Пандев од клупа го проследи ремито на Џенова, прв триумф за Фросиноне

Екипата на Џенова ремизираше пред своја публика со 2-2 против Удинезе. Новиот предводник на Горан Пандев, Иван Јуриќ, по две кола е без победа во Серија А, а денес на два пати не успеаја да ја задржат предноста. Нашиот капитен не доби минутажа на средбата, ремито го следеше од клупата за резерви.

Ромуло донесе предност од пенал во 32-та минута за домаќините, пред Ласања да израмни на 1-1. Ромеро за помалку од 10 минути од херој стана трагичар за Џенова, прво реализираше за 2-1 во 67-та, а потоа заработи втор жолт картон и исклучување во 74-тата минута. Во меѓувреме Де Паул им ја одзеде втората предност на Џенова за конечни 2-2.

Фросиноне за прв пат сезонава во Серија А се радува на победа, а таа стигна по 10 натпревари во шампионатот. Тимот на Спал беше тимот кој настрада со убедливи 3-0, за само петти бод на Фросисоне. За значајната победа погодија Чибса (40‘), Чиано (53‘) и Пинамонти (89‘).

На третиот меч од натпреварите кои почнаа во терминот од 15 часот, Калјари им нанесе нов, осми пораз на Киево сезонава со конечни 2-1. Паволети и Кастро беа прецизни за удобна предност на домаќините, пред Киево да го постигне почесниот гол на десетина минути пред крајот на средбата.

 

- Оглас -

Најнови вести