Пандев: Мацари е вистинскиот човек за тренер на Наполи

Македонската фудбалска легенда Горан Пандев одлично го познава Валтер Мацари и смета дека Наполи направил одличен избор со неговото враќање на клупата.

Мацари му беше тренер на Пандев во Наполи пред малку повеќе од една деценија и Пандев ги знае квалитетите на овој стручњак.

„Искрено, никој не очекуваше дека ќе го изберат Мацари, се слушнав со него пред извесно време, во мислите му беше да стане селектор, но не може да го одбие Наполи, среќен сум што го ангажираа. Мислам дека тој е вистинскиот човек за Наполи. Добро го познава клубот и се надевам дека ќе има добри резултати. Одвај чекам да видам како ќе му оди, Нам ни беше забавно со него, игравме со срце, а се сеќавам и дека плачеше од среќа кога го освоивме купот на Италија“, вели Пандев.

Пандев раскажа и други детали за Мацари.

„Тој е суеверен. Преферира одбрана со тројца, но добрите тренери се адаптираат на играчите коишто ги имаат. Мислам дека ќе се обиде со одбрана со четворица. Темпераментен е, но има големо искуство, посмирен е сега, ова му е шанса“, додава Пандев.

Италијанските медиуми најавуваат дека Наполи ќе игра 4-3-3, како со Лучано Спалети, а Елиф Елмас најчесто би требало да биде резерва, во средниот ред предност им се даваат на Ангиса, Лоботка и Зјелински.

- Оглас -

Најнови вести