10.8 C
Skopje
среда, 19 ноември 2025
Дома Blog Страница 9942

Тунис грми, Есперанс е нов шампион на Африка

Тунис го слави новиот африкански шампион, а играчите на Есперанс со херојски подвиг ја освоија шампионската круна.

Иако имаа негатива од 1:3 по првиот меч во Каиро, против Ал Ахли, на домашен терен фудбалерите на Есперанс ја анулираа предноста на противникот и со победа од 3:0 го освоија пехарот.

За нив ова е трета круна во Лигата на шампионите во Африка, а претходно беа на тронот во 1994 и во 2011 година.

Саад Бгуир беше јунакот на реваншот во Тунис и со два гола го предводеше својот тим до подвиг. Анис Бадри беше стрелец на третиот гол за печат на подвигот и новиот пехар во витрините на Есперанс.

Марсел Кајзер промовиран во нов тренер на Спортинг Лисабон

Очекувано, како што и најавија португалските медиуми, Марсел Кајзер е нов тренер на Спортинг, со потпис на договорот до јуни 2021 година.

Холанѓанецот ќе му биде тренер на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, а пред да биде именуван за нов стратег на популарните „Лавови од Лисабон“ најзначаен дострел му беше тренерската позиција во Ајакс.

Во 2017 година кусо беше на кормилото на холандскиот гигант, па се пресели во Обединетите Арапски Емирати во Ал Џазира, од каде пристигна во Лисабон.

Кајзер ќе го замени Жозе Пешеиро, кој доби отказ по неколку неуспеси на Спортинг.

Ембид броеше до 41, Филаделфија гази без пораз дома

Центарот на Филаделфија, Џоел Ембид одигра фантастичен меч против Шарлот хорнетс и со 41 поен и 18 скока ја предводеше својата екипа до триумф од 133:132.

Ембид ја погоди клучната тројка во регуларниот дел, за израмнување на 119:119, а продолжи во ист стил и во дополнителното време за седма победа на Фили на свој терен. Популарните 76-ки имаат перфектен скор на домашен терен од 7-0.

Драма имаше и во Денвер, а домашните Нагетс загубија во фото-финиш од Бруклин нетс. Карис Леверт погоди за победа на гостите на 3 стотинки до крајот на мечот. Бруклин славеше со 112:110 со што му ја подрасипаа одличната претстава на Никола Јокиќ.

Центарот на Денвер постигна 37 поени, комбинирани со 21 скок.

Резултати: Орландо – Вашингтон 118:107, Филаделфија – Шарлот 133:132 (по продолженија), Атланта – Детроит 109:124, Мајами – Индијана 102:110, Денвер – Бруклин 110:112, Јута – Бостон 123:115, Сакраменто – Минесота 121:110.

Пеколни 10 минути на Реал Сосиедад го урнаа Леванте

Реал Сосиедад ја сопре серијата на Леванте без пораз на шест меча во сите конкуренции и со пеколни 10 минути славеа со 3:1.

Енис Барди и соиграчите се радуваа на предност од 1:0 во четвртата минута, а повторно Чема Родригес постигна прекрасен гол. Со удар од далечина ја затресе мрежата на Моја, а и лани беше стрелец на феноменален гол против истиот клуб, еден од најубавите во Ла Лига.

Предноста на Леванте траеше до 73. минута кога израмни Ернандес, а потоа следеа уште два прецизни удари на Хуанми и на Ојарзабал во период од 360 секунди за победа на гостите од 3:1.

Барди го одигра целиот меч и доби и жолт картон, но неговиот тим не успеа да стаса до серија од 7 меча без пораз.

Фросиноне се разигра, четврти меч е без пораз

Со голот на Андреа Пјанамонти во самиот финиш на мечот Фросиноне освои еден бод со реми 1:1 против Фиорентина.

Новиот калчолигаш успеа да се извлече и има серија од 4 меча без пораз. Фиорентина водеше со голот на Бенаси во 47. минута, но не издржа докрај и не успеа да ја прекине серијата од пет меча без победа.

Вечерва во Бундеслигата Хановер со головите на Маина и на Бебу го победи Волфсбург со 2:1.

Почесниот гол за гостите го постигна Вегхорст во финишот на мечот од пенал.

Грчкото дерби е за Панатинаикос

Панатинакиос убедливо го победи вечниот ривал Олимпијакос со 93:80, иако на полувремето имаше негатива од 7 поени разлика.

Во продолжението се разигра Лукас Левакичиус и со 17 поени го предводеше Пао до победа. Ник Калатаес забележа 14 поени со 7 асистенции и 6 скокови, а кај гостите Принтезис беше убедливо најефикасен со 26 поени.

Панатинаикос сега има 4 победи и два порази во Евролигата, а Олимпјакос е со израмнет биланс од три победи и порази.

Конечно добри вести и за Гатузо, Игуаин ќе игра против Јувентус

Гонзало Игуаин почна да тренира и веројатно ќе игра против својот поранешен тим, Јувентус, на големото дерби во Серија А.

Напаѓачот на миланезите се повреди минатиот викенд во Удине, на дуелот со Удинезе и не играше против Бетис во Европа Лигата.

Сега е подготвен за големото дерби, во недела од 21 часот на „Сан Сиро“.

Игуаин е на позајмица од Јувентус во Милан и за првпат во недела ќе игра против својот се уште актуелен тим.

 

Будуќност нема иднина во Евролигата, шест порази во шест натпревари

Будуќност го претрпе и шестиот пораз во Евролигата, а вечерва во Подгорица Жалгирис ги освои бодовите.

Третата четвртина го одлучи мечот од шестото коло, а го добија гостите од Литванија со 24:15, па потоа умешно ја одржуваа предноста за конечен триумф од 72:60. За нив ова е трета победа, а Будуќност е со катастрофален биланс од 0-6.

За екипата што ја предводи поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ само Ален Омиќ постигна двоцифрен број на поени, 16, што беше премалку за прва победа во Евролигата.

Кај Жалгирис, Брендон Дејвис доминираше со 20 поени, а Кавалиаускас постигна 12 поени.

Барселона реди само победи во Евролигата

Барселона е во топ-форма и вечерва потврди дека има големи амбиции во Евролигата со победа против Химки на гости со 87:80.

Рускиот состав ја доби само првата четвртина со 23:19, а потоа се беше во знакот на гостите од Шпанија.

Се разиграа Томас Хертел, кој беше најефикасен кај Барселона со 18 поени, му се приклучија и Анте Томиќ и Крис Синглтон со 16 поени, доволно за нов триумф на Каталонците.

Кај Химки вообичаено Алексеј Швед беше убедливо најефикасен со 27 поени, а покрај него единствен со двоцифрен број на поени беше и Тони Крукер со 17 поени.

Барди е најдобар изведувач на слободни удари во Европа!

Според направената статистика од август 2015 година до денеска, македонскиот репрезентативец Енис Барди е најдобар изведувач на слободни удари во Топ 5 лигите во Европа. Барди кој ја игра втората сезона во шпанскиот Леванте има 24 отсто успешност на реализација од слободни удари. Македонскиот репрезентативец стана страв и трепет за противничките голмани кога има прекршок во близина на шеснаесетникот. Од 25 изведени слободни удари, Барди успеал да даде шест погодоци.

На второто место е Антоан Гризман од Атлетико Мадрид. Францускиот голгетер има погодено 22 отсто од упатените шута од слободен удар. Пауло Дибала е од Јувентус е на третото место со 20% реализација, а потоа следат Филип Кутињо од Барселона со 19 отсто успешност и Марвин Платенхард од Херта со 14 отсто погодени слободни удари.

На шестото место е Фехир од Лион (14%), колку што има и Миралем Пјаниќ. За Нејмар е загарантирано деветото место со 11 отсто реализација, а Симоне Верди од Наполи со истиот процент на погодени слободни удари ја затвора листата на најдобри 10 изведувачи на слободни удари во Европа.

На листата немаше место за Лионел Меси, кој во овие три и пол години има изведено 134 слободни удари, а процентот на реализација му е 9,7 отсто.