11.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9882

Меси против цела одбрана на ПСВ (видео)

Барселона веќе е во нокаут-фазата од ЛШ, но тоа не го спречува Меси повторно да блесне на терените. На гостувањето во Ајндховен против ПСВ, Каталонците поведоа во 61-вата минута токму преку Меси, кој ја надитри целата одбрана на домаќинот.

Меси воедно со овој погодок се израмни со Левандовски по бројот на погодоци сезонава во ЛШ, двајцата имаат по шест.

 

Јончевски: Циклусот го отворивме позитивно, така сакаме да продолжи

Во отсуство на селекторот Јорданчо Давитков, на првиот тренинг со кошаркарите работеа неговите асистенти Александар Јончевски и Љупчо Малинков, како и кондицискиот тренер Горан Крстевски.

„Овој циклус го отворивме позитивно, така сакаме и да го завршиме. Ако Косово победи утре во Романија, тогаш ние уште во недела можеме да ја завршиме работата, но не верувам во таков исход. Како и да е, одиме чекор по чекор. Сакаме сè да зависи од нас и да не чекаме други да ни ја завршат работата. Работиме да победиме против Косово, не сакаме да ни се повтори ситуацијата од претквалификациите за СП, кога чекавме, не зависеше од нас и на крајот извисивме, вели Јонлевски.

Македонија за првпат ќе игра официјален меч во Гевгелија, но Јончевски не смета дека тоа е хендикеп.

„Да се играше каде било, ќе се чувствувавме како домаќини, нема да биде проблем. Гевгелија прераснува во кошаркарски центар, навивачите знаат да дадат голема поддршка за Кожув, а сега и за Блокотехна. Имаат одлична публика која ја познава играта, знае кога треба да помогне и ќе биде плус за нас. Верувам во полна сала и позитивен резултат“, додава Јончевски.

Вардарци немилосрдни против Извиѓач

Вардар лесно го совлада тимот на Извиѓач со конечни 38-27. Во мечот од рамките на деветтото коло во СЕХА-лигата, „црвено-црните“ во СЦ „Јане Сандански“ без поголеми проблеми стигнаа до седмиот овосезонски триумф во регионалното натпреварување, што воедно беше подготовка пред дуелот со Кјелце во Лигата на шампиони.

Вардарци уште во првиот дел ја завршија својата работа. Резултатот по првите 30 минути гласеше 21-13, па во второто полувреме фаворитот само го чекаше крајот на средбата.

По шест погодоци забележаа Киселев, Војводиќ и Оцвирк, додека Милосављев запиша 11 интервенции. Кај поразените, Чутура беше најефикасен со осум гола, пет реализираше Калуѓеровиќ.

Годин од јануари во нов клуб?

Дефанзивецот и капитен на Атлетико Мадрид, Диего Годин, наводно се договорил со Милан за преселба во јануарскиот преоден рок. Италијанските медиуми најавуваат дека Уругваецот ги прифатил условите да стане нов член на „росонерите“, кои му понудиле две и полгодишен договор, според кој ќе заработува четири милиони евра по сезона.

Милан се соочува со големи проблеми во одбраната откако тројца првотимци се сериозно повредени. Годин би бил вистинско засилување, но останува Леонардо, спортскиот директор на Милан, да се договори, односно да ги убеди челниците на Атлетико да се согласат на продажба на својот дефанзивец.

Годин е член на Атлетико од 2010 година. За „јорганџиите“ настапил на 364 натпревари, додека вкупно освоил осум трофеи со клубот од Мадрид.

 

Атлетико ќе презими во Европа, прва победа за Локомотив

Атлетико Мадрид со 2-0 го совлада Монако во мечот од петтото коло во Лигата на шампионите. Избраниците на Диего Симеоне лесно стигнаа до четвртата победа во групата А, па со 12 бода обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри екипи во Европа.

Коке уште во втората минута од мечот погоди за предност на домаќините, а Гриезман во 24-тата минута ги постави конечните 2-0. Фалкао имаше шанса во 82-та минута да го намали водството на „јорганџиите“ на 2-1, но Колумбиецот не погоди пенал против својот некогашен тим. Виновник беше Савиќ, кој по изнудениот пенал, заработи втор жолт, односно исклучување.

Со идентичен резултат славеше и Локомотив Москва против Галатасарај. Рускиот првак ја забележа првата победа во групната фаза, а за конечните 2-0 погодија Криховјак во 43-тата, односно Игнатјев во 54-тата минута од мечот.

Победата на Локомотив значи дека Порто и Шалке сигурно се осминафиналисти, но вечерашниот меѓусебен дуел на овие две екипи може да одреди кој ќе биде првопласиран, а кој во нокаут-фазата ќе патува како втор од групата Д.

Кошаркарите едногласно најавуваат победа против Косово

Македонската сениорска репрезентација ги почна подготовките за натпреварот со Косово во рамките на претквалификациите за Евробаскетот 2021. Средбата ќе се игра во недела попладне, во Гевгелија.

Стојан Ѓуроски и Шејн Витингтон беа единствените кошаркари кои недостасуваа на вечерашниот собир во малата сала на СЦ „Јане Сандански“. Тие двајца, како и селекторот Јорданчо Давитков, треба да се појават утре. Екипата уште утре е во Скопје, а во петок заминува за Гевгелија, каде што во недела ќе го пречека Косово.

„Нема да биде лесно, можеби олеснителна околност е што ќе немаат Американец. Ние си ја гледаме нашата работа, треба максимално да се подготвиме, имаме 3-4 дена. Треба да влеземе во ритам како во Приштина. Јас лично, играм добро, се надевам дека ќе го пренесам тоа и во репрезентацијата и сите заедно да дојдеме до таа посакувана победа“, вели Бојан Трајковски.

Димитар Караџовски добро ја познава салата во Гевгелија, порано играше за Кожув.

„Важен е мечот, зависи и од резултатот во Романија, можеби ќе можеме да го осигуриме првото место веќе во недела. Не треба ништо да се остави на случајност, да си завршиме работа, да не дозволиме други да ни решаваат. Освен Бериша, опасен е и центарот Шоши, но ние играме дома, реално предноста е на наша страна“, изјави Караџовски.

Салихамиџиќ: Не го менуваме Ковач

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ, инсистира дека клубот не се обидува да најде замена за Нико Ковач. Хрватскиот стратег беше под притисок пред вчерашниот дуел со Бенфика, но убедливите 5-1 против португалскиот тим засега го одржаа „во живот“.

И покрај тоа што германскиот шампион се наоѓа на петтата позиција на табелата во Бундеслигата, со девет бода разлика во однос на лидерот Дортмунд, од таборот на клубот тврдат дека во скоро време нема да се случи смена на шефот на стручниот штаб.

„Не е точно дека бараме замена за нашиот тренер. Посочивме дека по мечот со Бенфика, ќе разговараме околу ситуацијата во клубот, но бевме убедени дека тие ќе поминат добро“, вели Салихамиџиќ.

„Баварците“ вчера одиграа многу подобро за разлика од последните неколку средби. Робен и Левандовски беа двојни стрелци, Рибери погоди за „петарда“, па Халихамиџиќ очекува екипата да продолжи во исто темпо и во следниот период.

Баерн обезбеди учество во нокаут-фазазта од ЛШ, но за првото место во групата Е, ќе мора да останат непоразени во последното коло, односно средбата против Ајакс.

 

Роби Кин ја заврши кариерата, ќе биде помошник на Ирска

Екснапаѓачот на Тотенхем и Ливерпул, Роби Кин, на 38 години одлучи да ѝ стави крај на фудбалската кариера. Искусниот Ирец веднаш најде ангажман, ќе биде асистент на Мик Мекарти во репрезентацијата на Ирска.

„Врвот на кариерата ми е што ја претставував мојата земја и бев капитен на репрезентацијата. Уживав во секој момент од тоа патување кое траеше 18 години. Не можам да опишам со зборови колку сум горд што сум Ирец. Се надевам дека навивачите се гордеат на мене бранејќи го зелениот дрес. Настапот со Ирска на СП 2002, како и двете Европски првенства, се спомени кои никогаш нема да ги заборавам“, истакна Кин.

Покрај Ливерпул и Тотенхем, Кин уште ги бранеше боите на: Ковентри, Интер, Лидс, Вест хем, Астон вила, ЛА галакси и Колката. Кариера ја започна во Вулверхемптон во 1997 година. За сите екипи вкупно постигна 325 погодоци на 737 натпревари, додека за репрезентацијата на Ирска настапи на 146 меча и постигна 68 гола.

Леклерк почувствува што значи да се вози болидот на Ферари

Шарл Леклерк на првото тестирање како пилот на Ферари имаше најдобро време на патеката во Абу Даби, подобрувајќи го резултатот на новиот клупски колега од вчера, Себастијан Фетел. Овие тестирања се прават со цел тимовите да ги испробаат новите гуми на Пирели, кои се поразлични од тие што се користеа годинава.

Времето на 21-годишниот Леклерк, кој годинава возеше за Заубер, беше за 1,7 секунди послабо од времето на Луис Хамилтон со кое Британецот во саботата ја освои пол-позицијата на истата патека. Најблизок конкурент му беше Пјер Гасли, новиот член на Ред Бул. Потоа следуваа Ленс Строл и Валтери Ботас.

Леклерк во Ферари ќе го наследи Кими Раиконен, кој премина во Заубер. Позитивна вест е враќањето на Роберт Кубица во Ф1. Овој 39-годишен Полјак пред осум години имаше ужасен инцидент на рели во Андора и оттогаш беше надвор од Формула 1.

Линдзи Вон навива за Фиорентина

Најуспешната скијачка на сите времиња, Линдзи Вон, на крајот на сезонава ќе ја заврши кариерата, а во интервју за италијански медиум истакна дека нејзин омилен фудбалски клуб ѝ е Фиорентина.

Една од нејзините две сестри живее во Фиренца, па затоа и Линдзи го сака тој град и фудбалскиот тим од Фиренца. Во слободно време Вон сака да игра фудбал, па затоа ги следи и случувањата во најпопуларниот спорт.

„Многу ја сакам италијанската храна. Мојата сестра живее во Фиренца и благодарение на неа и нејзиното момче, и јас навивам за Фиорентина. Често гледам фудбал на телевизија. По моето завршување на скијачката кариера, би сакала да дојдам во Италија на подолго време и подобро да ја запознаам земјата. Ја сакам Италија“, рече Вон во интервју за неделникот „Фуориџоко“ и додаде дека ако не била скијачка, ќе била тенисерка.