањето познато како Куп на европски шампиони, а речиси пред три децении тоа беше преименувано во Лига на шампиони.

За сите овие години, Вардар вкупно осум сезони настапувал и има одиграно 24 мечеви. „Црвено-црните“ вкупно пет пати се радувале, осум пати било нерешено, а 11 средби ги имаат загубено. Вкупно имаат дадено 30 погодоци, а примено 40 гола.

Работнички на оваа листа е на 185-тото место. „Романтичарите“ имаат 14 средби, а се радувале три пати. Шест дуели одиграле нерешено, а загубиле пет. За Шкендија е резервирано 296-тото место. Тетовци во две сезони имаат одиграно осум средби и се со биланс од две победи, едно реми и пет порази. Веднаш зад Шкендија е некогашна Слога Југомагнат, додека Силекс е на 338-мото место на листата.

На врвот на листата е најтрофејниот. Реал Мадрид со 49 сезони учество во елитното натпреварување е и најуспешен. Веднаш зад Кралскиот клуб е Баерн Минхен, а третото место ѝ припаѓа на Барселона. Во топ 10 има место и за Манчестер јунајтед, Јувентус, Милан, Бенфика, Ливерпул, Порто и Арсенал.

Платил 175 фунти за такси до Риека за да гледа фудбал, а на мечот забранета е посета

Хрватската фудбалска репрезентација за првпат по пласманот во финалето на Мундијалот ќе игра натпревар на домашен терен. Дуелот во рамките од Лигата на нациите против Англија, кој е закажана за во петок, ќе се игра во Риека, пред празни трибини, поточно забранета е посета на натпреварот.

Ваквата информација за оваа реприза од мундијалското полуфинале во Русија не стигнала навреме до еден англиски фудбалски фанатик, Џејмс Монкс, кој патува на секој гостински натпревар на англиската селекција. Тој го испланирал патувањето и трошоците околу тоа, а откако слетал во Загреб, се утапил кон Риека и потрошил 175 фунти за такси-превоз само за да стигне до градот каде што ќе гостува неговата Англија.

Оваа забрана за влез на навивачи на натпреварите кои ги игра репрезентацијата не е новитет во Хрватска. Фудбалската селекција веќе петти меч ќе игра без поддршка од трибините, а забраната е поставена поради инцидентите создадени од страна на хрватски навивачи групи кои се случија пред неколку години.

И покрај тоа, дваесет и петгодишниот Џејмс Монкс се надева дека ќе најде начин да го гледа овој натпревар, пред да се утапи за Севилја, каде што Англија треба да одигра меч против Шпанија.

„Само сакам да си ја пробам среќата, да се обидам да го гледам мечот на овој или на оној начин. Ако имам среќа, тогаш супер, но најпрво мора да направам сè што е во моја моќ за воопшто да имам среќа. Ќе биде незаборавно патување, без разлика дали ќе успеам да го гледам натпреварот“, истакна Монкс.

Натпреварот Хрватска – Англија е закажан за 12-ти октомври, петок, со почеток во 20.45 часот.