Амет Сакиров во срцето го носи Вардар Неготино, а човекот со 92 години е највозрасниот навивач на еден спортски клуб можеби и во Македонија. Станува збор за господин кој е по потекло од неготинскиот крај, а веќе 60 години живее во Истанбул. Иако шест децении е надвор од родното место, тој и до ден денеска кога е во можност доаѓа во Македонија и ги гледа мечевите на неговиот омилен ракометен клуб.
Неготинци по завршувањето на првата полусезона, се наоѓаат на прво место на табелата во Првата лига. Тие имаат 10 победи и по два порази и нерешени резултати. Амбициите на клубот за пролетниот дел се да влезе во Суперлигата и да биде дел од македонската клупска елита.
Во 14-тото коло викендов, Вардар во Неготино ја совлада Ринија со 40:30, а на тимот му беше доделен трофеј како подарок за одличната полусезона. На трофејот најмногу му се израдуваа „Винарите“ и чичко Амет. Ракометарите при позирањето со пехарот, му го дадоа пехарот на најстариот нивен поддржувач.