Пандев за грчки медиум: Сите трофеи би ги сменил за настапот на Европско првенство

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, даде интервју за грчка Газета, и рече дека пласманот на Европско првенство му е најголем успех во богатата кариера.

„Никогаш не помислив дека ќе го видам мојот национален тим на големо натпреварување. Како човек, верувам во судбината на животот, а оваа судбина сакаше да се случи сево ова. Играв во многу екипи, видов многу во кариерата, но победа со националниот тим не може да се спореди со ништо, би ги дал сите трофеи кои ги имам освоено за да одам на ЕП со мојата репрезентација. Најдоброто нешто што се случи во кариерата е што после победата над Грузија, ги видов сите тие насмевки на лицата на моите сонародници. На ЕП нема што да загубиме, можеме да им направиме проблеми на сите противници“ – објаснува Пандев во интервјуто.

За триумфот над Германија во Дуизбург, Пандев вели дека уште не може да поверува дека победиле.

„Тоа беше историска ноќ во Дуизбург, да ви кажам искрено, две седмици потоа, уште не ми се верува дека тоа се случи. Германија немаше пораз цели 20 години во квалификациите за Светско првенство, а ние успеавме. Бог сакаше тоа да се случи, што можам да кажам“ – вели Пандев.

Грците ги интересираше и што мисли Пандев за нив, а струмичанецот рече дека не го интересира политика и дека прва асоцијација за Грција му се плажите и летен одмор.

На почетокот на неговата кариера, пред да се пресели во младинскиот тим на Интер, тогаш талентот Пандев имал понуда од Олимпијакос, а пред неколку години имал преговори со ПАОК, но реши да остане во Италија.

За Пандев, најдобар тренер на светот е Жозе Мурињо и него го смета за свој фудбалски татко.

„За мене тој е татко. Тој ме научи на многу работи не само за фудбалот, туку и за животот“ – вели Пандев.

Неизбежна тема во интервјуто беше и крајот на кариерата.

„Се чувствувам добро иако се приближувам до 38 години. Колку и да се обидувам да се залажам, не ми останува уште многу време. По Европското можеби ќе прекинам со активно играње, но ќе разговарам со претседателот и тренерот на Џенова, па ќе видиме“ – заклучи Пандев околу плановите за пензионирање.

- Оглас -

Најнови вести