10.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9916

Нереално е дека сето ова може да се утне за 5 секунди (Видео)

Тумело Хутланг е напаѓач на репрезентацијата на Лесото за кого веројатно никогаш немаше да слушнеме ако не се истакнеше со промашувањата на синоќешниот дуел против Танзанија. Играчот кој е задолжен да постигнува голови за Лесото, во еден напад успеа три пати да не погоди и да не постигне погодок од ситуација од која е потешко да се утне.

https://www.youtube.com/watch?v=c5VKeNs7OAQ

За среќа на Хутланг, Лесото во второто полувреме даде гол и победи минимално со 1-0.

Џејмс „експлодира“ во Мајами и постави нови рекорди во НБА

Леброн Џејмс имаше спектакуларно враќање кај својот поранешен клуб во Мајами. На првото гостување како играч на Лос Анџелес лејкерс, Кралот немаше милост и даде 51 поен, во убедливата победа од 113:97. Ова е 12-ти пат во кариерата Леброн да има барем 50 поени на еден меч, а е само петти играч кому тоа му успеало со три различни клуба. Џејмс даваше над 50 поени и како играч на Кливленд, но и во дресот на последниот ривал, Мајами хит. Претходно тоа им успеало само уште на Џемајл Крафорд, Бернард Кинг, Мозес Мелоун и Вилт Чемберлејн.

Како кошаркар кој 16-та сезона е во НБА-лигата, тој е третиот кому му успеало и по повеќе од една и пол деценија играње да спои две средби на кои ќе има 40+ поени. Само Коби Брајант и Карим Абдул-Џабар претходно успевале  да го направат тоа.

https://youtu.be/eh8WqbbvnqY

Шампионот Голден стејт не е ист кога на теренот го нема Стеф Кари. Без лидерот во екипата, Голден стејт влезе во серија порази. „Воините“ кои беа далеку и од постигнување 100 поени, овојпат беа поразени од Сан Антонио, што е нивен трет неуспех во низа.

Резултати: Минесота – Мемфис 87:100, Мајами – Лос Анџелес лејкерс 97:113, Орландо – Њујорк 131:117, Вашингтон – Портланд 109:119, Сан Антонио – Голден стејт 104:92.

 

Ѓаволска петарда во Луцерн – Швајцарија ја декласира Белгија со 5:2 (Видео)

Харис Сеферовиќ постигна хет-трик во ѕвездената ноќ на швајцарската репрезентација во Луцерн, а настрада фаворизираната Белгија.

Во меч на одлука за победник во групата во А сегментот, Швајцарците ги декласираа „црвените ѓаволи“ со 5:2 и се пласираа во полуфиналето.

Подвигот е фантастичен, ако се има в предвид дека Белгијците водеа со 2:0, со головите на Торген Азар, а потоа почна да меле швајцарската машинерија.

Со головите на Родригез од пенал и два на Сеферовиќ домаќините приредија пресврт уште до полувремето и поведоа со 3:2. За првото место во групата им требаше победа од два голови разлика, а избраниците на Владимир Петковиќ продолжија ефикасно и во продолжението.

Елведи погоди за 4:2, а потоа Сеферовиќ по третпат се запиша во листата на стрелците за феноменален подвиг и победа од 5:2 на Швајцарија.

Швајцарија, Англија и Португалија се сигурни полуфиналисти во А сегментот, а се чека разврската во првата група. таму лидер е Франција со 7 бодови, но светските прваци не се сигурни победници во групата. Исходот зависи од утрешниот меч меѓу Германија и Холандија.

Германците ќе играат ревијален меч, бидејќи се сигурно последни и ќе испаднат од А дивизијата, а Холандија со реми, или победа ќе ја прескокнат Франција и ќе играат полуфинале во битката за првиот трофеј во премиерното издание во Лигата на Нации.

https://www.youtube.com/watch?v=mkiAzbQwMgE

Зверев до Ѓоковиќ: Фала ти што ми попушти да те победам

Александер Зверев направи вистинска сензација откако во финалето на последниот Мастерс во годината го победи Новак Ѓоковиќ. Во дуелот за титулата, германскиот тенисер славеше со 2:0 во сетови, иако неколку дена претходно, Ѓоковиќ лесно го победи Зверев во групната фаза.

За Зверев ова беше јубилејна 10-та титула во кариерата, но секако најзначајна. По победата над Србинот, Зверев едноставно му заблагодари на Србинот што му дозволил да го победи.

„Новак, имаше сјајна година и на човек му беше милина да те гледа. Во вториот дел од сезоната речиси и да не загуби сет. Затоа сакам да ти се заблагодарам што ми дозволи да те победам. Сите знаат каква добра личност си и одличен тенисер. Ти благодарам за сета помош која ми ја имаш дадено“, рече Зверев по освојување на трофејот.

Во финалето, Зверев победи со 6:4 и 6:3, додека неколку дена претходно Ѓоковиќ во групната фаза го победи Германецот со 6:4 и 6:1.

Историја во Висла – Климов е прв руски ски-скокач со победа во Светскиот куп

Рускиот ски-скокач Евгениј Климов леташе најдолго и најефектно во Висла, на премиерата од новата сезона во Светскиот куп и се запиша во историјата.

Со скокови од 127,5 метри во првата и од 131,5 метар во втората серија Климов беше најуспешен и стана првиот руски ски-скокач со победа во Светскиот куп.

Второто место му припадна на германскиот претставник Стефан Леје, а место на подимумот имаше и за Јапонецот Роју Кобајаши.

Вториот натпревар во новата сезона ќе се одржи во финскиот ски-центар Рука.

Супер серија на Пролет – Победа против Охрид за шест по ред

Пролет е хит во македонската ракометна Суперлига и ја забележа шестата победа по ред, вечерва со триумф од 25:23 против Охрид.

Скопјани беа помирни и концентрирани во финишот на мечот, направија серија од 3:0 во последните минути и од негатива од 22:23, стасаа до победа со два гола разлика.

Охрид се обиде да стаса до подвиг, но не успеа, а домаќините беа хендикепирани и играа без казнетите Димитриевски и Георгиевски, кои беа исклучени поради учество во тепачката на претходниот меч со Пелистер.

По 10 одиграни натпревари двете екипи се израмнети на третата позиција со по 21 бод, зад лидерот Еурофарм Работник со 27 бодови и Бутел со 24.

Круната во Лондон е за најмладиот – Зверев го декласира Ѓоковиќ во финалето

Александер Зверев ја освои тениската круна во Лондон, на завршниот турнир во сезоната и по триумфот од 6:4, 6:3 против Новак Ѓоковиќ стана најмладиот освојувач на Мастерсот со кој завршува годината.

Зверев пред само 4 дена на истиот турнир, во фазата по групи загуби со 4:6, 1:6 од Новак, но сега на сензационален начин му се реваншираше во многу поважниот меч во Лондон, во битка за титулата.

Зверев беше супериорен во финалето и стана најмладиот освојувач на титулата на завршнито мастерс турнир со 21 година. И што е најинтересно и тука му го одзеде ореолот на Ѓоковиќ, кој досега беше најмладиот победник во Лондон.

Титулата на Зверев има и дополнително значење, бидејќи на турнирот во полуфиналето и финалето ги победи двајцата топ-носители и големи тениски асови, Федерер и Ѓоковиќ. И тоа го стори во два сета, по што залсужено му се радува на големиот успех.

Сан Марино не си го оствари сонот, не даде ниту еден гол во Лигата на Нации

Сан Марино не си го оствари сонот, да постигне барем еден гол во премиерното издание на Лигата на Нации и ги заврши натпреварите со катастрофална гол-разлика од 0:16 и без освоен бод.

Последната шанса им беше вечерва против победникот во групата Белорусија, но не успеаја. Избраниците на италијанскиот стратег Франко Варела, кој им е селектор ниту еднаш на шест мечеви не успеаја да го најдат патот до мрежата на противниците во втората група од Д сегментот.

Најблиску до гол и еден бод беа пред три дена на дуелот со Молдавија на домашен терен, но загубија со 0:1 и останаа без голови и без бодови.

Белорусија е се поблиску до Скопје и полуфинале против Македонија

Станислав Драгун и Антон Сарока со по еден погодок ги разрешија сите дилеми за Белорусија, репрезентација која со победата против Сан Марино вечерва од 2:0 е многу блиску до меч со Македонија во полуфиналето од Д сегментот во Лигата на Нации.

Гостите беа фаворити и лесно ја оправдаа улогата, а по се изгледа повторно ќе бидат гости, во Скопје во полуфиналето на патото кон Европското првенство во 2020 година.

За тоа треба да се исполнат два услови. Грузија да го победи Казахстан, утре во Тбилиси и Македонија да го победи Гибралтар исто така утре во Скопје.

Во тој случај во нокаут меч во полуфиналето од С сегментот ќе играме против Белорусите на домашен терен, а Грузија ќе му биде домаќин на Косово, или на Азербејџан.

Полуфиналињата во сите сегменти во Лигата на Нации ќе се играат по завршувањето на редовните квалификации за ЕП 2020 година.

Кога ќе згрми Пајдушко оро на НБА меч (Видео)

Едно од најпопуларните македонски ора, Пајдушко оро се заигра за време на полувремето од НБА мечот меѓу Вашингтон и Кливленд пред неколку дена. Турскиот ансамбл „Карделен“ се претстави со ова оро во „Капитал“ арената во Вашингтон.

Ова оро беше изведено во чест на единствениот роден Македонец кој игра во НБА лигата, Џеди Осман. Играчот на Кливленд е роден во Охрид, но има турско потекло. Тој како млад замина во Истанбул, каде го покажа целиот свој талент во дресот на Анадолу Ефес, па од таму направи трансфер во НБА лигата, во дресот на Кливленд.