Младата ѕвезда на Барселона, Педри, сè уште има проблеми со повредата на бутниот мускул на ногата и според последните информации на шпанските медиуми, тој ќе го пропушти Суперкупот на Шпанија кој на средината од јануари ќе се игра во Ријад, Саудиска Арабија.
Иако првичните најави беа дека фудбалерот ќе биде подготвен за настап веднаш по Новата година, лекарскиот тим на Барселона одлучи да не ризикува и не дозволува Педри да игра фудбал сè до почетокот на февруари.
Доколку го пропушти Суперкупот на Шпанија и потенцијалното финале со Реал Мадрид, тоа ќе му биде петто Ел класико по ред на кое нема да игра.
Последен пат Педри играше во Ел Класико токму во Суперкупот на Шпанија на почетокот од годинава.
Оттогаш ги пропушти двата дуели во Ла Лига и двата во шпанскиот Кралски куп.
Шпанските медиуми пишуваат дека поради ова Педри станува новиот Еден Азар. Најскапото засилување во историјата на Реал Мадрид, Еден Азар четири години помина на „Сантијаго Бернабеу“, но не настапи на ниту едно Ел Класико.
Во полуфиналето на Суперкупот на Шпанија кој ќе се игра од 10 до 14 јануари во Ријад, ќе играат Барселона – Осасуна и Реал Мадрид – Атлетико Мадрид.