Дома Blog Страница 160

Охридско славје во Атина, а сега паметно во реваншот

Победата од пет голови разлика среде Атина, покажа дека ГРК Охрид е поквалитетен тим од Олимијакос, а пласманот во полуфиналето на Европскиот куп треба да се завери в сабота во „Билјанини извори“.

Тимот од Охрид ја прослави големата победа и продолжува да испишува клупска историја, но работата не е завршена. Лани Олимпијакос истотака загуби дома, тогаш од романска Турда, а потоа го победи на гости со поголема разлика.

Плус тоа, случувањата на реваншот од ланското финале помеѓу Алкалоид и АЕК е доказ дека Грците се спремни на трикови и провокации и не смее да се наседне на евентуалните нечисти игри и не треба да им се дава повод да бараат службена победа, бидејќи тешко може да на терен да триумфираат со разлика која им е потребна.

Фудбалерите пристигнаа во Даблин (Фото)

После речиси четиричасовен лет од Скопје, македонската фудбалска експедиција слета во Даблин, каде задутре ќе игра дуел со Република Ирска на поразените во полуфиналните баражи за пласман на Светското првенство.

Двата тима разорачани од она што се случи пред три дена, ќе треба да најдат мотиви, а еден од тие мотиви е што секоја победа или реми носи поени за рејтингот на ФИФА листата.

Во однос на средбата со Данска, овојпат ќе ги нема Бојан Миовски, Александар Трајковски и Јани Атанасов.

Четири тима во НБА вечерва може да обезбедат плејоф или плејин

Вечерва почнувајќи од 21.30 часот, се играат девет натпревари во кошаркарската НБА лига, и тоа ја прави богата понудата за обложување на Sport Life каде има и 90-тина кошаркари на кои може да уплатите колку поени ќе постигнат.

Четири тима може уште вечерва да обезбедат место во плејофот или барем плејин разигрувањето. Тоа се Бостон, Њујорк, Голден стејт и Портланд.

На Селтикс за влез во плејофот им треба победа над Шарлот, или пораз на Торонто од Орландо. Победа на Њујорк против првакот Оклахома сити би била изненадување, а тоа му одговара и на Бостон, но најмногу на самиот Никс кој така обезбедува плејоф и место меѓу шесте најдобри на Истокот. Математиката вели дека Голден стејт ќе има минимум плејин во рацете ако победи вечерва или ако изгуби Хјустон од Њу Орлеанс. И Портланд има две варијанти за сигурен плејин, едната е дури и пораз од Вашингтон, или победа на Хјустон.

На другите средби, ЛА Клиперс оди по петтата победа по ред, а Денвер веќе има пет триумфи по ред, ќе се обиде да ја извојува шестата.

Охридските Гладијатори го покорија Олимпијакос во Атина

ГРК Охрид го совлада Олимпијакос со 31-26 и си ја олесни работата пред реваншот на свој терен идниот викенд во овој четвртфинален двобој од ЕХФ Европскиот куп.

Најефикасни кај Охрид беа Гркот (екс играч на Олимпијакос) Лиапис и Иванковиќ со по 7 голови. На голот блескаше Пилиповиќ со 15 одбрани. Савас со дури 14 гола што е повеќе од половината на тимот, беше единствен кај Олимпијакос што му парираше на македонскиот претставник.

Ако Охрид го мине Олимпијакос, што е реалност, во полуфиналето најверојатно ќе се сретне со словенечки Целје кој во првиот меч го победи романски Бузау со девет голови разлика.

Босанците посакуваат Турпан да им донесе среќа како што ни донесе нам против Италија

Одлуката на УЕФА да го делегира Клеман Турпан за главен судија на мечот БиХ – Италија, предизвика радост кај Босанците, а страв кај Италијанците, а причина е Македонија.

Истиот овој судија делеше правда пред четири години во баражот за СП кога во Палермо, Македонија ја шокираше Италија. Сега се враќаат духовите од минатото, и суеверните Аѕури малку се исплашени дека може да им се случи истото. Од друга страна, Босанците веруваат дека овој судија кој е еден од најдобрите во Европа, пак ќе им донесе несреќа на Италијанците во обид да се пласираат на Светско првенство.

Тој меч во Палермо беше еден од петте кои Турпан ги судел на Италија. Билансот на Италија со него како судија е три победи и два порази.

Сега е и официјално: Игор Тудор веќе не е менаџер на Тотенхем

Тотенхем Хотспур објави дека Игор Тудор заминува од функцијата менаџер на тимот.

Во официјалното соопштение од клубот се вели дека Хрватот го напуштил клубот по меѓусебен договор на страните. Истотака му дадоа поддршка во овие тешки денови на приватен план, неодамна почина таткото на Тудор. 

Тудор беше назначен за главен тренер на Спарси на 14-ти февруари. Под водство на 47-годишниот тренер, лондончани одиграа седум натпревари, во кои победија само еднаш, а загубија пет пати.

На табелата во Премиер лигата по 31 натпревар, Тотенхем е на 17-то место, еден бод над зоната за испаѓање.

Тиквеш и Работнички играа во спомен на прерано загинатиот фудбалер Андреј Лазаров

Два од поранешните клубови на трагично починатиот фудбалер Андреј Лазаров, Тиквеш и Работнички, денеска во Кавадарци одиграа пријателски меч во негова чест.

Андреј вдишувајќи чад додека се обидувал да им помогне на настраданите, неколку пати влегувал во дискотеката „Пулс“, но неговото тело за жал не можело да се справи проблемот.

Лазаров кариерата ја започна во Металург, а стана професионалец во Работнички. Беше и во хрватскиот фудбал, кога од Тиквеш прејде во Рудеш, играше и за Горица, а потоа се врати во татковината потпишувајќи за Шкупи, клуб кој го повлече неговиот дрес со број 16.

 

Интер ќе понуди 50 милиони евра за Ману Коне

Интер не се откажува од намерата да го ангажира Ману Коне и повторно ќе тргне по неговиот потпис во летниот преоден рок, пренесува „Газета дело Спорт“.

Играчот за врска на Рома останува една од главните трансферни цели на Нераѕурите, кои размислуваат за различни модели за реализација на зделката. Една од опциите е во пакетот да биде вклучен и Давиде Фратези, заедно со дополнителна парична компензација.

Интер веќе се обиде да го доведе Коне минатото лето, но тогаш раководството на Рома не дозволи трансферот да се реализира. Сега миланскиот клуб е подготвен да издвои и до 50 милиони евра за 24-годишниот Французин, а вклучувањето на Фратези би помогнало да се намалат вкупните трошоци.

Фратези, кој има 26 години, сезонава има 29 настапи во сите натпреварувања за Интер и забележа три асистенции, но би можел да стане дел од поголема размена доколку преговорите со Рома влезат во завршна фаза.

Ѓаволите планираат летна зделка со Њукасл за Сандро Тонали

Манчестер јунајтед подготвува понуда за Сандро Тонали по завршувањето на сезоната, јавуваат британските медиуми.

Црвените ѓаволи сигурно ќе бараат нов дефанзивен играч за врска ова лето, откако Касемиро ќе го напушти клубот со истекот на договорот во јуни.

Од друга страна, Нјукасл ќе пристапи внимателно кон евентуална продажба на Тонали, за да избегне повторување на сценариото со Александер Исак, кој минатото лето замина во последниот ден од трансферниот прозорец. Решението за трансфер ќе се донесе со разгледување на интересите на клубот, но и на самиот фудбалер, доколку тој изрази желба за промена на средината.

Интересно е дека капитенот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш, го поддржува евентуалното доведување на Тонали.

Во тековната сезона, 25-годишниот Италијанец има 47 настапи во сите натпревари, со три постигнати гола и седум асистенции, со вкупно 3.520 минути на теренот.

Илинден со пресврт и со два црвени картони го победи Гоце Делчев

Екипата на Илинден славеше на свој терен против тимот на Гоце Делчев со 2:1 во меч од 15 коло на општинската лига Гази Баба. Со оваа победа, Илинден стигна до 35 бодови и останува на еден чекор зад водечкиот Марино кој има 36 бодови, откако со 3:1 го победи Ускуп.

На теренот во Илинден имаше многу борба, динамична игра, црвени картони, пресврти, а на крајот на победата се радуваа домашните играчи. Тимот на Гоце Делчев поведе со 1:0 благодарение на голот на капитенот Иван Петревски во 14 минута.

Раното водство на гостите не ги збуни играчите на Илинден кои возвратија само седум минути подоцна кога Антонио Василев израмни на 1:1. Во 40 минута Гоце Делчев остана со играч помалку, откако поради втор жолт картон (автоматски црвен картон) играта ја напушти Никола Силјаноски.

Силите на теренот беа израмнети во 52 минута кога поради два жолти картони беше исклучен Пепи Трајчевски од тимот на Илинден. Со по 10 играчи на теренот на двете страни, подобро се снајдоа домаќините. Во 58 минута Кристијан Илиевски погоди за 2;1 за Илинден и комплетирање на пресвртот.

Во финишот на средбата, директен црвен картон доби стрелецот на првиот гол за Илинден, Василев. И покрај тоа што беа бројчано помалку во финишот, домашните играчи не дозволија да го прокоцкаат водството и на крајот славеа со 2:1.