Дома Blog Страница 127

Симеоне по поразот: „Со нетрпение ги чекам натпреварите од Лигата на шампионите“

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, го коментира поразот од 1:2 од Барселона во дербито од 30-тото коло во Ла Лига. Натпреварот донесе многу тензии и спорни моменти, меѓу кои најдискутиран беше црвениот картон за Нико Гонзалес, додека Жерард Мартин доби само жолт картон.

Тренерот на „јорганџиите“ реши да се фокусира на играта на својот тим и истакна дека очекува нови тешки дуели меѓу двата клуба во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Преферирам да не зборувам за инцидентот со исклучувањето на Жерард Мартин. Загубивме со 1:2, така што што и да кажеме нема значење. Да зборуваме за нешто конструктивно. Кога ситуацијата е толку очигледна, нема потреба ни да се дискутира“, изјави Симеоне.

„Првото полувреме беше многу добро. Можевме да постигнеме уште еден гол. Тие имаа удар од Јамал што заврши во стативата. Во второто полувреме, кога имавме многу млади играчи и играч помалку, одигравме добро. Се браневме цврсто. Момците одиграа одличен натпревар. Сега со нетрпение го очекуваме дуелот со нив во Лигата на шампионите. Мислам дека ќе играат на ист начин како и во Купот – ќе ја преземат иницијативата кога играат дома. Ќе се обидат да напаѓаат и да постигнуваат голови за да стекнат предност. Не можам да замислам поинаков тек на натпреварот“, продолжи Аргентинецот.

„Инцидентот со Нико Гонсалес заслужуваше барем жолт картон – немаше време за реакција. Јасно е дека е црвен картон. Ми кажаа дека можеби Јамал бил во офсајд и би сакал да се држам до тоа, но ситуацијата беше очигледна. Не мислам дека беше директен црвен картон, туку втор жолт. Нико одигра добар натпревар. Освен тој момент, сум многу задоволен од неговата игра. Повторувам, не мислам дека беше директен црвен картон“, додаде Симеоне.

Златен блесок за Дејан Георгиевски на Скопје Опен Рамус Г1 (Видео)

Најдобриот македонски таеквондист Дејан Георгиевски се закити со уште еден златен медал. На престижниот турнирот Скопје опен Рамус Г1, Георгиевски покажа дека е во врвна форма и беше перфектен во сите четири борби кои ги имаше.

Освојувачот на сребрен медал од ЛОИ најпрво го победи Абдула Ал Магди, потоа го совлада европскиот шампион Иван Шапина, а во полуфиналето беше подобар од Пашко Вожиќ. Во финалето, Георгиевски на доминантен начин го победи Русинот Илиа Рудерман.

Со овој успех Георгиевски освои важни бодови за остварување на олимписка норма за ЛОИ во Лос Анџелес во 2028 година.

На овој турнир Скопје опен Рамус Г1 учествуваа повеќе од 1.000 натпреварувачи од 41 држава.

Капитенот им се извини на навивачите: „Можеме да ги промениме работите, но тешко ни оди“

Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, им се извини на навивачите за лошото издание на тимот против Манчестер сити и поразот од 4:0.

„Навивачите беа таму да нè поддржат и можам само да се извинам за тоа што го видоа, особено во второто полувреме. Го разбирам нивното разочарување“, изјави Ван Дајк.

„Бевме во ваква ситуација многу пати оваа сезона, кога имавме надеж и не успеавме да изградиме нешто повеќе. Да загубиш со 0:4 е тешко. Се обидувам да мислам дека можеме да ги промениме работите, но тоа го правиме во поголем дел од сезоната. Ме боли тоа. Сега се фокусираме на гостувањето кај ПСЖ, но е тешко“, додаде холандскиот дефанзивец.

ПСВ и трета година по ред е шампион на Холандија (Видео)

ПСВ Ајндховен и официјално стана шампион на Холандија, откако директниот конкурент Феенорд одигра нерешено 0:0 на гостувањето кај Волендам.

Овој резултат ја направи предноста на лидерот на табелата недостижна. ​Само еден ден претходно, ПСВ дојде до драматична победа од 4:3 против Утрехт на домашен терен. Со активна предност од 17 поени на врвот во Ередивизија и на само пет кола до крајот на првенството, ПСВ веќе е недостижен за своите конкуренти.

​Веднаш по завршувањето на натпреварот во Волендам, илјадници навивачи на ПСВ излегоа по улиците на Ајндховен за да го прослават новиот голем успех. ​За клубот ова е трета последователна и вкупно 27-ма титула во историјата. Единствениот клуб со повеќе шампионски трофеи во земјата останува Ајакс, кој во својата витрина има 36 титули.

ТФТ прв низ целта во регуларниот дел, МЗТ загуби од Чаир, а Тиквеш е последниот патник во плејофот

Екипата на Тиквеш е најголемиот добитник по 22-рото коло, последно од регуларниот дел на кошаркарската Супер лига. Кавадарчани на домашен терен славеа над лидерот ТФТ со убедливи 102-74. Екипата од Тафталиџе и со пораз остана на првото место, а неочекувано загуби и второпласираниот МЗТ Скопје и тоа од Чаир со 76-68.

Најпријатното изненадување е дебитантот Маџари, кој финишираше на четвртата позиција, откако вечерва го победи тимот на Ангели со 106-81.

Резултати:

Чаир – МЗТ Скопје 76-68
Гостивар – Феникс 76-74
Кожув – Пелистер 89-82
Работнички – Куманово 76-72
Тиквеш – ТФТ 102-74
Маџари – Ангели 106-81

ТФТ е лидер со 41 бод, еден повеќе од МЗТ, а во Супер лигата ќе играат уште и Пелистер, Маџари, Кожув и Тиквеш. Во борбата за опстанок веќе е јасно дека Ангели ќе испадне, а во неповолна ситуација е и Гостивар со 28 бода. Пред нив се Феникс (30), Работнички (31), Куманово (32) и Чаир (33).

Супер лигата следната сезона ќе брои 10 екипи, па оваа сезона дури три екипи ќе го напуштат најквалитетното кошаркарско натпреварување кај нас.

Кимих: „Кејн ќе игра против Реал, ако треба и во инвалидска количка“

Англискиот репрезентативец Хари Кејн го пропушти драматичниот триумф на Баерн Минхен од 3:2 на гостувањето кај Фрајбург, откако се врати од репрезентативниот камп со повреда. Најдобриот стрелец на баварците е под постојан надзор на медицинскиот тим, а неговата состојба останува неизвесна неколку дена пред првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

И покрај загриженоста околу неговата физичка подготвеност, во клубот владее оптимизам дека Кејн ќе биде подготвен за големиот дуел во Мадрид.

Неговиот соиграч Џошуа Кимих ја прокоментира ситуацијата со доза хумор, но и со доверба во професионалноста на напаѓачот:

„Искрено, не знам каква е неговата состојба во моментов. Но се надевам дека ќе биде подготвен за натпреварот во вторник. Мислам дека би играл дури и да беше во инвалидска количка. Дури и ако има болки, верувам дека ќе стисне заби и ќе биде на теренот во Мадрид“, изјави Кимих.

Пол Сколс за елиминацијата на Италија: „Тие се како Арсенал меѓу репрезентациите“

Поранешниот играч за врска на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација, Пол Сколс, без задршка ја искритикува новата бламажа на фудбалската репрезентација на Италија и нивното трето последователно неучество на Светско првенство.

Тој ги спореди „азурите“ со Арсенал, истакнувајќи дека живеат од старата слава и дека играта им се сведува на индивидуални потези.

„Италија е како Арсенал меѓу репрезентациите – играат на стара слава“, изјави Сколс и продолжи:

„Немаат јасна визија како тим, сè се сведува на индивидуални акции и затоа не играат на најдобар можен начин.“

Сколс смета дека денешната Италија го нема идентитетот што некогаш ја красел.

„Ова не е Италија каква што ја знаевме од 90-тите и раните 2000-ти. Не го носат духот на играчи како Паоло Малдини, Фабио Канаваро, Андреа Пирло, Џанлуиџи Буфон и Франческо Тоти.“

Неговите зборови се само уште една во низата остри критики кон „азурите“, кои минуваат низ една од најтешките кризи во својата историја.

Хаос во Дрезден: Навивачите со пиротехнички средства започнаа пресметка, другите возвратија со влегување на терен (Видео)

Натпреварот помеѓу Динамо Дрезден и Херта Берлин во втората Бундеслига беше прекинат околу половина час откако навивачите на гостинскиот тим почнаа да фрлаат димни бомби, факели и ракети на теренот и на трибините каде што беа противничките фанови. На ваквото неспортско однесување на фановите на Херта, реагираа домашните навивачи кои втрчаа на теренот и започнаа да ги враќаат запалените факели кон гостинските навивачи.

Потоа реагираа полицајците, па навивачите кои беа на теренот, веднаш се вратија на трибините. Полицијата стоеше на средината на теренот додека навивачите не се смирија. По 30-тина минути пауза, натпреварот продолжи, а на крајот гостите победија со 1:0 благодарение на погодок во 80 минута. Само три минути порано, домашниот тим промаши пенал.

Со оваа победа Херта е на седмото место на табелата во Цвајте, додека Динамо Дрезден е на 14 место со 29 бодови, колку што има и Гројтер Фурт кој е во зоната за испаѓање.

Дури 11 НБА пресметки, а на речиси половина како предвреме да се знаат победниците

Во НБА лигата се наближува крајот на регуларниот дел, па најголем дел од екипите се во борба за подобар пласман и место во доигрувањето. Дури 11 средби се вечерва на програмата, а возбудувањата ќе започнат порано од вообичаеното.

Дури четири средби ќе се играат од 21:30 часот, а на три има класични фаворити. Бостон и Милвоки на свој терен треба да ги победат Торонто и Мемфис, додека Феникс на гости кај Чикаго треба да помине без проблеми.

Делува малку неверојатно, но има две средби на кои нема дилеми кој ќе победи туку со колку разлика ќе биде тоа. „Хендикепот“ на Оклахома против Јута е дури на 22,5 поени, а Кливленд против Индијата треба да слави со над 16,5 поени за да биде „кец со хендикеп“.

Без проблем треба да помине и ЛА клиперс кај Сакраменто, а Орландо е во улога на фаворит на теренот на Њу Орлеанс.

Во понудата има и голем број на НБА играчи за популарната игра „плус-минус“ поени.

Димитриевски трипати совладан, Валенсија загуби со пресврт (Видео)

Фудбалерите на Валенсија доживеаја неочекуван пораз на домашен терен со 2-3 од Селта Виго. „Лилјаците“ имаа водство од 1-0 по само 12 минути игра, но гостите во второто полувреме направија комплетен пресврт и со три гола во мрежата на Столе Димитриевски дојдоа до трите бода од гостувањето на „Местаља“.

Мрежата на нашиот репрезентативен голман се тресеше во 56-тата, 60-тата и во 81-вата минута, а Димитриевски имаше две успешни интервенции од петте удари кои одеа во рамки на неговиот гол.

До крајот на мечот се што успеаја да направат домашните е да постигнат уште еден гол во 93-тата минута со кој беше поставен конечниот резултат – 2-3 за Селта.