Пандев: Успехот на Вардар да ни биде мотив за добри резултати во овие квалификации

Во пресрет на натпреварот против Полска, капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев смета дека и во овој квалификациски циклус може да се обезбедат добри резултати. Пандев исто така го посочи успехот на Вардар во Лигата на шампионите како мотив за нашата репрезентација, нивиот победнички дух да биде пренесен во соблекувалната.

„Успехот на Вардар во ракометната Лига на шампиони секако дека ни е мотив. Тоа е најголем успех на еден македонски спортски клуб, кој тешко дека некој ќе го повтори во блиска иднина. Се надевам дека можеме да го искористиме тоа, да ја пренесеме нивната самодоверба и победнички дух во нашата соблекувална и да ја оствариме целта, а тоа е да се пласираме на Европското првенство 2020 година. Како репрезентација сме зрели, според мене, ова е најдобра генерација со која сум играч, а натпреварите со Полска и Австрија се одлична шанса да го докажеме тој квалитет. Нашите противници секако се поискусни и поквалитетни, Полска има играчи како Левандовски, Зјелински, исклучително добри играчи, но во изминатиов период ние успеавме да воспоставиме стабилност на домашен терен, така што на ниту една селекција не ѝ е лесно кога гостува во Скопје“, истакна капитенот Пандев.

Натпреварот Македонија – Полска од третото коло во ЕП квалификациите за 2020 година започнува во 20:45 часот на Националната арена „Тоше Проески“.

- Оглас -

Најнови вести