21.8 C
Skopje
недела, 17 август 2025
Дома Blog Страница 9543

Стотката на Фенер свети во Истанбул

Фенербахче го декласира ривалот од Турција, Дарушафака, со 100:79 и остана во битка за врвот во Евролигата.

Домаќините беа убедливи и лесно победија, а триумфот го најавија веднаш на почетокот на мечот. Поведоа со 25:10 по првите 10 минути и до крајот успеваа да ја задржат предноста и да ја зголемат на плус 21.

Махматоглу со 16 поени беше најефикасен кај Фенербахче, а го следеше Али Мухамед со 15.

Кај Дарушафака, која сега го дели последното место со Макаби, со по една победа и 7 порази се истакнаа Мајк Ерик со 17 и Реј Мекалум со 16 поени. Сите останати имаа помалку од 10 поени, што е една од причинита за тешкиот пораз.

Еден, ама вреден – Грбиќ со еврогол ги однесе австриските таленти на ЕП

Адријан Грбиќ постигна прекрасен гол од слободен удар за нова победа на авастриските младинци, кои повторно беа подоби од врсниците од Грција и ќе патуваат на ЕП следната година.

Грбиќ мајсторски го погоди долниот агол на грчкиот гол во 51-вата минута, а интересно е што Австријците не примија гол на двата дуели, односно 180 минути во бараж-двомечот.

На првиот меч во Грција беше идентично, 1-0 за Австрија, селекција која беше во нашата квалификациска група и ќе игра на ЕП во 2019 година во Италија и Сан Марино.

https://twitter.com/oefb1904/status/1064960599258525696

Гордоста на Израел потона во Евролигата

Анадолу Ефес лесно го совлада Макаби Тел Авив со 90:77 во меч од осмото коло во Евролигата и го закова на дното гигантот со европски титули.

Гордоста на Израел, како што го нарекуваат Макаби, сезонава игра лошо во елитното натпреварување и има само една победа на 8 меча.

И вечерва кошаркарите од Тел Авив не беа на потребното ниво, ги изгубија сите четири четвртини и на крајот со двоцифрена разлика се поразени од турскиот претставник.

Данстон и Плеис со по 14 поени го предводеа Ефес до сигурна победа и до четвртото место во конкуренција на 16 екипи. Турците сега имаат 6 победи и само два порази.

Кај Макаби, Џони О`Брајант се издвои од сивилото во тимот и со 19 поени беше најефикасен на мечот.

Подвиг на полските младинци, ја декласираа Португалија за пат на ЕП

Полските фудбалски таленти на возраст до 21 години приредија вистински подвиг и со победа од 3-1 на гостински терен ја елиминираа Португалија, иако дома загубија со 0-1.

Бараж-мечот во Шавес, домаќините го почнаа со огромна предност од 1-0 од првиот дуел во Полска, но гостите приредија неочекувано гол-шоу. Со три гола само за 25 минути најавија сензација, а неа не ја спречи ниту голот на Диго Жота во 52-рата минута за Португалците.

До крајот на мечот, апсолутниот фаворит напаѓаше, но Полјаците имаа рецепт за офанзивата на Португалија и ќе играат на ЕП следната година во Италија и Сан Марино.

Вториот реванш-меч од баражот меѓу Австрија и Грција е во тек. Австријците имаат предност по победата на гости со 1-0, а тие играа со Македонија во квалификациската група.

Навивачите на Баерн ги „дере“ кој стигне, сега на АЕК му следи казна од УЕФА

Навивачите на Баерн станаа омилена цел за да плаќаат поскапи влезници на гостувањата во Лигата на шампионите, а сега грчки АЕК е пред казна од УЕФА.

Грците сакаа да бидат итри, одредија два и пол пати поскапи билети за гостинските навивачи на Баерн, кои платија по 35 евра за истите места на стадионот во Атина за кои домашните симпатизери одвојуваа по 15 евра.

Тоа не е дозволено според правилата на УЕФА, па следи казна за АЕК, а веројатно и компензација за навивачите на германскиот клуб.

Претходно, тоа им се случи на гостување во Брисел, кај Андерлехт, па белгискиот клуб потоа им враќаше по 30 евра откако им наплаќаше на гостинските навивачи од Баварија по 100 евра за билет.

У19 – Срамно реми на Чешка и Хрватска, Македонија извиси

Чешка и Хрватска си одиграа токму како што им е потребно, ремизираа 2-2 и ја елиминираа македонската фудбалска репрезентација до 19 години во првата фаза на патот кон Европското првенство.

Македонија го победи Луксембург со 2-0 во последното коло, но остана на третото место со 4 бодови, три помалку од победникот во групата, Чешка, и еден зад Хрватите. Двете првопласирани селекции ќе играат во втората фаза.

Македонија го имаше пласманот во следната рунда во раце сè до последните моменти од двата последни дуели во нашата група, водевме со 2-0, а Чешка имаше предност од 2-1, резултати што потполни ни одговараа.

Но, Палаверса постигна гол за Хрватска во 89-тата минута, таман за „коцкестите“ да нè претркаат за еден бод, а ние да испаднеме.

 

Ќе биде пекол во Косово, картите распродадени за 32 минути

Репрезентацијата на Косово пред три години беше примена како рамноправна членка во Европската куќа на фудбалот (УЕФА), а веќе вечерва може да го оствари првиот голем успех. Косово на свој терен игра против Азербејџан, во меч за првото место во групата од Сегментот Д.

Косово моментно е лидер со 11 бодови, додека ривалот заостанува два бода. Тоа значи дека на домаќините ќе им биде доволно да освојат и еден бод за да напредуваат во Сегментот Ц за следните натпревари во Лигата на нациите. Освен тоа, Косово со првото место ќе се избори за полуфинале од плејофот за пласман на Европското првенство во 2020 година.

„Може да направиме нешто големо. Владее голема еуфорија кај луѓето. Мечот против Азербејџан е најважен во нашата историја. Нерешено е доволно за да бидеме први, но сите од нас чекаат да победиме, а јас знам дека можеме. Ако го искористиме целиот потенцијал, на крајот ќе славиме“, рече Бесар Халими, кој е играч на Брондби во Данска.

На стадионот „Фадиљ Вокри“ нема да има слободно место бидејќи сите 13 и пол илјади билети веднаш биле распродадени.

„За многу луѓе на Косово, фудбалот е сѐ. Влезниците за мечот против Азербејџан се распродадоа за 32 минути. Дури и некои играчи не успеаја да купат билети за своите семејства“, објаснува фудбалерот Донис Авдијај.

Во репрезентацијата на Косово има само двајца фудбалери кои се постари од 26 години. За тоа колку млад состав има Косово, покажува и фактот дека дури седуммина играчи се помлади од 21 година. Доколку победи, Косово ќе биде ривалот на Македонија во полуфиналето за пласман на ЕП 2020 година.

 

 

Во следниот циклус, само БиХ ќе ја претставува поранешна Југославија во Лига А

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина ќе биде единствениот претставник на поранешна Југославија во следниот циклус од елитната Лига А од Лигата на нациите на УЕФА. Тимот на селекторот Роберт Просинечки успеа од Лига Б да напредува во Лига А, а од првата во втората испаднаа Хрватите, па така БиХ ќе ја брани честа на поранешните југословенски републики.

Во наредното издание на Лигата на нациите, во Лига А покрај БиХ, ќе бидат и: Франција, Холандија, Белгија, Швајцарија, Португалија, Италија, Англија, Шпанија, Украина, Данска и уште еден тим, Русија или Шведска.

Светскиот вицепрвак, Хрватска, по поразот од Англија, се најде во второлигашкото друштво, а во Лига Б најверојатно ќе се најде и Србија, која би требало да оди еден ранг погоре.

Црна Гора најверојатно останува во Лига А, а таму ќе ѝ се придружат Македонија и можеби Косово. Од друга страна, Словенија испадна во Лига Д.

Канте ќе биде најскапоплатен играч на Челзи

Францускиот репрезентативец Н’голо Канте на феноменален начин може да ја заврши сезоната. Откако летоска со репрезентацијата стана светски првак, сега Канте е пред продолжување на договорот со Челзи. Се очекува тој да стане најскапоплатен играч во историјата на клубот.

Канте ја контролира играта во средниот ред на Челзи. Тој е неуморен работник и, секако, еден од главните играчи на теренот.Токму затоа во Челзи се подготвени да му платат 290.000 фунти неделна плата и на тој начин да биде најскапоплатен фудбалер во клубот.

За Канте веќе подолго време се интересираат Реал Мадрид и Барселона, но по ваква понуда од Челзи, многу веројатно е дека тој ќе остане на „Стемфорд Бриџ“.

Реџепи замина за Приштина – Ќе се снима Косово

Џенгис Реџепи ќе го следи мечот меѓу Косово и Азербејџан во Приштина со цел да се скенира играта и квалитетот на домаќинот, селекција која е можен ривал на Македонија во полуфиналниот меч во март 2020 година во Сегментот Д од Лигата на нациите.

Иако е рано за полуфинале, од нашиот стручен штаб не препуштаат ништо на случајност бидејќи со голема веројатност токму Косово ќе ни биде претпоследната пречка на патот кон исполнување на историската мисија и пласман на Европското првенство во 2020 година.

Реџепи е млад и мошне талентиран тренер, работи како помошник-тренер во турскиот прволигаш Сиваспор, а му помага и на Ангеловски во работота со нашата национална селекција.

Косово вечерва го игра последниот меч во третата група и ако го победи Азербејџан, ќе ни биде противник во полуфиналето, што би се играло во Скопје, во март 2020 година.

Секој друг исход, вечерва во Приштина од 20.45 часот, односно реми или победа на Азербејџан, ни ја носи Белорусија на националната арена „Филип Втори’ како ривал во полуфиналниот нокаут-меч.