Пандев е марка во Италија, Македонците стрелаат за 27-мо место во Серија А

Горан Пандев е марка во Италија и благодарение најмногу на популарниот Ил Мачедоно, Македонија се наоѓа на 27-мата позиција според бројот на постигнати голови во Серија А.

Самиот Пандев има дури 85 погодоци во Калчото, со настапи за Интер, Лацио, Наполи и Џенова, а по него следуваат Илија Несторовски со 11 гола во една сезона што ја мина во најсилната лига на Италија, потоа и Александар Трајковски со пет погодоци, Дарко Панчев со 3, Агим Ибраими со два…..

Интересно е што „Трансфермаркт“, кој ја направи ранг-листата, се водел по земјата во која се родени играчите, па Македонија доби помош и од швајцарскиот репрезентативец Блерим Џемаили, кој е роден во Тетово. Тој има постигнато 31 погодок при настапите за Парма, Наполи, Џенова и Болоња.

Македонските стрелци имаат постигнато вкупно 152 гола во Калчото, доволно за 27-ма позиција во конкуренција на 93 земји кои имаат барем еден играч што ја тресел мрежата на италијанските прволигашки терени.

Убедливо на врвот се Аргентинците со 4.039 погодоци, а ги предводи Габриел Батистута со 183 прецизни удари. Гаучосите имаат дури 202 фудбалери што биле стрелци во Серија А и само Бразил има повеќе играчи што погодувале, точно 206, но вкупно со помал број постигнати голови, точно 2 803.

На третото место е Шведска со 1 328 гола, и тоа благодарение на најефикасниот странец во историјата на Калчото, Гунар Нордал. Легендата на Милан родум од Хорнефорс, Шведска, има постигнато 224 гола, од нив 210 за Милан и 14 за Рома во периодот од 1949 до 1958 година.

Во топ 10 се и Франција, Шпанија, Уругвај, Данска, Германија, Хрватска и Холандија, а Србија е на 11-тото место. Зад Македонија се силни фудбалски нации од калибарот на Турција, Русија, Грција, Украина, Словачка, Нигерија, Мароко, Алжир, Бугарија, Тунис, Египет и уште 55 земји.

- Оглас -

Најнови вести