Дома Blog Страница 159

Зајков: За нас нема пријателски мечеви и официјални, сите се важни

Фудбалската репрезентација на Македонија пристигна во Даблин каде во вторник ќе го одигра последниот натпревар од циклусот за СП 2026. За жал, по поразот од Данска во Копенхаген, нашиот национален тим ги загуби шансите за Мундијалот.

Дефанзивецот Ѓоко Зајков вели дека секој меч во дресот на Македонија е можност за ново докажување.

„Сакаме да го победиме мечот со Ирска. За нас нема пријателски мечеви и официјални, сите се важни. Најважно од аспект од тоа што претходниот меч го загубивме на таков начин, да дадеме се од себе за добар резултат за да се издигнеме нагоре за следните собири и квалификации и да бидеме подобри“, изјави Зајков.

Натпреварот меѓу Република Ирска и Македонија ќе се одигра во вторник, со почеток во 20.45 часот, на стадионот „Авива”.

Солидна посета и неизвесно на терен, кошаркарското дерби ги оправдува очекувањата (Видео)

Со 2.000 гледачи на трибините во „Јане Сандански“ и голема борба на теренот, првото полувреме на скопското дерби МЗТ Скопје Аеродром – Работнички посетува на сјајот кое ова дерби некогаш го имаше.

Металците се фаворити, но драстично ослабени со отсуствата на Војдан Стојановски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, не се воопшто доминантни како на пример пред еден и пол месец на завршницата од Купот кога го декласираа Работнички со 100-69.

 

Црвено-белите предводени од Ефремовски и Рикиќ водат минимално на полувреме со 43-42 и ќе се обидат да изненадат со што би ги задржале шансите да се најдат во Суперлигата.

Присуството на двете навивачки групи како и секогаш му дава тон на дербито.

 

Макс Ферстапен размислува да ја напушти Формула 1?

На четирикратниот Формула 1 шампион, Макс Ферстапен, не му се допаѓа новата Формула 1, неговиот тим Ред Бул е заглавен во лоши резултати, Холанѓанецот е далеку од подиумот и ова го тера да размислува дури и за завршување на својата брилијантна кариера.

Холандскиот весник „Де Телеграф“ сензационално објавува дека Макс размислува за пензионирање по завршувањето на оваа сезона.

Самиот пилот проговори на таа тема.

„Среќен сум, но се работи за 22 трки, дали вреди? Може ли да се забавувам повеќе дома со моето семејство и пријатели кога не уживам во спортот? Можам да прифатам да завршам седми или осми затоа што знам дека не можеш постојано да доминираш или да се бориш за подиумот. Сум бил во таква ситуација и претходно, не само во Формула 1. Но, кога си седми или осми и не уживаш во типот на автомобил, не е така како што се чувствувам како возач. И доаѓа момент кога тоа не е она што сакам да го правам. Сакам да се забавувам, а во моментов не е така. Има работи што ми се допаѓаат. Ми се допаѓа да работам со тимот, тоа е моето второ семејство, но штом ќе седнам во автомобилот, веќе не е забавно. Се обидувам да уживам, но многу е тешко“, вели Холанѓанецот.

За Ферстапен постои интерес од Ферари и Мерцедес, тимови што може да си ја дозволат неговата плата од над 50 милиони евра по сезона, но прашање е дали уште има мотивација кај него. 

Охридско славје во Атина, а сега паметно во реваншот

Победата од пет голови разлика среде Атина, покажа дека ГРК Охрид е поквалитетен тим од Олимијакос, а пласманот во полуфиналето на Европскиот куп треба да се завери в сабота во „Билјанини извори“.

Тимот од Охрид ја прослави големата победа и продолжува да испишува клупска историја, но работата не е завршена. Лани Олимпијакос истотака загуби дома, тогаш од романска Турда, а потоа го победи на гости со поголема разлика.

Плус тоа, случувањата на реваншот од ланското финале помеѓу Алкалоид и АЕК е доказ дека Грците се спремни на трикови и провокации и не смее да се наседне на евентуалните нечисти игри и не треба да им се дава повод да бараат службена победа, бидејќи тешко може да на терен да триумфираат со разлика која им е потребна.

Фудбалерите пристигнаа во Даблин (Фото)

После речиси четиричасовен лет од Скопје, македонската фудбалска експедиција слета во Даблин, каде задутре ќе игра дуел со Република Ирска на поразените во полуфиналните баражи за пласман на Светското првенство.

Двата тима разорачани од она што се случи пред три дена, ќе треба да најдат мотиви, а еден од тие мотиви е што секоја победа или реми носи поени за рејтингот на ФИФА листата.

Во однос на средбата со Данска, овојпат ќе ги нема Бојан Миовски, Александар Трајковски и Јани Атанасов.

Четири тима во НБА вечерва може да обезбедат плејоф или плејин

Вечерва почнувајќи од 21.30 часот, се играат девет натпревари во кошаркарската НБА лига, и тоа ја прави богата понудата за обложување на Sport Life каде има и 90-тина кошаркари на кои може да уплатите колку поени ќе постигнат.

Четири тима може уште вечерва да обезбедат место во плејофот или барем плејин разигрувањето. Тоа се Бостон, Њујорк, Голден стејт и Портланд.

На Селтикс за влез во плејофот им треба победа над Шарлот, или пораз на Торонто од Орландо. Победа на Њујорк против првакот Оклахома сити би била изненадување, а тоа му одговара и на Бостон, но најмногу на самиот Никс кој така обезбедува плејоф и место меѓу шесте најдобри на Истокот. Математиката вели дека Голден стејт ќе има минимум плејин во рацете ако победи вечерва или ако изгуби Хјустон од Њу Орлеанс. И Портланд има две варијанти за сигурен плејин, едната е дури и пораз од Вашингтон, или победа на Хјустон.

На другите средби, ЛА Клиперс оди по петтата победа по ред, а Денвер веќе има пет триумфи по ред, ќе се обиде да ја извојува шестата.

Охридските Гладијатори го покорија Олимпијакос во Атина

ГРК Охрид го совлада Олимпијакос со 31-26 и си ја олесни работата пред реваншот на свој терен идниот викенд во овој четвртфинален двобој од ЕХФ Европскиот куп.

Најефикасни кај Охрид беа Гркот (екс играч на Олимпијакос) Лиапис и Иванковиќ со по 7 голови. На голот блескаше Пилиповиќ со 15 одбрани. Савас со дури 14 гола што е повеќе од половината на тимот, беше единствен кај Олимпијакос што му парираше на македонскиот претставник.

Ако Охрид го мине Олимпијакос, што е реалност, во полуфиналето најверојатно ќе се сретне со словенечки Целје кој во првиот меч го победи романски Бузау со девет голови разлика.

Босанците посакуваат Турпан да им донесе среќа како што ни донесе нам против Италија

Одлуката на УЕФА да го делегира Клеман Турпан за главен судија на мечот БиХ – Италија, предизвика радост кај Босанците, а страв кај Италијанците, а причина е Македонија.

Истиот овој судија делеше правда пред четири години во баражот за СП кога во Палермо, Македонија ја шокираше Италија. Сега се враќаат духовите од минатото, и суеверните Аѕури малку се исплашени дека може да им се случи истото. Од друга страна, Босанците веруваат дека овој судија кој е еден од најдобрите во Европа, пак ќе им донесе несреќа на Италијанците во обид да се пласираат на Светско првенство.

Тој меч во Палермо беше еден од петте кои Турпан ги судел на Италија. Билансот на Италија со него како судија е три победи и два порази.

Сега е и официјално: Игор Тудор веќе не е менаџер на Тотенхем

Тотенхем Хотспур објави дека Игор Тудор заминува од функцијата менаџер на тимот.

Во официјалното соопштение од клубот се вели дека Хрватот го напуштил клубот по меѓусебен договор на страните. Истотака му дадоа поддршка во овие тешки денови на приватен план, неодамна почина таткото на Тудор. 

Тудор беше назначен за главен тренер на Спарси на 14-ти февруари. Под водство на 47-годишниот тренер, лондончани одиграа седум натпревари, во кои победија само еднаш, а загубија пет пати.

На табелата во Премиер лигата по 31 натпревар, Тотенхем е на 17-то место, еден бод над зоната за испаѓање.

Тиквеш и Работнички играа во спомен на прерано загинатиот фудбалер Андреј Лазаров

Два од поранешните клубови на трагично починатиот фудбалер Андреј Лазаров, Тиквеш и Работнички, денеска во Кавадарци одиграа пријателски меч во негова чест.

Андреј вдишувајќи чад додека се обидувал да им помогне на настраданите, неколку пати влегувал во дискотеката „Пулс“, но неговото тело за жал не можело да се справи проблемот.

Лазаров кариерата ја започна во Металург, а стана професионалец во Работнички. Беше и во хрватскиот фудбал, кога од Тиквеш прејде во Рудеш, играше и за Горица, а потоа се врати во татковината потпишувајќи за Шкупи, клуб кој го повлече неговиот дрес со број 16.