16.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9909

Ќе ни пристигне опасна Легија на странци – Косово игра со 11 интернационалци во составот

Косово е во подем, игра одличен фудбал, а вечерва против Азербејџан, кого го растури со 4-0, играше со 11 интернационалци во првиот состав.

Македонија мора да внимава иако е фаворит во полуфиналниот меч во март 2020 година, веројатно во Скопје.

На гости ќе ни дојде вистинска Легија на странци, а Косово има играчи кои настапуваат во познати клубови.

Меѓу нив најпознато име е Валон Бериша, кој имаше можност да игра за Австрија, но го одбра Косово. Беше член на Салцбург и играше одлично за австрискиот првак во ланското издание на Лигата на Европа, кога тимот играше полуфинале и за влакно не успеа да се пласира и во финалето.

По добрите игри во Салцбург, Лацио успеа да ја добие трката за ангажман на Бериша, кој сега е член на калчолигашот од Рим.

Тука се и Аријанет Муриќ, кој е голман на Манчестер сити, потоа и тројниот стрелец против Азербејџан, Зејнели од Херенвен, тандемот од Цирих, Круезиу и Колољи, Рашица од Вердер Бремен и уште неколку искусни и добри фудбалери од познати клубови.

И за сè да биде во знакот на „странците“, селектор на Косово е Швајцарецот Бернард Шаландес.

Шведска ја победи Русија и ќе игра во Сегментот А, Србија и Шкотска се промовираа во повисок ранг во Лигата на нациите

Шведска продолжи со одлични игри и во Лигата на нациите по успешниот настап на Мундијалот и со победата против Русија. Вечерва во Стокхолм со 2-0 се пласира во Сегментот А и ќе игра полуфинале за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Линделоф и Берг со по еден погодок ги разрешија сите дилеми, а Шведска за влакно ја претрка Русија. При израмнет скор со по 7 бодови, Швеѓаните имаат подобар меѓусебен биланс со победа и реми против Русија и се патници во највисокиот ранг на натпревари во Лигата на нациите.

И ќе играат и полуфинале заедно со БиХ, Украина и Данска за пласман на ЕП 2020 година.

Во повисок ранг, однонсо во Сегментот Б ќе играат и Србија, по победата против Литванија вечерва во Белград со 4-1, и Шкотска, по триумфот со 3-2 над Израел.

Во полуфиналето за настап на ЕП 2020 година на овие две селекции ќе им се приклучат и Норвешка и Финска.

Во меч без резултатско значење, Португалија и Полска ремизираа 1-1, а Португалците се полуфиналисти и им се приклучија на Англичаните, на Холанѓаните и на Швајцарците во полуфиналето и во битката за првиот трофеј во Лигата на нациите.

 

Македонија домаќин на ЕП за јуниорки

Македонската кошаркарска федерација повторно ја доби довербата на ФИБА за организација на Европско првенство Дивизија Б во младинските категории. Идната година во Скопје ќе се игра ЕП од дивизија Б за кошаркарки до 18 години.

На Централниот борд на ФИБА во Вилнус, нашата Федерација ја доби довербата, а летото 2019 ќе имаме претставници во селекциите до 16 години (машки и женски), до 18 години (машки и женски), како и машката младинска селекција до 20 години за учество на Европските првенства во соодветните дивизии.

И покрај зголемените критериуми во последните неколку години, МКФ редовно е организатор на шампионати, веќе има повеќегодишно искуство и затоа од 5-ти до 14-ти јули следната година ќе биде домаќин на повеќе од 20 репрезентации од Европа.

Дали против Косово ќе играме во Скопје или во Струмица?

Македонската фудбалска репрезентација против соседот Косово ќе игра во полуфиналето од Лигата на нациите во обид да стигне до завршницата на Европското првенство во 2020 година. Иако има уште една и пол година до овој меч, кој е на програмата во март 2020 година, уште од сега е јасно дека Фудбалската федерација на Македонија ќе биде на големи маки каде да се игра.

Кога се работи за дуел кој е најважен во фудбалската историја, многу логично е тоа да биде спектакл на најголемиот стадион „Филип Втори“ во Скопје. Сепак, фактот дека Косово е ривалот, може да направи промени во распоредот, па тој меч да се одигра во Струмица.

Последните два меча против Албанија ги игравме во Струмица и немаше никакви проблеми. Сепак, на „Младост“ во Струмица пред една година имаше само 3.500 гледачи во ремито 1-1 на Македонија и Албанија. Доколку се игра во Скопје, може да има и 10 пати повеќе гледачи, но тоа ќе значи дека и гостинскиот тим ќе има можност за многу повеќе свои симпатизери, кои поради близината на двете земји, дефинитивно ќе сакаат да дојдат и да ја бодрат својата репрезентација.

Македонија дури и да сака да игра во Струмица, ќе мора да коригира некои недостатоци на тој терен, бидејќи на последната контрола УЕФА имаше забелешки. До дуелот Македонија – Косово има уште многу време, доволно за ФФМ да направи одлична организација и нашите момци да имаат голема поддршка во обид да стигнат до ЕП 2020.

Ќе има спектакл – Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нациите

Ќе има спектакл со многу емоции и интензитет во полуфиналето во Сегментот Д од Лигата на нациите, а противник на Македонија ќе биде Косово.

Предност за Македонија е што се игра еден меч во март 2020 година и ќе бидеме домаќини, најверојатно во Скопје, на националната арена „Филип Втори“.

Косово вечерва го декласира Азербејџан со 4-0 во Приштина и го освои првото место во третата група од Сегментот Д. Успеа да ја претрка Белорусија и таа е треторангираниот победник во четирите групи, па ќе ѝ гостува на Македонија, која е подобра од нив по фазата по групи и го има бројот два, зад Грузијците.

Во второто полуфинале Грузија ќе ѝ биде домаќин на Белорусија, што доведе до интересен развој на настаните и две полуфиналиња меѓу селекции од поранешна Југославија и од екс СССР.

Победниците од полуфиналните дуели во Скопје и во Тбилиси ќе играат меѓусебе во финале, на неутрален терен, за победа која гарантира пласман на Европското првенство во 2020 година.

Сериозен удар за ПСЖ – Во ист ден се повредија Нејмар и Мбапе

Сериозен удар за амбициите на Пари Сен Жермен се повредите на двајцата офанзивци Нејмар и Килијан Мбапе во ист ден, вечерва, на пријателските дуели на нивните репрезентации.

Нејмар се повреди во осмата минута и веднаш беше заменет во селекцијата на Бразил со Ришарлисон. Кариоките играат со Камерун пријателски меч, а нивниот ас ги повреди препоните.

Мбапе имаше проблем со рамото и беше заменет во 36-тата минута на пријателскиот дуел меѓу Франција и Уругвај, а најголем проблем сега има ПСЖ.

 

Џеј Ар Смит во свој стил: Изгледа не ни е целта да победуваме

Контроверзниот кошаркар на Кливленд кавалирс, Џеј Ар Смит во свој стил ги разбранува страстите во НБА-лигата со изјава дека целта на неговиот тим по сè изгледа е да не се победува.

Смит го коментираше катастрофалниот ефект на Кливленд од 2-13 на почетокот на сезоната во НБА-лигата, а од клубот најавуваат дека ќе биде „трејдуван“.

„Нема што да се каже за скор од 2-13 во НБА. Изгледа целта не ни е да победуваме“ е изјавата на контроверзниот бек на Кавалирс.

Извори од НБА најавија дека тој сигурно ќе биде разменет во друг клуб и дека за него нема иднина во Кливленд.

Смит е познат по неспортскиот живот и неколкупати беше казнуван додека беше кошаркар на Њујорк никс, но тој продолжи во свој стил.

Стотката на Фенер свети во Истанбул

Фенербахче го декласира ривалот од Турција, Дарушафака, со 100:79 и остана во битка за врвот во Евролигата.

Домаќините беа убедливи и лесно победија, а триумфот го најавија веднаш на почетокот на мечот. Поведоа со 25:10 по првите 10 минути и до крајот успеваа да ја задржат предноста и да ја зголемат на плус 21.

Махматоглу со 16 поени беше најефикасен кај Фенербахче, а го следеше Али Мухамед со 15.

Кај Дарушафака, која сега го дели последното место со Макаби, со по една победа и 7 порази се истакнаа Мајк Ерик со 17 и Реј Мекалум со 16 поени. Сите останати имаа помалку од 10 поени, што е една од причинита за тешкиот пораз.

Еден, ама вреден – Грбиќ со еврогол ги однесе австриските таленти на ЕП

Адријан Грбиќ постигна прекрасен гол од слободен удар за нова победа на авастриските младинци, кои повторно беа подоби од врсниците од Грција и ќе патуваат на ЕП следната година.

Грбиќ мајсторски го погоди долниот агол на грчкиот гол во 51-вата минута, а интересно е што Австријците не примија гол на двата дуели, односно 180 минути во бараж-двомечот.

На првиот меч во Грција беше идентично, 1-0 за Австрија, селекција која беше во нашата квалификациска група и ќе игра на ЕП во 2019 година во Италија и Сан Марино.

https://twitter.com/oefb1904/status/1064960599258525696

Гордоста на Израел потона во Евролигата

Анадолу Ефес лесно го совлада Макаби Тел Авив со 90:77 во меч од осмото коло во Евролигата и го закова на дното гигантот со европски титули.

Гордоста на Израел, како што го нарекуваат Макаби, сезонава игра лошо во елитното натпреварување и има само една победа на 8 меча.

И вечерва кошаркарите од Тел Авив не беа на потребното ниво, ги изгубија сите четири четвртини и на крајот со двоцифрена разлика се поразени од турскиот претставник.

Данстон и Плеис со по 14 поени го предводеа Ефес до сигурна победа и до четвртото место во конкуренција на 16 екипи. Турците сега имаат 6 победи и само два порази.

Кај Макаби, Џони О`Брајант се издвои од сивилото во тимот и со 19 поени беше најефикасен на мечот.