Пандев за нас е позначаен отколку што е Модриќ за Хрватска

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игро Ангеловски, во интервјусо познатиот италијански новинар Алфредо Педула, говореше околу неговата работа во селекцијата, како ја победи Германија, но и што значи да се работи со лидер како Горан Пандев, живата легенда на италијанскиот фудбал.

„Кога го презедов кормилото, нашата репрезентација беше на 166 место на ФИФА ранг-листата. Шест години подоцна бевме 108-ми, и дури тогаш почнав да сонувам дека можеме да оствариме голем успех. Моите претходници ми оставија многу работа, па јасно беше дека ќе мора да составам нов тим. Го сменивме менталитетот во екипата со комбинирање на млади таленти со албански, турски, бугарски и српски корени. Таа разноврсност нè спои како едно големо семејство, но ни беше потребен и лидер. Враќањето на Пандев во селекцијата беше есенцијално за нас, му објаснив колку ни значи и тој имаше доверба во мене. Не сте свесни колку Горан е голем за нас, позначаен е за Македонија отколку што е Модриќ за Хрватска, не претерувам. Пандев не игра за великани како Барселона и Реал, но и тоа како поседува квалитет и искуство од светски рамки“, посочи популарниот Мрме, па се наврати на победата над Германија:

„Пандев кон крајот на првото полувреме и Елмас во финишот од средбата. Тие голови, тие моменти никогаш нема да ги заборавам. Знаевме дека ќе беше залудно доколку само се браниме, немаше да извлечеме ништо од тоа доколку загубевме со 1-0. Головите ги постигнавме од игра, за вториот имавме дури пет играчи во противничкиот шестнаесетник, а тоа ми носи огромно задоволство. Било која друга репрезентација ќе се задоволеше со реми против Панцерите, но ние верувавме во нас, во тоа дека можеме да направиме чудо. Победничкиот гол на Елмас беше одраз на нашата храброст“, изјави Ангеловски.

По тоа „чудо“ во Дуисбург, дел од фудбалската јавност ја стави Македонија како втор фаворит зад Холандија во групата Ц, каде што на престојното Европско првенство на кое првпат ќе настапиме во нашата историја, противници на Рисовите ќе бидат уште Австрија и Украина.

„Звучи како шега, но сега нè сметаат за втори фаворити зад Холандија. Ние да сме пред Австрија и Украина, звучи неверојатно, меѓутоа нема да дозволиме такви претпоставки да ни влијаат. Знам како треба да се претставиме на големата сцена, со верба и наметнување наша игра“, вели селекторот.

- Оглас -

Најнови вести