16.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9906

Панатинаикос ја сопре серијата на Барселона

Панатинаикос беше подобар од Барселона во текот на целиот меч, победи со 76:70 во дербито од осмото коло во Евролигата и ја сопре серијата на гостите од пет победи по ред.

Дешон Томас со 14 поени беше најефикасен во тврдиот меч со малку поени, а со него само уште Стефан Лазме со 11 поени имаше двоцифрен учинок.

Барселона успеа да ја добие само третата четвртина на мечот со 25:21, што не беше доволно за шести триумф по ред во Евролигата.

Кајл Курич со 17 поени беше најефикасен кај Барселона и на мечот, а два поени помалку за Каталонците постигна Кевин Серафин.

Двете екипи сега се израмнети со по 5 победи и три порази и се наоѓаат на позиции во топ 8 во Евролигата.

ЦСКА се врати на бис и го избегна првиот пораз во Евролигата

Вил Клибурн погоди две слободни фрлања на 17 секунди до крајот на продолжението, со што ѝ донесе победа на ЦСКА Москва против Жалгирис од 99:97.

Фаворитот беше пред прв пораз во Евролигата, но гостите од Литванија прокоцкаа предност од 6 поени во последните две минути од регуларниот дел и потоа загубија во драматичните дополнителни пет минути.

Во самиот финиш на регуларниот дел од мечот, Жалгирис поведе со 82:76, потоа и со 84:78 на една и пол минута до крајот, но дозволи серија на домаќините од 8:2, па мораше да се одиграат и дополнителни пет минути.

ЦСКА ја искористи шансата и ја забележа осмата победа во осмото коло од Евролигата.

Серхио Родригес ги предводеше до задржување на максималниот ефект со 24 поени, Кори Хигинс даде 23, а Килбурн ги следеше со 15 поени.

Кај Жалгирис најефикасен беше Антанас Кавалиаускас со 19 поени.

 

Николов слета директно на терен – МОЛ Види го доби дербито против Ујпешт

Бобан Николов и Кире Ристевски имаа малку време да се одморат од настапот за репрезентацијата на Македонија против Гибралтар, меч што се играше завчера доцна вечерта, а веќе денеска од 19 часот беа во составите на МОЛ Види и на Ујпешт во унгарското дерби.

Победи фаворитот МОЛ Види со 1-0, Николов играше за домаќинот од 72-рата минута, а Ристевски остана на клупата за резерви кај Ујпешт.

Голот за победа во заостанатиот меч во унгарското првенство го постигна Јухаш во 58-мата минута. Николов влезе во игра во финишот на мечот и ги одигра последните 20-тина минути.

МОЛ Види со победата се проби на третата позиција со 25 бодови, пет помалку од лидерот Ференцварош и два од Хонвед. Ујпешт со 22 бодови остана на делба на петтото место со Мезоковеш.

Една од најголемите судиски грешки е во корист на Црвена ѕвезда (Видео)

Црвена ѕвезда очекувано се пласираше во четврт-финалето на Купот на Србија откако со 4-1 го елиминираше второлигашот ТСЦ од Бачка Топола. Гостите се покажаа како солиден ривал, а посебно добар отпор даваа во првото полувреме.

Токму тогаш се случи и една од најголемите судиски грешки што може да постојат. Марко Гобељиќ сакаше да ја врати топката кон својот голман, а Огњен Дамјановиќ успеа да ја пресече и излезе сам пред голманот на Црвена ѕвезда. Сепак, кога се очекуваше реализација и изненадувачко водство на гостите од 1-0, судиите се огласија. На сигнализација од помошникот, главниот судија досуди офсајд, иако немаше никаква недозволена позиција бидејќи домашен фудбалер ја врати топката кон својот голман.

https://youtu.be/8Or904kv-4E

Многу на малку – Хрватска ја декласираше Македонија со 90:27

Хрватска очекувано ја победи Македонија во квалификацискиот меч за настап на Европското првенство, а триумфот на фаворитот е со неверојатна разлика од 63 поени, односно 90:27.

Нашите репрезентативки одиграа многу слаб меч и постигнаа само 27 поени за 40 минути, што е во сферата на невозможното.

Иако имаме млад состав, од избраничките на Марјан Лазовски се очекуваше многу повеќе, но стасавме само до 27 поени на цел меч.

Повеќе од половина од поените се дело на Анџелика Митрашиновиќ, која постигна 14, а сите останати не стигнаа до двоцифрен учинок.

Кај Хрватките, Ивана Дојкиќ беше најефикасна со 11 поени.

Очајната одбрана не носи ништо освен нов пораз на МЗТ Скопје Аеродром во АБА 2

МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш покажа дека кога игра на гостински терен, е многу послаб отколку кога игра пред своите гледачи во „Јане Сандански“. Првпат сезонава македонскиот претставник во АБА 2 прими троцифрен број поени, а со толку слаба одбрана, поразот беше неизбежен. Екипата на Рогашка славеше со 102:90 во деветтото коло од регионалното натпреварување.

Уште од самиот почеток домаќините тргнаа офанзивно, па по првите 10 минути имаа предност од 32:25. Слабата игра на МЗТ Скопје Аеродром во одбраната продолжи и во вториот квартал, па словенечкиот тим успеа на полувреме да има 64 поени и да води со 16 поени предност.

Високата предност домашните играчи успешно ја чуваа во второто полувреме, а на крајот ја надминаа и бројката од 100 поени. За Рогашка ова беше четврта победа во четвртиот меч на свој терен, а МЗТ трет пат загуби на четврото гостување.

Иве Иванов со 30 поени беше најефикасен кај МЗТ, а во офанзивните задачи солидни беа и Медфорд со 19 поени, Вудард и Бојиќ со по 12 и Симоновски со 11 поени. За Аеродромци ова е трет пораз, но и покрај неуспехот, останаа на второто место во оваа конкуренција на АБА 2 лигата.

 

Нестор-гол рамо до рамо со Кејн, резерви се во составот на дрим-тимот на Лигата на нациите

Илија Несторовски има место во изборот на дрим-тимот во Лигата на нациите во последните две кола, а нашиот шпиц е меѓу резервите во изборот на „So Foot“.

Три голови на два меча се доволен аргумент за место меѓу резервите во целиот состав на дрим-тимот во последните две кола во Лигата на нациите е коментарот на новинарите на „So Foot“.

Тие одбраа идеален тим од 11 играчи и плус пет резерви, меѓу кои е и нашиот Нестор-гол.

Несторовски постигна два гола против Гибралтар во последното коло од фазата по групи во Сегментот Д, а претходно ја затресе и мрежата на Лихтенштајн и има три гола за три дена за македонската репрезентација.

Со него како резерви се одбрани и Хари Кејн од Англија, францускиот голман Уго Љорис, стоперот на Холандија Ван Дајк и репрезентативецот на Косово Авдијај.

 

 

Кош со глава – Мики не виде дека погоди (Видео)

Требаше да биде ефектна асистенција, а испадна уште поефектен момент и кош на Мики Џордан, кошаркарот на Химки. Тој воопшто и не виде дека постигна поени на мечот со Будуќност, иако изгледа многу атрактивно.

Стефан Марковиќ се обиде да го проигра својот соиграч под кошот, но Џордан воопшто не ја разбра идеата на српскиот кошаркар во Химки и случајно го погоди топката в глава и заврши во кошот.

Погледнете го случајниот, но мошне интересен кош со глава на Мики Џордан.

Репрезентативецот Кузмановски го имаше последниот збор – 24:24 во битолското дерби

Филип Кузмановски со гол во последните секунди го спаси Еурофарм Работник од пораз во дербито со битолскиот ривал Пелистер.

По многу возбудувања, мечот заврши нерешено, 24:24. Стефан Дрогришки во финишот постигна три гола во серија за Пелистер, екипата која игра како преродена откако кормилото го презеде Јошко Петковиќ. И кога беа на прагот на победа, „зелено-белите“ ги испуштија трите бодови, а Кузмановски ги казни со израмнувачки гол.

По првиот дел, Еурофарм, кој вечерва ја имаше улогата на гостин, имаше предност од 10:9, а Пелистер имаше предност од еден гол во самиот финиш, но не успеа да победи.

Еурофарм ја прекина серијата од девет победи и ова е прво реми, но сепак го задржа првото место во Суперлигата со 28 бодови. Пелистер има 19 бодови на петтата позиција.

Се готви интересен трансфер: Марадона ќе го доведе Болт во својот тим

Најбрзиот човек на светот Јусејн Болт најверојатно ќе ја продолжи фудбалската кариера. Болт неколку месеци играше во Австралија, но откако не се договори за висината на платата која треба да ја добива, си замина. Повеќе клубови посакаа Болт да го доведат во своите редови, но тој ги одби и најави дека доколку не добие соодветна понуда до крајот на месецов, ќе стави крај на кариерата која неодамна ја започна.

Според најавите, Болт може да се пресели во Мексико, и тоа во второлигашот Дорадос. Главна причина поради која би заиграл за Дорадос е тоа што на чело на овој тим е легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона. Токму Марадона ќе направи напор во екипата да доведе уште една спортска легенда.